1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мутацијата на Реџеп Таип Ердоган

Даниел Хајнрих
14 март 2018

Реџеп Таип Ердоган пред 15 години стана турски премиер. Стартуваше како реформатор, а во меѓувреме успеа во себе да ги обедини сите карактеристики на авторитарен владетел, коментира Даниел Хајнрих.

https://p.dw.com/p/2uI2c
Türkei Erdogan Rede Operation Olivenzweig
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Cetinmuhurdar

Едно нешто треба да му се признае на Ердоган: навистина е лесно човек да не го сака. Актуелниот турски претседател, кој пред 15 години стана премиер, дава наредби за бомбардирање на Курдите, за ставање во затвор на опозициски политичари и новинари. Тој ги советува жените колку деца треба да родат, а во дипломатските битки со странски државници радо посегнува по етикети за нацизам, за да ги замолчи своите критичари.

Ердоган во текот на годините стана она што всушност не требаше и не смееше,  сите се согласни, тој е зол, нијансирање веќе не постои.

Европеец на годината

На почетокот на политичката кариера на „РТЕ“, како што го нарекуваат неговите приврзеници, беше поинаку. Потомокот на еден сиромашен морнар од истанбулскиот пристанишен кварт Касимпаса предизвика толку силни политички и општествени турбуленции како никој друг по основачот на државата, Кемал Ататурк. Ердоган на почетокот на својот премиерски мандат поттикна мировен процес со Курдите во земјата, се погрижи за укинување на дискриминирачката забрана за носење шамија на универзитетите, војската ја стави под цивилна контрола и воведе низ целата земја општо итно медицинско згрижување. Економската политика на неговата влада на чело со партијата АКП ѝ помогна на земјата да постигне вистински стопански бум, а на многумина Турци им овозможи влез во средна класа. Токму поради овие реформи и успеси до денешен ден многу Турци го поддржуваат Ердоган.

Ердоган ја приближи Турција кон Европа како ниеден друг политичар пред него. Европската интелигенција беше одушевена: во 2004. година Ердоган дури беше прогласен за „Европеец на годината“, во октомври 2005. година почнаа преговорите за пристап на земјата кон ЕУ.

Heinrich Daniel Kommentarbild App
Даниел Хајнрих

Раскин со Западот

Денес од оваа наклоност нема ништо останато. Освен договорот ЕУ-Турција за бегалците и стабилните трговски односи, целокупниот став на Ердоган кон Европа носи печат на длабока недоверба. Тоа се должи и на неговиот импулсивен карактер: фрустриран поради тоа што не може да го усогласи процесот на приближување кон Западот со своето внатрешнополитичко реформско темпо, ловецот на гласови Ердоган одамна се насочи кон „арапската улица“, поводлив примател на неговите тиради. Легендарен е неговиот настап на Светскиот форум во Давос во 2009. година, каде целосно шокираниот израелски претседател и добитник на Нобеловата награда за мир, Шимон Перес, на јавен подиум го нарече „убиец на деца“.

Ваквите говори на омраза станаа двојни автоголови за Ердоган. Од еднастрана со нив тој ги брка своите преостанати поддржувачи во Европа. Од другастрана пак со нив тој ги храни (десно-) конзервативните предрасуди на оние кои отсекогаш гледале со сомнеж на овој лидер на муслиманска земја со 80 милиони жители, од кој блика сила.

Повеќе на темата:

 Ердоган и „непријателите на Турција“

Турција на Ердоган е загубена

Авторитарен и коруптивен

Се чини, на Ердоган сѐ поважно му е единствено зачувувањето на власта и трупањето богатство: на внатрешнополитички план, обвинувањата за корупција против него, присутни од 2009. година, се во директна колизија со сликата на побожен муслиман, каква што Ердоган радо сака да ја претстави во јавноста. Расположението кон Ердоган во западната јавност доживеа пресврт најдоцна со бруталното задушување на  протестите во Гези паркот во 2013. година, оттогаш отсуствува речиси секаква позитивна оценка за неговата личност.

А поради тоа што про-курдската партија ХДП со нејзиниот харизматичен лидер Селахатин Демирташ на парламентарните избори во летото 2015. година пожнеа енормен успех и во Турција одеднаш стана видлива политичка алтернатива, Ердоган по брза постапка го прекина мировниот процес со Курдите. Тој почна одново со бомбардирања на целите курдски региони во источниот дел од земјата.

Масовни апсења по обидот за пуч

Во фокусот на неговиот бес се најде и движењето на неговиот поранешен соработник, конзервативниот проповедник Фетула Ѓулен. Неуспешниот пуч во летото 2016. година беше повод за бран масовни апсења на наводни приврзеници на проповедникот. Во ловот на Ѓуленисти жртви станаа околу 50.000 луѓе.

Како што веќе рековме: Ердоган во текот на годините стана она што всушност не требаше и не смееше во услови на демократска дебата, сите се согласни, тој е зол, нијансирање веќе не постои.