1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападите на Трамп може да ѝ користат на Меркел

19 јуни 2018

Ангела Меркел секогаш може да биде сигурна во едно - во нападите од Доналд Трамп. Американскиот претседател отворено се вмеша во коалицискиот судир во Берлин. Коментар на Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/2zooG
Symbolbild Twitteraccount Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. D. Ake

Се навикнавме на толку многу нешта, што најновиот Твитер-напад на Доналд Трамп всушност не шокира веќе никого во Германија. Американскиот претседател на Твитер напиша дека поради миграциската политика Германците ѝ вртат грб на „веќе слабата коалиција“. И продолжи: „Криминалот во Германија е многу зголемен“. Последново едноставно е лага, но тоа е составен дел од секој просечен Трамп-твит.

Наспроти сите дипломатски обичаи

Агресивната реторика следи јасна шема: Трамп ја избра Ангела Меркел за свој главен непријател во Европа. Можеби затоа што таа и не направи воопшто обид да му се умилкува, како што тоа го стори францускиот претседател Емануел Макрон. Или можеби затоа што добро се разбираше со Барак Обама, што само по себе е доволно за да го навлече врз себе гневот на американскиот претседател. Дел од Трамповиот однос со Меркел (и со Германија) е испраќањето на Ричард Гренел за нов амбасадор во Берлин, кој отворено се залага за зајакнување на популистите во Европа. Дрско пречекорување на неговите компетенции и на сите дипломатски обичаи.

Твитот на Трамп потоа, на ниво невидено за еден американски претседател, продолжува вака: Европејците направиле грешка што прифатиле милиони луѓе кои ја промениле нивната култура, пишува Трамп и додава: „Ние не сакаме поради доселувањето кај нас да се случи истото како во Европа“.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Ова доаѓа од Америка, поранешното прибежиште за луѓето во нужда од цел свет, местото на претопување на културите, земјата од фантазиите која за амбициозните луѓе од Европа со децении важеше за место на кое со работа можеш да стигнеш далеку, без оглед од тоа од каде потекнуваш или каков ти е социјалниот статус. Доволно е само да се сака и да се споделува американскиот оптимизам. Од овие Американци во 1945 година Германците, прво во западниот дел, така да се каже добија на подарок демократија и правна држава. Сето тоа сега станува жртва на бесот на разјарениот човек од Вашингтон. На човека му доаѓаат солзи на очи.

Повеќе: Меркел остро го критикува Трамп

Германците и Америка - амбивалентен однос

Но нападите на Трамп врз германската влада се не само бесрамни, туку и непромислени. Зашто, блискиот однос на Германците со Америка секогаш е амбивалентен. Поуките од Вашингтон никогаш не биле добро прифатени во Германија, а особено не од ваков претседател. Релативно либералната бегалска политика на Меркел од страна на повеќето Германци во меѓувреме се гледа критички, па дури и отворено се отфрла. За тоа не мора да се биде десен популист. Но, поддршката за противниците на Меркел од страна на човекот во Белата куќа кој води кон заблуда, за канцеларката може да биде од полза.

Твитот на Трамп, веројатно испратен како секогаш рано наутро, пред појадок, и онака е повторно насочен кон сопствениот народ, кон луѓето во Америка кои Трамп сака да ги мобилизира за претстојните избори. Во името на таа цел, не му е тешко да подели лекции кон сојузникот во Берлин. Зашто, за овој американски претседател веќе нема сојузници, особено не во Берлин.