МПЦ ѝ благодари на Мајката-Црква БПЦ
27 ноември 2017Под овој наслов на сајтот на МПЦ-ОА денеска е објавено соопштение во кое се вели дека Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) изрази благодарност до бугарскиот патријарх Неофит и до членовите на Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква кои денеска донесоа решение за писмото од Македонската православна црква.
„Донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автофекалност на Македонската православна црква во семејството на Помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ-ОА да и биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел“, се вели во соопштението од МПЦ-ОА.
Од МПЦ-ОА посочуваат дека „двете цркви имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој“.
Светиот синод на Бугарската православна црква на денешната седница одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква.
Повеќе на оваа тема:
- БПЦ под жесток притисок: Интелектуалци бдеат во поддршка на МПЦ
- Ковачев: БПЦ да ја прифати подадената рака од МПЦ
- Славов: БПЦ има обврска да ѝ помогне на МПЦ
- Не стануваме Бугари ако БПЦ нѐ признае како мајка-црква
Што значи конкретно таа одлука?
Според извори во МПЦ-ОА, тоа значи дека БПЦ „формално“ ја прифаќа улогата на мајка-црква, а целосно и суштински ќе биде прифатена кога ќе почне да служи со МПЦ-ОА. Овој меѓучекор и овие „мали нијанси“ ги толкуваат како обид на БПЦ за да обезбеди време и да види како ќе реагираат другите цркви. Изворите со кои разговараше ДВ велат дека оваа одлука со радост е дочекана во МПЦ.
Во ситуација кога МПЦ ја признава Бугарската православна црква за своја мајка-црква, БПЦ презема обврска како посредник да се залага кај другите православни цркви и да преземе чекори за утврдување на канонскиот статус на МПЦ. Вака гласи одлуката на Синодот на Бугарската православна црква на писмото од 9 ноември годинава, со кое МПЦ понуди да ја признае БПЦ како своја мајка-црква.
Одлуката, се наведува во соопштението на БПЦ, е донесена едногласно. Формирана е комисија за преговори со МПЦ и останатите помесни православни цркви за признавање на канонскиот статус на МПЦ чиј претседател е Старозагорскиот митрополит Киприан, а членуваат уште седум други митрополити.
Бугарскиот патријарх Неофит во пресрет на седницата на Синодот изјави дека треба да се прифати подадената рака од МПЦ.
„Тоа е најмалку што може да се стори, затоа што тие се наши браќа, наш народ. Ќе се трудиме да го зачуваме тоа единство“, рече Неофит.
Пред седиштето на Светиот синод во Софија од утрово се собраа бројни интелектуалци и верници со цел да ја охрабрат БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ. Тие носеа транспаренти со пораки „Не ја отфрлајте подадената рака на нашите браќа од Македонија“, „Бугарската патријаршија мајка - црква на МПЦ- Охридска архиепископија“, а им се приклучи и бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов. Според бугарската агенција БГНЕС, пред синодот присуствувале и потомци на големи македонски семејства како Миладинови, Дрангови, Шапкареви, Прличеви и Развигорови.