1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија ѝ треба нов деловен модел

Хенрик Беме
11 април 2022

Германската благосостојба во голем дел се заснова на увоз на евтини енергенси. Тие времиња се минато, а преобразбата во економија без јаглероден диоксид би можело да биде решение, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/49fu4
Deutschland | Schiffsunfall in Hamburg
Фотографија: picture alliance

Првата жртва во војната е вистината. Во изминатите недели убиствената руска инвазија врз Украина ја покажа вистинитоста на таа изрека. Но, во такви времиња исто така е точно дека гласно се изговораат некои вистини кои во други околности не би биле толку јасно изречни.

Тоа се случи деновиве кога Мартин Брудермилер, шеф на најголемиот германски хемиски концерн БАСФ во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, на прашањето дали Германија со  увоз на нафта и гас  ја финансира војната на Путин, одговори дека е факт оти „руските испораки на гас досега беа база на конкурентноста на нашата индустрија“. Додаде дека запирањето на увозот би „ја разориле нашата благосостојба“, бидејќи тоа конкурентско снабдување со енергенси е „битен составен елемент на  економската сила на Германија.“

Така шефот на БАСФ успеа многу директно да го опише досегашниот деловен модел на Германија, кој ја создаде една од најсилните економии во светот и ја направи земјата една од водечките извозни нации. Се увезуваа релативно евтини енергенси и врз таа основа висоскоразвиената хемиска индустрија со добро платени стручњаци, развиваше барани производи, кои потоа со добра заработувачка беа продавани во светот. „Меид ин Џермани“ – тоа уште се производи со светски имиџ.

Русија, Кина и глобализацијата

Секако, тука има и други фактори. На пример – Кина. Германските фирми благовремено се качија на кинескиот воз на секавичен развој. Така Кина стана и важен испорачувач на  суровини  и огромен пазар за германски производи. За германската автомобилска индустрија, Кина моментно е најважен пазар на светот. Само Фолксваген таму продава 40 % од своите автомобили. Покрај сето тоа доаѓа и напредокот на глобализацијата со џиновски чекори, што одеше во прилог на извозно ориентирана земја како Германија.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Евтините  руски енергенси,  огромниот кинески пазар, глобализацијата и јаката домашна индустрија, од таа мешавина настанаа две работи: од една страна огромен трговски суфицит (Германија извезува неспоредливо повеќе отколку што увезува, што е постојан предмет на критика на германските трговски партнери), а од друга страна се разви екстремна зависност од Русија и од Кина.

Сега, поради бруталната војна во Украина, многу нешта се разнишаа. Исто како и во почетокот на пандемијата, некои набљудувачи зборуваат за „крај на глобализацијата“ или барем за тоа дека мора да се стекне поголема независност кај одредени производи.

Завеси како мини соларни централи

Недостигот од заштитна опрема и медицински маски на почетокот на пандемијата на коронавирус на многумина во Германија им ги отвори очите. Сѐ погласни беа барањата да се спроведе „решоринг“, враќање на производните погони во земјата. Но, реализацијата се покажа како многу комплексна приказна.

Биполарен економски поредок?

Сега, по руската инвазија, работите повторно се променија. Германија, па и Европа, се принудени на еманципација од увозот на руски енергенси, ако не се сака на агресорот од Кремљ постојано да му се полнат касите и воениот буџет. А повторно се поставува и прашањето за преголема зависност од  Кина.  Имено, Пекинг во овој судир застана на страната на  Русија,  секако не од преголема љубов кон Путин, туку поради енергетска жед, поради руските суровини и големиот пазар. Во секој случај, тие две земји се сложни во отфрлување на западните вредности како владеење на правото, слобода на мислење и толеранција.

Војната означи крај на „30 величествени години на глобализација“, вели познатиот економист Габриел Фелдермајр. Дали светот се распаѓа во нови блокови? Овде Запад со Европејците и Американците, таму Кина која доминира со сојуз со Русија и можеби Индија (иако е тешко да се замисли: Русија како помлад партнер, Индија заедно со Кина?). Таков биполарен економски свет нужно би имал драматични последици за профитерите од глобализацијата како Германија.

Со тоа имено би била загубена основата за погоре опишаниот економски модел. Значи, потребно е пронаоѓање на нешто ново. Германската економија сепак има покажано дека поседува исклучителна способност за прилагодување. Таа способност е и сега  потребна. Нова организација на вкупното снабдување на земјата со енергија нуди единствена шанса за забрзување на еколошко преобликување на економијата.

Мораме да се насочиме кон тоа сами да произведуваме што повеќе енергија, а зелената енергија и онаа врз база на водород би довеле до вистинска конкурентност на Германија како место на производство. Ако се оствари тукушто објавениот план на министерот за стопанство, Роберт Хабек, според кого обновливите енергии би биле „од исклучителен јавен интерес“, а снабдувањето со електрична енергија во рок од 13 години речиси целосно засновано на енергија од ветар, сонце и биомаса, тоа би бил голем потег.

Со тоа и германската индустрија би била во состојба и натаму да ги нуди своите производи трошејќи поволна енергија. Со тоа и во иднина би се обезбедила благосостојбата на Германците.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58