Навални бил отруен со нервен отров, тврди германската влада
2 септември 2020Опозицискиот политичар Алексеј Навални бил отруен со Новичок, тврди германската влада повикувајќи се на резултатите од испитувањата. На Навални ненадејно му се слоши на лет од Сибир кон Москва на 20 август годинава. Првично беше сместен во болница во рускиот град Омск, а подоцна беше префрлен во Берлин.
Лекарите во берлинската болница Шарите минатата недела соопштија дека постојат индикации оти Навални бил отруен.
Портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт денеска соопшти дека тестовите кои биле спроведени во германска воена лабораторија докажале постоење на „хемиски нервен отров од групата Новичок“.
„Шокантно е што Алексеј Навални во Русија бил жртва на хемиски нервен отров“, рече Зајберт.
„Германската влада најостро го осудува овој напад“, рече тој. Од руската влада се бара под итно да се изјасни за случајот. Германската влада ќе се консултира со партнерите од ЕУ и НАТО околу „соодветна заедничка реакција“.
Канцеларката Меркел веќе одржала консултации околу идните чекори со повеќе министри во нејзината влада.