1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На која порта чука Груевски?

23 септември 2017

Обидувајќи се да им се приближи на Албанците, Груевски тврди дека тие подлегнале на измамите на СДСМ, откако Македонците ги отфрлиле тие „лаги“. Несфатливо потценување на албанските граѓани

https://p.dw.com/p/2kXHY
Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Демократијата во Македонија е во опасност – им изјавил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на европските амбасадори на изненадувачката средба во седиштето на партија во вторникот. Изгледа како шега, но не е. Тоа ни го потврдија дипломати кои беа присутни на средбата. Имало уште многу интересни детали – дека поканата била од страна на партијата, дека Груевски точно на време дошол на состанокот, дека зборувал кусо на почетокот и потоа им препуштил на своите соработници од Извршниот комитет да кажуваат редица примери за притисоци врз обични луѓе и некои функционери во општините пред гласањето на локалните избори. Дека партијата се плашела оти изборите можат да бидат наместени, веројатно според истите обрасци како што тоа се правеше изминатите циклуси. Всушност, една средба за вмровско плачење врз рамењата на триесетина дипломати за ситуацијата со која уште не можат да се соочат – дека веќе не се на власт во државата. Дипломатите велат дека највпечатливото од се било што Груевски не кажал ништо што би можело да заличи на визија, некаков нов светоглед што ќе прави партијата во новите времиња и како би се обидела да ја сврти политичката фортуна повторно на своја страна. Со три збора - еден празен извор.

Но е добро за групна фотографија. Триесетина дипломати седнати на долгата маса во белата зграда, под сликите со настани од вмровското минато, а наспроти нив лидерот Груевски и четири-пет члена на Извршниот комитет – тоа може да заличи на херојство во некаква нерамноправна битка. Плус да се покаже дека странците уште гледаат во Груевски кредибилен фактор. Треба да се продаде уште една илузија пред изборите. И за гласачите, а и на самиот Груевски му треба обновување на илузионистичката доза.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Двете лица на Груевски

Многумина ќе речат дека треба уште да се пишува за стоте дена на владата, за нејзиниот ентузијазам и скромните резултати или за несмасниот скеч на владините пропагандисти околу ракувањето на Доналд Трамп и Зоран Заев (нашиот премиер не беше толку истраен како Емануел Макрон). Политичката матрица на размислувањето и придонесот на опозицијата ќе биде еден од важните моменти за реформите во државата (барањето за нивно побрзо спроведување го кажаа во ист ден и комесарот за проширување Јоханес Хан во Њујорк и евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервјуто за Телма), затоа што општеството треба да излезе барем малку пообединето отколку што е поделено сега. Владата треба да го заврши својот дел, а опозицијата треба да помогне за забрзување на патот кон ЕУ.

Но, во истиот ден, во вторникот, Груевски покажа две лица - едното од пропагандистичката слика со амбасадорите (забележливо, на фотографиите го немаше американскиот амбасадор Џес Бејли), а другото на интервјуто со Назим Рашиди на Алсат М. Ова интервју не беше важно само поради тоа што Груевски за прв пат по десетина години се соочи со вистинска новинарска ситуација, туку поради впечатокот на јавноста дека тој ништо не научил од настаните што се случија во последниве две години, ниту од разврската по изборите. Во основа не е важно дали интервјуто било снимано пред или после средбата со дипломатите, туку важни се двете лица на овдешниот бог Јанус. Ако во соопштението на партијата се вели дека „од страна на Груевски било истакнато дека стратешки приоритет на Република Македонија претставува членството во Европската Унија (каде е НАТО? н.з.) и за тоа е многу важна поддршката од европските пријатели со цел придвижување на процесите", тогаш зошто зборуваше нешто сосема друго во интервјуто истиот ден.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

На чудење на Рашиди тој лесно ја отфрли клучната забелешка на Европската комисија во нејзиниот извештај дека Македонија е „заробена држава“, воспевајќи ги вака годините на своето владеење: „Не постои во реалноста ’заробена држава‘. Македонија никогаш не била заробена држава, туку слободна држава на слободни граѓани, кои слободно живееја и слободно гласаа на избори“. Со еден збор, го прогласи извештајот на Европската комисија за ништовен, додека во истиот ден бараше помош од амбасадорите на земјите на ЕУ и НАТО изборите да биле фер и регуларни. И за да го потврди ова негирање на оценката на Брисел, ја повтори старата приказна – дека сето тоа било дел од широката пропаганда против неговата партија со единствена цел: да се урне ВМРО-ДПМНЕ. А потоа да дополни дека „живееме во период на политичка хајка и прогон на ВМРО-ДПМНЕ“, дека „бомбите“ биле „креирани материјали кои станаа инструмент за отстранување на ВМРО-ДПМНЕ од власта“ и дека целото прислушување го правеле луѓе од МВР кои биле поврзани со СДСМ. Тоа е она потсвесното и свесното поистоветување на целата партија само со него самиот и дузината негови најблиски соработници. А партијата мора да биде поставена како бедем во одбрана на нивната загрозена слобода. Па ќе изјави дека не поддржува никакво бегање, како што тоа го направија двајцата функционери од Петтата управа на МВР, но можел да го разбере тоа поради атмосферата во која што сме живееле.

