1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Над 60 лица oд ноќеска во карантин

23 март 2020

Седум граѓани кои се вратија од Полска се во изолација во капацитет во Демир Капија, дваесетина во скопскиот хотел „Стоун бриџ“ и околу 40 во хотелот „Ибис стајл“.

https://p.dw.com/p/3ZtgQ
Mazedonien Ebola Fall Hotel Super Quarantäne 10.10.2014
Фотографија: Reuters/Ognen Teofilovski

Денеска до 14 часот преку испраќање писмо за намери треба да се јават на повикот од Владата сите хотели кои се заинтересирани нивните капацитети да ги стават на располагање на државата за потребите од организирање карантински услови. Тие треба да бидат подготвени да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот. Максималниот надомест кој државата може да го обезбеди за капацитетите на хотелите изнесува до 10 евра во денарска противвредност, по легло на ден.

Над 60 лица кои влегле во Северна Македонија не некои од петте гранични премини, беа првите однесени во карантин. Седум граѓани кои се вратија од Полска биле сместени во реновираниот објект на Заводот во Демир Капија, дваесетина во хотелот „Стоун бриџ“ и околу 40 во „Ибис стајл“.

Во изолација 14 дена

Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата, кој е задолжен да го координира прифаќањето на граѓани од граничните премини и нивно сместување, изминатата ноќ ја помина во спроведување на ваквите активности.

„Сместувањето не одеше одеднаш, со оглед дека станува збор за различен број на граѓани кои пристигнале на пет гранични премини, и за кои треба да се организира превоз. Како доѓаше одредена група, така ја сместувавме. Во „Стоун бриџ“ беа сместени над десетина граѓани кои стигнале на Табановце, и уште седум кои по полноќ стигнале од Грција. Во „Ибис", беа сместувани неколку групи како што доаѓаа, или вкупно околу четириесетина лица. Сите тие ќе бидат во изолација 14 дена, а полицијата ќе обезбедува дека карантинот се почитува“, вели Рашковски.

Повеќе:

-Прва жртва на коронавирус во Македонија, Филипче го очекува пикот за еден месец

-Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

-Коронавирус и во Кавадарци, бројката достигна 76 лица

Тој нема податок од кои земји доаѓаат сите патници, но вели дека тоа ќе се знае денеска, бидејќи сите граѓани сместени во изолација доцна синоќа биле посетени од епидемиолози и ја пополнувале епидемиолошката анкета.

„Ибис стајл“ беше првиот хотел со капацитет од 47 соби, кој уште пред една недела од неговите сопственици беше ставен на располагање на државата заради справување со состојбата со коронавирусот.

„Дополнително ќе биде обезбеден медицински тим од „Аџибадем Систина“ заедно со сета друга неопходна медицинска поддршка. Сите трошоци околу нивниот престој ќе бидат покриени од „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“, информираа од компанијата, додавајќи дека ако се јави потреба изразуваат подготвеност целосно да ги отстапат и капацитетите на „Ibis Skopje City Center“, хотелот кој располага со 110 соби, а би биле целосно пренаменети и опремени со сета потребна медицинска опрема. 

Се поготвуваат и државни капацитети

Хотелските капацитети ќе бидат главно наменети за големиот број на македонски државјани кои треба да допатуваат од странство а кои задолжително мора да поминат 14 дена карантин, како и за оние кои не ги почитуваат наредбите за самоизолација.

Според Рашковски, до вчера осум хотели со капацитет над 50 легла изразиле намера нивните објекти да бидат користени за државен карантин, но се очекува и други да се јават денеска. И министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, очекува таа бројка да биде поголема.

„Уште пред да ја објавиме мерката, имавме иницијативи од страна на хотелските капацитети. Објавивме и повик до сите кои имаат над 50 легла и се подготвени да прифатат луѓе кои ќе бидат во државен карантин, да се пријават. Ќе ги користиме и државните капацитети, како оној во Демир Капија. На располагање е и касарната во Пепелиште, без разлика што се работи за навистина војнички услови. Сметаме и на неколку одмаралишта и државни капацитети кои за еден до два дена ќе бидат целосно во употреба. Но, очекувам поголем број на хотелски капацитети и одмаралишта да бидат ставени на располагање“, изјави Шеќеринска.

Таа потенцираше дека овие мерки се нужни.

„Бројката на наши граѓани кои се враќаат во државата не е мала, за жал, бројката на граѓани кои не ги почитуваа правилата за самоизолација е голема. Ние не сакавме да преземаме вакви мерки, но во ситуација кога не се почитуваат правилата, државата мора да си ги заштити своите граѓани“, додаде Шеќеринска.

Вакви подоготвки преземаат и многу други земји. Во моментов САД планираат да пренаменат околу 10 илјади соби во хотели, студентски домови и други објекти во болнички капацитети. Во некои земји со легла се опремени и спортски сали и стадиони. Тоа се смета за крајна мерка доколку другите капацитети се исполнат, бидејќи престојот во ист простор на поголем број лица не води кон заштита од вирусот, и се користи за изолзација кај лица кај кои веќе е потврдена болеста.