Народното востание тргна од Лајпциг
30 јануари 2009Точно еден месец пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, на 9 октомври 1989 година во Лајпциг се одржаа дотогаш најголемите непријавени демонстрации. Тогашниот режим не знаеше како да се справи со 70.000 мирни демонстранти. Како се случи да се мобилизираат толку многу луѓе?
Кристијан Фирер: Тоа е прашање што постојано се наметнува. Преку редовните молитви за мир, што се одржуваа секој понеделник од 1982 година во црквата „Св. Никола“, станавме собиралиште за луѓето кои ги интересираа теми, за коишто во тогашната Германска Демократска Република не можеше слободно да се зборува. Меѓутоа, драматично зголемување на бројот на посетители забележавме од моментот кога властите, на 8 мај 1989 година, ја блокираа приодната улица кон нашата црква. Тие веројатно мислеа дека со ваквото заплашување ќе го намалат бројот на оние што доаѓаа кај нас, но постигнаа сосем спротивен ефект.
На есенската миса на 4 септември дојдоа телевизиски тимови од Западот, кои добија дозвола за снимање по целиот град. Кога излеговме пред црквата, една група наши верници истакнаа парола на која пишуваше: „За отворена земја со слободни луѓе“. Не поминаа ни петнаесетина секунди, дојдоа припадниците на тајната служба Штази и го запленија транспарентот. Меѓутоа, сето тоа се случуваше пред камерите на западните ТВ-станици. Уште истата вечер оваа сцена се појави во информативните емисии на западногерманската телевизија. Така, гледачите во Сојузна Република Германија веднаш дознаа дека во Лајпциг се случува нешто посебно. Но, истото го видоа и сите гледачи во ГДР, бидејќи во тоа време сите ја следевме западногерманската телевизија.
Тогаш дојде 7. октомври 1989 година, кога се славеше 40-годишнината од основањето на Германската Демократска Република.
Тогаш пред црквата „Св. Никола“ дојде до масовни апсења. Шефот на партијата и државата Ерих Хонекер лично порача дека нашата црква мора да се затвори. Полициските сили за првпат беа облечени во борбени униформи, носеа палки, штитови и имаа кучиња. Никогаш порано не ги бевме виделе во такво издание. И ги тепаа насобраните луѓе од пладнето, па се’ до вечерта. По настанот весниците осамнаа со наслов: „Во понеделник, на деветти октомври, на контрареволуцијата ќе и’ дојде крајот - ако не оди поинаку, тогаш со оружје в рака!“ Ден пред тоа, на богослужбата во црквата „Св. Никола“, се појавија лекари од болниците во Лајпциг и разговараа со нас за потребата од ослободување кревети за лица со прострелни рани, доколку дојде до судир со полицијата, толку беше сериозна ситуацијата.
Како поминаа масовните демонстрации на 9 октомври?
Во нашата и во соседните цркви во центарот на градот се собраа меѓу 6.000 и 8.000 лица, повеќе не собираше внатре. Но, пред нив имаше повеќе од 70.000 луѓе. По мисата, воопшто не можевме да излеземе од црквата, целиот црковен двор беше преполн со луѓе. И сите држеа свеќи в рака!
Свеќата е симбол за ненасилство. Оној што држи свеќа со двете раце, тој сигурно не држи ни камен, ни стап, ни што било друго што може да се искористи за насилство. Подоцна, еден член на Централниот комитет на владејачката Социјалистичка партија на ГДР објаснуваше дека токму тоа ги збунило властите: „Се’ беше испланирано и бевме подготвени на се’, само не на свеќи и молитви“. За таква ситуација полициските сили немаа готова варијанта. Да фрлавме камења, тогаш полицијата ќе употребеше сила против демонстрантите и се’ ќе беше според предвиденото. Но, вака целиот концепт немаше смисла и тие дури ги повлекоа тенковите од улиците. Кога дојдовме горе на ридот без притоа полицијата да стрела врз нас, знаевме дека се случило нешто големо, нешто судбинско. Од тој момент, Германската Демократска Република повеќе не беше истата држава. Но, тогаш сето беше повеќе чувство, дури подоцна разбравме каква далекусежна промена се случила преку демонстрациите на деветти октомври.
Вие постојано повикувавте на ненасилство и ги охрабрувавте демонстрантите да не се плашат од армијата, дури и кога таа постави тенкови на улиците. Од каде потекнува толкавата доверба дека нема ништо лошо да се случи, дека се’ ќе помине мирно?
Воопшто не бевме сигурни во тоа. Дење-ноќе се плашевме, но во исто време верата беше посилна од стравот. Силата на ненасилството ја познававме од Исусовото учење и знаевме дека тоа е единственото што можеме да го примениме. Бидејќи во истиот момент кога ќе прибегневме кон примена на сила, ќе станевме исти како другата страна и ќе го изгубевме божјиот благослов. Тоа им го зборував на младите верници на собирите шти ги крстивме „молитви за мир“ и за чудо тие ме разбраа и комплетно се откажаа од насилство. Така доживеавме во таа безбожничка држава народот да ја сведе Проповедта Исусова на Маслиновата гора на само еден суштински збор: „Ненасилство!“ И ден-денес тоа многу ме трогнува, особено фактот што луѓето не го извикуваа тоа како некоја парола, туку едноставно го применуваа. Ако нешто заслужува да се нарече чудо божјо, тогаш тоа за мене е овој факт! Големо чудо е што ни појде од рака да спроведеме револуција без крвопролевање.
Дали тоа значи дека сметате оти без демонстрациите во Лајпциг воопшто немаше да се случи мирната револуција во ГДР?
