1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Надеж и скепса на почетокот на вакцинирањето во Германија

Сабине Кинкарц
28 декември 2020

Старите лица и оние кои имаат потреба од нега најчесто развиваат тешка форма на Ковид-19. Затоа се меѓу првите кои ја примаат вакцината против коронавирус. Но, вакцинирањето не оди секогаш лесно.

https://p.dw.com/p/3nH9v
Impfstart Brandenburg Großräschen Seniorenheim
Фотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Сончев, но ледено студен е овој 27 декември во Гросрешен, мало место на југот на покраината Бранденбург. Улиците се празни, нема речиси никакво движење. Две полициски возила се паркирани пред старечкиот дом со кого што управува Германскиот црвен крст, а пред влезот е паркиран и еден ладилник. Вакцината на германскиот производител Бионтек и нивниот американски партнер Фајзер тукушто е испорачана овде под строг надзор.

Гросрешен се наоѓа во едно од жариштата во Бранденбург. Во регионот секој ден се регистрираат по 500 заразени лица на 100.000 жители. Само во соседната покраина Саксонија има повеќе. Во старечкиот дом важат строги мерки на претпазливост. Во посета може да дојдат само најблиските роднини, под услов претходно да се тестирани. Но, и покрај тоа, во домот имало случаи на заразени од корона.

ПовеќеКоронавирус: Две третини од Германците сакаат да се вакцинираат

На вакцинација во инвалидска количка

Министерката за здравство на Бранденбург, Урсула Нонемахер дојде во Гросрешен за да присуствува на почетокот на вакцинацијата. Зборува за „зрак на надеж на повидок“ и со големо внимание следи како соработникот од Црвениот крст ја внесува кутијата од стиропор со вакцините од ладилникот во амбулантата на старечкиот дом.

Во тој момент во инвалидска количка забрзано ја внесуваат старицата Рут Хајзе, една од жителките на домот. Нејзината соба се наоѓа малку подалеку, во друго крило од зградата. Побелената коса ѝ е развеана од студениот ветер. 87-годишната жена во скутот си го држи медицинскиот картон. Хајзе е првата која ќе биде вакцинирана. По неа ќе следи уште една жена од домот - Елфриде Зефелд, која исто така е многу стара и во инвалидска количка.

Impfstart Brandenburg Großräschen Seniorenheim
Елфриде Зефелд ја прима првата доза од вакцината против коронавирус на Бионтек и ФајзерФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

На прашањето дали ѝ е страв, Хајзе сувопарно одговара - „Не“. Но, тоа не е само по себе разбирливо. Само 12 од 70 лица сместени во домот се пријавија за првиот термин за вакцинирање. Тие ја познаваат докторката која ги вакцинира, бидејќи е редовно вработена во старечкиот дом. Тоа е важен аспект во кампањата за вакцинирање, вели Хубертус Димер, шеф на регионалниот Црвен крст во Бранденбург. „Довербата е клучна ако сакате да ги придобиете луѓето да се вакцинираат", вели тој.

ПовеќеГерманија и вакцините: Предизвик за логистиката како слетување на Месечината

Ретко кој сака да биде меѓу првите вакцинирани

Од речиси 50 лица медицински персонал, 20 се на одмор или боледување, а од останатите само секој втор се пријавил за вакцинирање. „Владее голема скепса“, признава потиштено и раководителката на домот, Бјанка Себишка-Клаус. Таа е свесна дека само вакцинацијата може да донесе олеснување на ситуацијата, но ја разбира и скепсата. За многумина е проблематично тоа што вакцината беше развиена и тестирана за многу кратко време.

„Кога започнавме да ги споделуваме информациите за вакцинација, вакцината сѐ уште не беше ни одобрена." Сега мора да се почека и „да се му се пријде на секој еден“, да се одговори на сите прашања и да се расчистат задршките, вели Себишка-Клаус, трудејќи се да направи оптимистички израз на лицето. Министерката за здравство Нонемахер ја поддржува. „Постојано се зборува дека вакцината сега е испорачана и затоа мора да се започне веднаш со вакцинацијата на илјадници лица“, вели Нонемахер. Човек мора да се ослободи од таквиот притисок, смета таа.

