1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Страв од раздор

Иван Крастев
2 септември 2017

Стрес во ЕУ: западна и источна Европа сѐ повеќе се движат во спротиставени насоки. За да се спречи раздор во ЕУ, неопходно е Западноевропејците сериозно да ги сфатат стравовите на Источноевропејците, смета Иван Крастев.

https://p.dw.com/p/2jDGj
Ivan Krastev, Centre for Liberal Strategies
Фотографија: Ivan Krastev

„Човекот е склон кон тоа поредокот во кој живее да го смета за природен“, напиша Чеслав Милош во 1951 година, сумирајќи ги трагичните искуства на воената генерација во Европа. „Куќите кои ги одминува на патот до работа наликуваат повеќе на карпи кои изникнуваат од земјата отколку на производи на човекови раце... Тој не може да верува дека еден ден коњаник би можел да се појави на улицата која добро ја познава, каде мачките спијат, а децата играат, и да започне да ги лови минувачите со своето ласо. Со еден збор, тој се однесува како Чарли Чаплин во 'Златната треска', кој трескавично скока наваму-натаму во една колиба која се наоѓа на работ на бездна.“

За Европејците, Европската унија беше еден таков природен свет. Тоа веќе не е случај. На крајот на 2016 година, ужаснати од Брегзит и вознемирени од победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори, многу Европејци паднаа во длабок очај. Тие се помирија со забелешката дека моментот на Европската унија во историјата е завршен. Сега, девет месеци подоцна, расположението е променето. Победата на Трамп беше повик до многу Европејци повторно да ја откријат нивната благодарност кон европскиот проект, а изборната победа на Емануел Макрон во Франција со горда проевропска платформа доведоа до тоа многумина да веруваат дека Унијата има втора шанса и дека ќе ја искористи најдобро што може. Евробарометарот, објавен минатиот месец, регистрираше голем пораст на јавното расположение кон ЕУ и единствената валута. Економските податоци, исто така, се охрабрувачки.

Јаз низ Европа

Но, летниот ентузијазам од 2017 може да биде исто толку краткотраен како очајот од крајот на 2016 година, бидејќи иако „моментот Макрон" драматично го промени расположението во Европа, тој не реши ниту еден од проблемите со кои се соочува Унијата во моментов. И додека можеме да се надеваме дека новото германско-француско раководство може да го надмине јазот отворен од финансиската криза помеѓу европскиот север и европскиот југ, постојат знаци дека може уште повеќе да се продлабочи расцепувањето Исток-Запад, отворено од бегалската криза.

Frankreich Präsident Macron präsentiert in einer Rede vor den französischen Botschaftern die Grundlinien seiner Außenpolitik
Фотографија: Reuters/Y. Valat

Парадоксот на сегашната ситуација е тоа дека додека анкетите на јавното мислење покажуваат одредена конвергенција меѓу источните и западните ставови кон бегалците и мигрантите (западната јавност стана повеќе загрижена и скептична, додека централноевропските жители малку ги омекнаа своите ставови во споредба со минатата година), тензиите меѓу Западот и Истокот во ЕУ ескалираа.

Во последниов месец, унгарскиот премиер Виктор Орбан јасно стави до знаење дека „пред 27 години тука, во Централна Европа, верувавме дека Европа е нашата иднина - денес чувствуваме дека ние сме иднината на Европа".

Ѕидови меѓу Истокот и Западот

Неколку недели подоцна, францускиот претседател Емануел Макрон одговори на критиките од Варшава за неговите идеи за реформа на пазарот на работна сила во ЕУ, велејќи: „Во никој случај одлуката на една земја, која реши да се изолира од работата на Европа, не го загрозува пронаоѓањето на амбициозен компромис".

Резимирано, популистичките лидери во Централна Европа не ја гледаат Унијата и нејзините вредности како модел што сакаат да го следат, додека западните лидери одлучија дека фактот што Централноевропејците гласаа за луѓе како Виктор Орбан и Јарослав Качински е причина да ги игнорираат легитимните стравувања од Источноевропејците, дека некои од предложените реформи, ако не се придружени со други политички иницијативи, можат да ја загрозат конкурентноста на нивните економии.

Не е тешко да се предвиди дека судирот меѓу централноевропските влади со непочитување на нормите и вредностите на Унијата и занемарувањето на западноевропските влади на интересите на Централна Европа може да предизвикаат раздор во Унијата токму во момент кога поголемиот дел од Европејците ја повратија довербата во Унијата.

Источноевропејците се и натаму меѓу најсилните поддржувачи на Унијата, но започнаа да имаат свои сомнежи за придобивките од европската интеграција. Истокот и Западот денес се поделени не само од ѕидот на емпатија кога станува збор за судбината на бегалците кои доаѓаат во Европа, туку и во однос на последиците од отворањето на границите во рамките на ЕУ, кога станува збор иднината на источна Европа.

Victor Orban Ministerpräsident Ungarn zu Besuch in Polen
Фотографија: picture alliance/dpa

Игнорирање на новородените стравови

Долго време граѓаните гледаа на отворените граници во ЕУ како на голема позитивна промена, која дојде по 1989 година. Денес, додека и натаму милиони Источневропејци планираат да студираат и да живеат на Запад, оние кои одлучиле да останат, слободното патување почнуваат да го гледаат во контекст на растечките нееднаквости во примањата меѓу земјите во Унијата како извор на стравови. Парализирани од демографските стравови многу луѓе во Источна Европа почнуват отворените граници да ги сфаќаат како отворена порта за трансфер на благосостојба од Исток кон Запад. Многумина се прашуваат зошто да се инвестира во подобро образование, кога оние кои најмногу ќе профитираат од тие вложувања ќе бидат западноевропските општества.

Значи, додека Брисел, Берлин и Париз се целосно во право кога јавно го критикуваат автократскиот пресврт во некои источноевропски земји, би направиле огромна грешка ако одлучат да ги користат Орбан и Качински како оправдание за игнорирање на новородените стравови во Истаочна Европа, кога станува збор за иднината на ЕУ.

Иван Крастев е раководител на „Центарот за либерални студии“ во Софија и член на Институтот за науки во Виена. Крастев е еден од основачите на тинк-тенкот „Европски совет за надворешни односи“. Од 2015 година тој редовно пишува анализи за меѓународното издание на американскиот весник „Њујорк Тајмс“.