1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

На Западот му е потребна кохезија

21 февруари 2022

На Минхенската безбедносна конференција постојано имаше предупредувања од воена интервенција на Русија во Украина. Но, додека Западот се колне во единство, германскиот став е контрадикторен, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/47Kxa
Минхенска безбедносна конференција 2022: фотографија од обраќањето на потпретседателката на САД, Камала Харис
Минхенска безбедносна конференција 2022: фотографија од обраќањето на потпретседателката на САД, Камала ХарисФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Некако беше морничаво да се слушаат говорите на Безбедносната конференција во Минхен која се одржа викендов. Многу се зборуваше за европска кохезија, за едно ново цврсто трансатлантско партнерство, особено меѓу Вашингтон и Берлин. Се зборуваше дека НАТО не му се заканува никому, па ниту на Русија, дека уште има простор за преговори и дека со сите расположливи средства мора да се спречи војна во Украина. Сето ова звучеше речиси како завет.

Истовреме во Бајеришер хоф каде што се одржуваше конференцијата, пристигаа најновите вести од границата меѓу Русија и Украина. Се информираше за голем руски маневар викендов кој го надгледувал лично рускиот претседател Владимир Путин, како и за мобилизација на про-руските сепаратисти на Истокот на Украина. Во Минхен се дебатира и апелира на западните вредности, Путин креира факти. Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон пак изјави дека верува оти Путин ќе ја нападне Украина.

Германски нијанси во политиката кон Русија

Што да се прави? Лесно е сега да се обвинува Европа, а пред сѐ Германија за пасивност. Малку нешта се во рацете на Европејците, но сепак се забележуваат нијанси. Во петокот, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, од Зелените, она што се случува го нарече “руска криза“, а не украинска, јасно именувајќи го агресорот. Таа прецизно го посочи и гасоводот Северен тек 2 меѓу санкциите во случај на руска воена интервенција. Со други зборови: Северен тек 2 кој е веќе готов нема да биде приклучен на мрежата доколку Русија ја нападне Украина и поместува граници.

Повеќе: На повидок ли е самит Бајден-Путин за Украина?

Но, затоа пак германскиот канцелар Олаф Шолц во неговиот говор во саботата и прашањата кои потоа следеа си остана на доследен на својата тактика од претходните недели и денови и не го спомена гасоводот. Шолц и неговата партија СПД, сега се соочуваат со последиците од нивната политика кон Русија која преовладува многу години наназад, фокусирана на тоа да тече дипломатската и економската соработка и покрај зголемените провокации од Русија. 

Јенс Турау, автор на коментарот
Јенс Турау, автор на коментарот

Кога Шолц беше запрашан за неговото „не“ за испорака на оружје во Украина, му излета една реченица која всушност ги сумира главните карактеристики на германската политика во овој момент: Украина добива доволно оружје од други земји, рече Шолц. Овој начин на дистанцирање кога треба да се завршат валканите работи, делува чуден и не е во чекор со времето.

Многу обиди да се протоколува Путин

Интересно е како во Минхен постојано се анализираа мотивите на рускиот претседател Путин. Шолц извести за неговата средба од пред некој ден со Путин во Москва. Тој јасно му ставил до знаење дека не може да прифати оти причина за неговата агресивна политика е фактот што НАТО по крајот на Студената војна се проширил кон Исток. Ако се погледне назад во светската историја, според Шолц, на пример неколку века, сигурно ќе се најдат причини за поместување и на други граници. Ова е точно без дилема, но дали со овој аргумент го импресионирал Путин?

Повеќе: Пендаровски за ДВ: Руско-украинската криза е сѐ поблиску до конфликт

Во нејзиниот говор, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека во меѓувреме во Украина има цела генерација млади луѓе кои се ориентирани кон Западот, кон западната демократија и пазарната економија. Путин особено се плаши од оваа појава. И тоа тешко може да се негира, но ќе помогне ли да се спречи ескалација?

Дипломатијата на тест

На претставниците на старите западни сојузи – НАТО и ЕУ – во Минхен им останува само да ја зајакнат кохезијата и да покажат единство. И тоа насекаде. Речиси сите говорници потврдија дека при можна интервенција Путин ќе плати висока цена. Потпретседателката на САД, Камала Харис во својот страстен говор ја нагласи кохезијата на Западот и се воздржа од било каква критика за сојузниците, па дури и за Германија, иако во Вашингтон има доста критичари. 

Сега се работи за многу повеќе, не само опасноста за Украина, туку и пошироко. Урсула фон дер Лајен, на пример, изјави дека Русија и Кина ставаат акцент на сосем нов светски поредок – поконфронтациски курс во кој автократските држави играат многу поголема улога, а „олдскул“ дипломатијата ќе биде втурната во втор план.

Тоа е она што ја направи средбата во Минхен, да речеме, морничава. На крајот на краиштата Безбедносната конференција во основа е токму тоа: бина за разговори, и покрај сите разлики, пред камери, но многу повеќе во позадина, со претставници од сите табори, вклучително и недемократските. Мотото гласи – додека преговарате, не пукате еден во друг. Но, Путин во моментов се движи во сосем друга насока.