Impfstart Brandenburg Großräschen Seniorenheim
Неопходен е прописен и внимателен транспорт на вакцинатаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Дајте им време на луѓето

Не смее да се заборави „дека прво мора да им биде објаснето на постарите луѓе, потоа мора да разговараат со своите роднини, дека за дел е потребна согласност од нивните старатели, дека многу роднини се дојдени овде само за да ги придружуваат по малку вознемирените стари лица при првата вакцинација." За сето тоа е потребна внимателна подготовка. И онака би биле потребни месеци за да се дојде до вакцинирани 60% или 70% од населението.

Проценката не важи само за Бранденбург, туку и за целата земја. Во повеќе сојузни покраини центрите за вакцинација и мобилните тимови кои треба да го спроведат вакцинирањето во старечките домови се подготвени, но недостасуваат вакцини. Во Германија до крајот на годината треба да се испорачаат вкупно 1,3 милиони дози, а до крајот на март меѓу 11 и 13 милиони дози - за над 83 милиони жители.

ПовеќеВакцина: Зрак на надеж

Колку брзо може да се произведуваат повеќе вакцини?

За секоја вакцина се потребни две дози, кои се примаат во временско растојание од 21 ден. „Вакцинирањето тргна добро, но проблемот е што со дозите кои ни се на располагање, можеме да вакцинираме само пет милиони лица до крајот на март”, пресметува експертот за здравство на Социјалдемократите, Карл Лаутербах. Тој затоа бара зголемување на производствените капацитети. „Времето ни истекува. Вирусот веќе има мутации”. Вакцинирањето, според него, е трка со вирусот. „Мора да вакцинираме што е можно побрзо, за мутациите да не покажат отпорност и против вакцината”, вели Лаутербах.

Impfstart Brandenburg Großräschen Seniorenheim
Во повеќе сојузни покраини центрите за вакцинација и мобилните тимови кои треба да го спроведат вакцинирањето во старечките домови се подготвени, но недостасуваат вакциниФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Голема надеж се полага во тоа дека на почетокот на јануари во ЕУ треба да биде издадено одобрение за уште една вакцина. Вакцината на Модерна ја има и таа предност што е полесна за ракување. Вакцината на Бионтек пак, мора да се чува на големи минусни температури и при нормално ладење има само неколку дена рок на траење. „Кога еднаш ќе ја одмрзнете вакцината, не смеете повторно да ја замрзнувате и вакцинацијата мора да уследи во рок од тие неколку дена”, објаснува првиот човек на Здружението на компании за здравствено осигурување, Буркхард Руперт.

Повеќе: „Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот

Да не се фрли ниту една вакцина

Но, не е само ограничениот рок на траење причина што вакцината на Бионтек е „голем организациски предизвик”, како што формулира Руперт. „Немаме поединечно, туку пакување од пет порции истовремено”. Тој вели дека ќе се вложат големи напори во ракувањето. „Бидејќи може да се чуваат извесен број денови, мислам дека ќе се организираме на начин што нема да мора да се фрли ниту една вакцина.“

Во Берлин се формирани 60 мобилни тимови кои во претстојните недели ќе ги посетат прво старечките и домовите за нега на стари и изнемоштени лица.

Планирано е секој тим да спроведе по 50 вакцинации дневно. Освен тоа, има и шест центри за вакцинација, од кои првиот започна со работа на 27.12.2020.

Во Бранденбург сѐ уште не се дојдени до оваа фаза. Два центри во Потсдам и Котбус се подготвени за работа, а до крајот на јануари треба да бидат вкупно 11.

Дотогаш 87-годишната Рут Хајзе, која живее во старечки дом, веројатно веќе ќе биде имуна на коронавирусот. Терминот за втората вакцинација веќе ѝ е закажан - 18 јануари.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