МХ17- Кремљ ги манипулирал сателитските снимки?
1 јуни 2015Како што изгледа, руската влада извршила манипулација на сателитските снимки за падот на летот МХ17 на 17 јули 2014 година во источна Украина, за да докаже наводна вина на украинската влада. До овој резултат доаѓа анализа на независни истражувачки новинари. „Форензичката анализа“ покажува „недвојбено и несомнено“ дека сателитските снимки се погрешно датирани и дигитално се преработувани со помош на софтверот на Фотошоп ЦС5, се вели во извештајот на истрагата, цитиран од интернет страниците на „Цајт“ и „Шпигел“.
Тимот на истражувачката платформа Белингкет, според сопствени наводи, анализирал две сателитски снимки на руското министерство за одбрана, кои требаше да докажат дека на денот на падот на авионот во регионот била активна украинската противвоздушна одбрана. Руската влада ги презентираше фотографиите на 21 јули 2014, значи неколку дена по падот на авионот, на прес-конференција во Москва.
Дигитално поместување на ракетниот фрлач?
Како што тврди руската страна, на едната фотографија се гледа дека на денот на падот на авионот најмалку еден од Бук-ракетните фрлачи на украинската војска не се наоѓа веќе во воената база северно од Доњецк. Втората сателитска снимка наводно докажува дека два самоподвижни ракетни фрлачи и едно друго воено возило на украинската армија биле стационирани источно од селото Зарошинское.
„Овие комплекси се во состојба да погодат цели на далечина до 35 километри и до висина од 22 километри“, беше речено на прес-конференцијата. Според тврдењата, ракетните фрлачи биле во близина на летот МХ17.
Истрагата на новинарскиот тим сега покажува оти презентираните снимки од страна на руското министерство за одбрана се направени многу порано од денот на соборувањето на авионот. Првата сателитска фотографија е настаната меѓу 1 и 18 јуни 2014, а втората пред 15 јули 2014, известува „Шпигел онлајн“.
Тоа го покажуваат споредбите со јавно достапните сателитски снимки од истиот временски период, на пример од Гугл. Освен тоа, фотографиите се преправани: на едната ракетниот фрлач е остранет, а на другата е дополнително ставен, пишува „Цајт“.
298 жртви
Боингот 777 на „Малезија ерлајнс“ со лет број МХ17 на 17 јули 2014 година беше соборен над источна Украина, при што загинаа сите 298 луѓе во него, меѓу кои 193 Холанѓани и четворица Германци. Боингот беше на релација Амстердам-Куала Лумпур и на висина од 10.000 метри веројатно беше погоден од ракета во област во источна Украина, каде војуваа проруските сепаратисти и украинската армија.
Бидејќи мнозинството жртви беа од Холандија, земјата ја презеде водечката улога во истрагата за несреќата. Според првиот извештај, авионот бил погоден од бројни објекти од надвор. Кој пукал во авионот, се‘уште е нејасно. Завршниот извештај веројатно ќе биде готов до в лето.
Украинската влада и повеќе западни држави за катастрофата гледаат вина во Русија, која ги снабдува сепаратистите со ракетни системи. Русија, исто као и сепаратистите, одрекуваат одговорност и вината ја гледаат во украинската армија.