Мислам дека немаше да се случи! Кај нас имаше некои работи што ги немаше на друго место. Ние ги имавме редовните молитви за мир и тоа со години секој понеделник. Покрај тоа имавме силна група луѓе кои сакаа да ја напуштат ГДР. Конечно, кај нас се создаде силно единство под покровителство на црквата, такво нешто немаше на друго место во тогашната ГДР. Тие факти придонесоа да се соберат толкав голем број луѓе. На 9 октомври 1989 година меѓу 70.000 луѓе на мирните демонстрации не беа само жителите на Лајпциг или на покраината Саксонија. Тука се собраа луѓе од целата држава. Значи, без демонстрациите во Лајпциг немаше да го има ни паѓањето на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година, ниту, пак, денот на обединувањето - 3 октомври 1990 година.
Што остана денес од мирната револуција во Германската Демократска Република?
Мислам дека денес повторно ни треба храброст, цивилен кураж за да се вмешаме во настаните, наместо да мислиме дека другите ќе ни ги решат проблемите или дека сами од себе ќе се решат. Мораме да преземеме одговорност за нашата земја. Ние Германците принесувавме жртви за толку бесмислени работи, сега е ред да се жртвуваме за нешто што има смисла, за оваа обединета Германија, за оваа прекрасна земја, за оваа демократија. Сметам дека не треба да се жалиме на се’ и сешто и постојано да критикуваме, што е стара германска навика, туку треба да кажеме: ова е наша земја и сакаме да учествуваме во обликувањето на оваа демократија, за која се изборивме со голема храброст и ризикувајќи го сопствениот живот. Тоа можеме наједноставно да го постигнеме со активно учество на изборите. Патем, слободните избори беа едно од клучните барања на движењето есента 1989 година. Сега ја имаме можноста да излегуваме на слободни, демократски избори!
Велите „Германија е прекрасна земја, прекрасна демократија“. Наспроти тоа, знаевте остро да го критикувате процесот на повторно обединување. Што беше погрешно во тој процес, според Ваше мислење?
Да се реализира повторното германско обединување веднаш кога ќе се создаде можност за тоа, притоа мислам на понудата на поранешниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, од јули 1990 година, таа можност мораше веднаш да се искористи. Тука нема збор! Но, обединувањето требаше да го спроведеме поодговорно и за тоа да си оставиме повеќе време. Притоа, мислам на следниве чувствителни точки. Прво, како ден на повторното обединување требаше да го земеме деветти ноември, денот кога падна Берлинскиот ѕид, а не трети октомври. Тоа ќе им оддадеше доследна почит на граѓаните на ГДР, кои на свои плеќи ја изнесоа мирната револуција и со тоа создадоа услови за повторно обединување на двете државни творби и тоа без надворешна помош. Второ, името на заедничката држава не смееше да остане она што го носеше едната од двете творби, имено Сојузна Република Германија. Тоа беше името на едниот, западниот дел на Германија во периодот од 1949 до 1989 година и толку. Замислете си што ќе се случеше доколку ние од Источна Германија инсистиравме целата земја да се вика Германска Демократска Република?! Оние од Западна Германија ќе мислеа дека сме умоболни!
Вака, со преземањето на името на државата од Западот, тамошните граѓани добија впечаток дека за нив се’ си останува по старо. Ние си се викаме така, си остануваме она што си бевме и само ќе ги прибереме кај нас уште оние неколкумина од Истокот, малку ќе ја реновираме Источна Германија и се’ ќе биде во ред! Тоа беше сосем погрешен став. И конечно, како трет елемент, сметам дека не смееше да остане истата химна. Оваа што ја имаме е толку оптоварена со настаните од ерата на нацизмот, што сметам дека таа не може да биде заедничка национална химна.
Што мораше да смени Западот на Германија!? Ништо! На постоечките дојдоа уште неколку нови поштенски броеви и ознаки за автомобилски таблички и тоа е се’! За некои, дури и тоа беше премногу! А овде на Истокот се’ се измени. Таквата нерамноправност не беше добра. Сметам дека сите овие елементи не беа добри за процесот на повторно обединување.
Во црквата „Св. Никола“ и денес се одржуваат молитви за мир. Тие им се сега наменети на луѓето кои гладуваат во Африка или се насочени против користењето на генетски манипулирани растенија. Дали не би било подобро да се мобилизираат силите кон некој крупен проблем, наместо секој понеделник молитвите да се насочуваат кон друга тема?
Секоја година имаме три тематски молитви за невработените, како и кружок што се занимава со овој проблем. Поради високата стапка на невработеност во источните покраини одржувавме и бројни демонстрации, што наиде на голем одек кај граѓаните. Исто така, протестираме и против ширењето на неонацизмот. Со нашите демонстрации дури успеавме да го принудиме организаторот на неонацистичките маршеви во Лајпциг да се откаже од нивното понатамошно одржување. Борбата траеше од 2001 до 2007 година, а тој планираше да одржува маршеви се’ до 2014-та, по двапати во годината. Исто така, им помогнавме на сограѓаните од градот Колдиц да му дадат јавен отпор на неонацизмот и да ги надминат стравовите.
Значи ли тоа дека неонацистите повеќе не се појавуваат во Колдиц?
Не, тие и понатаму се појавуваат и ќе се појавуваат, но доколку успеавме да му помогнеме на населението да не се плаши од нив во толкава мера, тогаш сме направиле голем чекор напред. Важно е обичните граѓани да не дозволат да ги тероризира малцинство, кое е многу бучно и насилно. Таквите луѓе, како тие неонацисти, всушност, живеат од стравот на обичните граѓани. Затоа беше важно да им помогнеме да соберат граѓански кураж и да престанат да се плашат од насилните неонацисти.
Кристијан Фирер ја водеше протестантската црква „Св. Никола“ во Лајпциг од 1980 до 2008 година. Во март 2008 година замина во пензија.