1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Ципрас му истекува времето

Јанис Пападимитриу Превод: Зоран Јордановски14 август 2015

Уште една Пирова победа на грчкиот премиер: само благодарение на помошта од опозицијата тој доби согласност од парламентот за новиот пакет за помош. Се чини дека нови избори се неизбежни, смета Јанис Пападимитриу.

https://p.dw.com/p/1GFc0
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Веќе одамна е јасно дека Алексис Ципрас нема сопствено парламентарно мнозинство за својата политика - во изминатите месеци постојано тој мораше да се потпира врз гласовите на конзервативната и социјалдемократската опозиција за да обезбеди опстанок на својата левичарско-крајнодесничарска владина коалиција. Од владини извори во изминатите денови беше напоменувано дека премиерот дефинитивно ќе ја загуби потпората во парламентот ако за новиот пакет кредити за Грција и условите за нив гласаат помалку од 120 левичарски пратеници.

Сириза е беспомошно раскарана

Сега се случи тоа: по маратонската седница на 300-члениот парламент, само 117 пратеници на Сириза гласаа за владиниот предлог, другите беа воздржани. Решавачката победа на премиерот уште еднаш му ја донесе широкоградата помош од опозицијата. Нејзините политичари со вчудовидување ги следеа отворените кавги меѓу поедини пратеници од владиниот табор, кои уште еднаш ја одолговлекоа седницата на парламентот. Тоа го наведе претставникот на фракцијата на конзервативците Кирјакос Мицотакис да констатира дека парламентот не е Централен комитет на Левицата, во кој се средуваат интерните партиски работи.

Сето тоа некому може да му изгледа забавно или да му предизвикува побуна. Но, во секој случај факт е дека така веќе не може понатаму. Шефот на владата едноставно не може да си дозволи половина од партијата, која му е верна, да агитира за политиката на штедење, додека другата половина организира „борбени комитети“ против „колонијализмот на ЕУ“, како што навести во меѓувреме сменетиот министер за енергетика Панајотис Лафазанис.

Згора на тоа, и шефот на опозицијата во парламентарната дебата јасно порача: од понеделник ќе заврши несебичната помош за владеачката левичарска партија!

Jannis Papadimitriou
Јанис ПападимитриуФотографија: DW

Тактичарот Ципрас

Затоа Ципрас нема никаков друг избор, освен да оди на предвремени избори. Но, тоа нема да го направи веднаш, туку прво, се претпоставува кон крајот на месецов, ќе постави прашање за доверба на владата; вешт потег, со кој ќе ги разобличи противниците во сопствената партија и ќе им ја префрли одговорноста за неуспехот на првата левичарска влада во историјата на земјата.

Но, ни опозицијата не би требало прерано да се радува на нови избори: навистина левичарскиот премиер е во тешка ситуација да мора да објасни зошто по неполни десет дена од јулскиот референдум отстапи, ја потпиша спогодбата за кредитирање која претходно ја оцрнуваше и ја отфрли својата предизборна програма. Но, во споредба со конкуренцијата, Ципрас и натаму има една решавачка предност: тој спаѓа меѓу малкутемина врвни политичари кои веродостојно можат да укажат на тоа, дека нема никаква врска со старите партии и политичките кланови, кои ја дотераа Грција до најтешката економска криза во поновата најзина историја.