1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Настрануваат ли полицијата и Бундесверот кон десно?

Кај-Александер Шолц
28 јуни 2019

Меѓу германските полицајци и војници има посебно голем број поддржувачи на десничарската партија АфД, иако нема конкретни бројки.

https://p.dw.com/p/3LBNa
Symbolbild Innere Sicherheit Sperre mit Polizeikontrolle
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Larkin

Господата од Алтернатива за Германија (АфД) во темни костуми гордо се исправаат, усните им се развлекуваат во насмевка - тие радо го даваат овој одговор: Да, односите со припадниците на полицијата и Бундесверот се одлични, тие се негуваат, меѓу нив има многу симпатизери на АфД, а ЦДУ нема никакво право да бара послушност кај војниците.

Тие доаѓаат од засега најуспешниот покраински партиски огранок на АфД, од Саксонија, и бликаат со самодоверба, дури и при терминот за запознавање, свикан специјално за медиумите во главниот град во еден берлински хотел.

Нафрлање пред голот

Новата дебата за АфД не ја иницираше самата АфД, туку несудениот партиски лидер на Христијанско-демократската унија, Фридрих Мерц. „Губиме делови од Бундесверот и полицијата во корист на АфД, многумина се чувствуваат оставени на цедило“, изјави Мерц.

Кратко потоа двата германски полициски синдикати, усогласено, го потврдија постоењето симпатии за АфД во сопствените редови.

Тоа е „политичка подоцнежна последица на бегалската криза“, кога службениците мораа да отстапат од својата законска задача - да спречат недозволен влез во земјата, изјави Јерг Радек, заменик шеф на Синдикатот на полицијата.

И Ернст Г. Валтер, претседател на Германскиот полициски синдикат, истакна дека дефинитивно може да ја потврди изјавата на Мерц. И кај него постои голема загриженост што сѐ поголем број негови колеги веќе не се чувствуваат доволно претставувани од етаблираните партии и размислуваат за „алтернативи“.

АфД, по овие изјави, првпат може гордо да се удира во своите гради. Критиката на бегалскиот бран од 2015/2016. година спаѓа во нејзините централни специјалности, затоа дојде согласност и потврда не само од Саксонија, туку и од партиската пратеничка група во Бундестагот.

Deutschland Flüchtlinge am Passauer Bahnhof
Дел од полицајците се чувствуваат „извисени“ во бегалската кризаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Дебата без статистичка подлога

Меѓутоа, дебатата содржи една иманентна слабост: не постојат конкретни бројки за членови или гласачи на АфД во полицијата, Бундесверот и службите за безбедност. Не постои ни статистика за професиите на членовите на АфД или за пратениците од АфД.

На ова прашање, пратеничката група на АфД во Бундестагот дава одговор дека станува збор за 13 соодветни биографии од вкупно 91 нејзин сојузен пратеник.

А кој за која партија гласа, во Германија подлежи на изборна тајна. Не постојат персонално поврзани статистики, со исклучок на анкетите на јавното мислење и репрезентативните панели.

Со освоени 12,6 проценти гласови, АфД стана најсилна опозициска партија во Бундестагот. Во Саксонија и други региони на источна Германија, таа освои близу 25 проценти. Голема е веројатноста дека гласачи на АфД има во сите професии. Но, дебатата се базира на гласини, перцепирана реалност и лични искуства. Таа меѓутоа добива на значење и поради тоа што е дел од политичките кавги.

Борба за „внатрешна безбедност“

„Внатрешната безбедност“ всушност е класична добитничка тема за конзервативните партии. Во долгорочната стратегија на АфД спаѓа и тоа да ѝ го одземе на ЦДУ имиџот на партија-заштитник на правото.

Мерц и други политичари од ЦДУ сакаат да контрираат и да не ѝ го препуштат полето на АфД. Приклонувањето кон АфД е знак на протест, изјави долгогодишниот внатрешнополитички експерт на ЦДУ, Волфганг Бозбах. Зад тоа се крие постоење надеж за политички пресврт - кај ЦДУ.

Постои ли десноекстремна терористичка мрежа?

Но, дебатата крена високи бранови во јавноста и поради една друга причина: постои ли десноекстремна мрежа во армијата, полицијата и тајните служби поврзана со членови на АфД? Загриженоста постои. И Дојче веле пред една година известуваше за истрагата околу една нелегална интернет мрежа, која се подготвувала за „ден Х“, сакала избувнување граѓанска војна и подготвила листа за отстрел на политички непријатели. 

Deutschland CDU-Parteitag in Hamburg Friedrich Merz
На Фридрих Мерц му се припишуваат амбиции да ја наследи МеркелФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Актуелните вести се вклопуваат во ова - убиството на еден политичар е веројатно дело на деснотерористичка келија. Другите информации се навистина постари, но нудат натамошни укажувања - десноекстремни четови меѓу полицајци, обиди за саботажа при истрагите за терористичката група НСУ.

Ангела Меркел противречи

Наесен Себастијан Випел најверојатно повторно ќе биде избран во покраинскиот парламент на Саксонија. Полицискиот комесар, кој и покрај неговиот пратенички мандат врши полициска служба неколку часа неделно, во Герлиц за малку ќе станеше прв градоначалник на општина од АфД. Во изборната кампања тој се претставуваше како заштитник на законот, што беше добро примено. На крајот, иако со тесна разлика, победи кандидат на ЦДУ.

Повеќе:

По Герлиц, мора да има последици

Кој гласа за популистите? Не се тие што мислите

Последно предупредување за АФД

Политичката борба за „внатрешната безбедност“ е во полн замав, не само во Герлиц и не само помеѓу АфД и ЦДУ.

На Мерц му се припишува желба да ја наследи Ангела Меркел. Мерц против Меркел значи и спор за партиската ориентација во ЦДУ. Меркел не се согласува со изјавата на Мерц, изјави канцеларката на седница на Бундестагот.