1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакет за помош кој не помага никому

Хенрик Беме/превод:БГ19 август 2015

Очигледно следниот пакет помош за Атина е на пат. Ни тој, како ни претходните, нема да помогне. Сега се потребни радикални решенија, односно бришење на долговите на Грција, смета Хенрик Беме

https://p.dw.com/p/1GHZW
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Европските банки сега повторно се тресат и повторно ќе се спасуваат со пари од нашиот данок. Токму тоа се случува кога на главните грчки банки им се даваат 25 милијарди евра од пакетот кој Европејците во овој момент го градат за своето проблематично дете- Грција.
Банките се во неволја затоа што нивните клиенти масовно ги повлекоа парите кои ги чуваа кај нив. Тоа го сторија бидејќи повеќе немаа доверба во политиката на сопствената држава која ветуваше дека ќе ги извлече од калта. Или затоа што веруваат дека германскиот министер за финансии е зол човек кој ќе им ја украде целата заштеда. Или затоа што го гледаат она што не може да се превиди: каква ќе биде користа од, веќе, третиот пакет помош кога ни првиот, ниту вториот ништо не поправија во грчката криза?

Не, се‘ е блокирано. Грција е вреќа без дно и единственото што ќе биде резултат од најновиот пакет помош е дека некое време ќе биде мирно. Така беше и по пакетот број еден и број два кои во последните пет години во грчките благајни прелија 240 милијарди евра кредити. Така беше и по простувањето на дел од долгот на почетокот на 2012 година кога планината од грчкиот долг се намали за 107 милијарди евра.
Да се обложиме: за две-три години сиртакито ќе започне отпочеток, само без Алексис Зорба. Но наместо Гркот кој танцува ќе се најдат нервозните Европејци кои имаат други проблеми во животот.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Грекзит е погрешен пат

Па што да се прави тогаш? Да се исфрлат Грците од еврозоната и да им се врати драхмата, како што еден угледен економист од Минхен упорно повторува секој пат кога ќе види микрофон пред него? Дали величествената идеја за обединета Европа ни е навистина толку неважна? За нив тука нема место- марш надвор!
Секако дека проектот Европа содржи во себе драматични грешки во конструкцијата. Кризата на Атина ни помага тие грешки да ги воочиме и да почнеме со поправки. Но Европа исто така би требало да значи и солидарност, потребно е да се биде во состојба да се пронајде пат за заедничко решавање на грчкиот проблем.
Може да се има разбирање за секој од оние пратеници во германскиот парламент кој ќе гласа против новиот пакет помош за Грција. Но, не е доволно само да се каже „не“, туку и да се развијат нови идеи, да се дадат предлози, алтернатива како Грците сепак да се задржат во еврозоната.

Солидарноста мора да биде европска доблест

Оковите мора да се скршат, а тоа единствено може да биде радикално простување на долговите за што се залага и ММФ. Во Вашингтон, имено, на многумина веќе им е преполн куферот со постојаното занимавање со економски беззначајната нација на југот на Европа, додека многу други членки на ММФ во кои навистина владее глад, имаат проблеми од сосема поинакви димензии.
Со тоа нема да се стекнат многу пријатели во Берлин, но и таму одамна знаат дека поинаку не оди, само што така не смее да се нарече. Дури и продолжувањето на отплатата на долговите на 60 години е погрешно решение: тоа нема да го доживее нити еден од оние кои на таа тема деновиве расправаат.
Она што се бара е храброст: храброст да се каже вистината, што некого, во најлош случај некого може да го чини функција. Грција мора да добие шанса да создаде економски систем кој ќе носи добивка, даночен систем кој ќе собира даноци. Таа мора на своите граѓани да им понуди перспектива, за тие да не ги праќаат своите пари во странство.
Може ли тоа да успее во текот на владеењето на Ципрас чија влада ја чинеше Грција многу пари, наместо да ги создава? Во тоа може сериозно да се сомневаме. Но за тоа треба да одлучат самите Грци. Како што изгледа, таму и онака набрзо ќе има избори.
Европа би требало да ја покаже својата подобра страна, да помогне со своевиден Маршалов план. Тоа би бил најдобриот одговор за бројните противници на Европа кои одамна стануваат се‘ погласни- и тоа не само во Атина, туку и во многу други главни европски градови.