1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и Русија: пат - ситуација

Инго Мантојфел/превод: З. Јордановски14 јули 2016

Советот НАТО – Русија повторно заседава, но како понатаму ќе се одвиваат меѓусебните односи? Неопходни се мали чекори кон деескалација, но пат-ситуацијата ќе остане, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1JOjK
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Malukas

Не беше случајно што средбата на Советот НАТО – Русија се одржа веднаш по самитот на НАТО во Варшава. Двата собира ги симболизираат централните состојки на западната „двојна стратегија“ спрема Русија: демонстрација на воена сила, тесно поврзана со готовност за дијалог за разликите во интересите меѓу Западот и Русија.

Присуството на трупи во балтичките држави и Полска, договорено на самитот на воената Алијанса, е реакција на чувството на загрозеност од Русија, кое е силно развиено првенствено кај источноевропските членови на НАТО. Така четирите баталјони се вистински знак на сојузничка солидарност и сигнал за одвраќање преку заплашување.

Од друга страна, околу четири илјади војници не се претерано „ѕвецкање со оружје“. Вистинска воена закана за Русија од Балтикот би морала да опфати сосем поинакви капацитети. За надевање е дека руското раководство на тоа гледа исто така трезвено и нема да помисли дека ќе може да издржи некаква трка во вооружување.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Избегнување на воена конфронтација

НАТО мора на Кремљ јасно да му покаже дека нема агресивни намери спрема Русија. Руската надворешна политика го разби заеднички договорениот европски мировен поредок. За перцепирањето на Русија како закана не придонесе само руската политика во Украина, туку и екстремно опасните провокации на руската војска во просторот на Балтикот и над Црното Море. Токму за тие инциденти ќе мора да стане збор кога Советот повторно ќе започне трајно да заседава.

Од позиција на сила сега мора НАТО да стави акцент врз деескалација и да разговара со Русија за тоа како може дефинитивно да се избегне воена конфронтација. Во изминатите недели и претседателот Путин навести дека и Русија би била подготвена на деескалација.

Реална политика во однос на Русија

Воздржаниот оптимизам не треба да залаже – реално анализирајќи, односите меѓу Западот и Русија се и остануваат трајно разнишани, дури и ако сега започне деескалација: Украина беше повод, а не причина за таа конфронтација.

Русија уште одамна, и пред кризата во Украина, се стреми кон нова европска безбедносна архитектура, оти смета дека сегашната веќе недоволно ѝ ги гарантира нејзините интереси. Западот долго време ги игнорираше тие ревизионистички барања на Русија, покрај другото и затоа што фактичкото барање за признавање на зони на влијание не може да се усогласи со европските принципи. Во украинската криза претседателот Путин создаде факти со користење воена сила – спротивно на сите меѓународни договори и спогодби.

Ескалацијата што ја форсираше Русија имаше за цел да го принуди Западот на признавање на руските аспирации. Но, Западот ни оддалеку не е подготвен со договор да ги потврди руските зони на влијание во некоја нова европска безбедноса архитектура. Државите на НАТО сакаат да ја наведат Русија да се врати на досегашните структури: цел на Западот актуелно е да се промени рускиот став, а не самиот да се прилагоди на интересите на Москва.

Безбедноснополитичка пат-ситуација

Од друга страна, пак, Русија успеа со примена на воена сила фактички да ги спроведе важните цели, па, на пример, вистинско членство на Украина и Грузија во НАТО е потиснато за некое далечно време. А и западните санкции против Русија навистина го запреа нејзиното напредување во Украина, од кое се стравуваше, но не можеа да издејствуваат и руско повлекување од Крим или од Источна Украина. Во процесот од Минск сега се слуша и гласот на Русија во решенијата за Украина, кон што таа и се стремеше.

Со тоа настана безбедноснополитичка пат-ситуација, која и натаму ќе претставува нова нормалност во односите меѓу Западот и Русија. Затоа важна дипломатска задача за наредниот период ќе биде привикнување на таа нова коегзистенција, нејзино првенствено мирољубиво уредување и избегнување на трка во вооружување.