Ова интервју е важно затоа што со него може да се одредат насоките во кои ќе дејствува ВМРО-ДПМНЕ во „постреволуционерните години“. Обидувајќи се да ги исправи грешките спрема Албанците (тоа веќе многу пати беше најавено) Груевски не успеа да избега од самовеличието тврдејќи дека „кон Албанците сме направиле исклучиво само добри дела“, читајќи бројки за изградени патишта и отворање нови работни места во Полог, до субвенциите за земјоделците од тој регион, за потоа во една реченица да ги потцени албанските граѓани. „Кога измамите и лажењата на СДСМ не им поминаа кај Македонците тие отидоа со стратегија да ги привлечат Албанците и да го оцрнат ВМРО-ДПМНЕ во голема мера“. Заклучокот од таа елаборација беше дека Албанците биле измамени од СДСМ.

Ваквите тврдења за еден искусен политичар се несфатливи, па дури и сегреционистички. Во оваа држава има еден народ, Македонците, кој бил доволно свесен да не подлегне на измамите и лагите на сдсмовците и нивниот лидер Заев, но Албанците, ете, биле помалку свесни, па таа манипулација кај нив лесно поминала. Каков е овој третман на граѓаните на коишто сакаш да им се приближиш? Како од француските колонијални времиња на Нигер? Или, едноставно, се уште не може да сфати што се случи и зошто „најдрагиот водач“ меѓу Македонците е толку многу одбивен меѓу Албанците. Сосем веројатно е дека историјата на политичките оценки за него во последниве десетина години треба да се преправа. Ваквите изјави ги фрлаат во фиоката за погрешни проценки оние тврдења за него како многу способен и вешт политичар, кој секогаш знае што сака и може да ги предвиди настаните. Па уште изјавата, по мало мислење, дека нема работа од неговото владеење за која има одредено каење, ја цементира перцепцијата дека тој е најмногу опседнат со себе и неговата улога во овој дел од македонската историја. Со ова интервју Груевски сам го отвори процесот за целосно преиспитување на неговата улога не само внатре во неговата партија, туку и кај пошироката јавност.

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei
Фотографија: Nova TV

Пратениците најголеми жртви на заблудата

Наместо да ги погледне резултатите од анкетата на ИРИ (кои вмровците донеодамна ги наведуваа како своевидна библија) поширокиот круг околу раководството на партија влегува од грешка во грешка. Пратениците се најголеми жртви на оваа заблуда. Во овие три месеци тие се фрлени во бесмислени ровови од кои секој ден излегуваат во залудни јуриши. Наместо да ги читаат говорите во голема мерка напишани од друг, можат малку да ги реазгледаат резултатите од мислењето на граѓаните, кои се спротивни од сето она што тие го зборуваат во бесмислените реплики. Не за стрмоглавиот пад на популарноста на Груевски и за неспорно најпочитуваната јавна личност, специјалната обвинителка Катица Јанева, туку за драматичната промена во перцепцијата на граѓаните дека Македонија се движи во помирни води по големата криза, дека оптимизмот преовладува, дека економијата во наредните две години ќе се подобрува а нема да се влошува и дека ВМРО-ДПМНЕ веќе сериозно заостанува зад СДСМ. Оваа анкета, чии резултати се речиси исти како и на онаа на Телма, покажува колку е погрешна стратегијата на партијата која до пред една година се славеше дека има неприкосновена пропагандна машинерија.

Очигледно дека партијата станува жртва на политичкото слепило (а уште повеќе и стравот) на нејзиниот лидер Никола Груевски. Тој се обидува да го запре тркалото на историјата од кое тој испадна како од караваните на американските доселеници, па најавувајќи ја промоцијата на партиските кандидати за петокот вечерта соопшти дека „ќе ја презентираме нашата визија, новата ера за Македонија. Почнува ново утро, доаѓаат нови победи. Подобри денови за граѓаните“, не сфаќа дека мнозинството граѓани мислат дека новата ера и подобрите денови за Македонија се веќе дојдени и дека за него во таа нова ера нема улога. За лидерите во политиката кои мислеле дека се семоќни и дека може да ги контролираат животот и смртта на граѓаните, тоа е ужасно сознание од кое тешко можат да се соземат.   

Тој, веројатно, сепак, длабоко во себе разбира дека има малку порти каде што може да тропне во Македонија, а не му остана речиси ниедна во некој европски град. И дека за новата ера на партијата ќе и требаат нови луѓе, кои нема тој да ги бира.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи