1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руско-украинските тензии во фокусот на НАТО и САД

Бернд Ригерт | СН/агенции
14 април 2021

Во седиштето на НАТО деновиве се редат кризни состаноци поради засиленото распоредување на руски војници на границите на Украина. Темата беше во фокусот и на телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и на Русија.

https://p.dw.com/p/3ryMB
BG Spannungen an der russisch-ukrainischen Grenze
Фотографија: STR/AFP

Со цел уште еднаш да ѝ се искаже морална поддршка на Украина, денеска заеднички виртуелен состанок одржуваат на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на НАТО. Американкските ресорни министри Ентони Блинкен и Лојд Остин симболично ќе присуствуваат лично на овој состанок во седиштето на Алијансата во Брисел.

Двајцата министри во моментов се во посета на Европа како сигнал за обновените трансатлантски амбиции на новата американска администрација, што НАТО многу го поздравува. Во седиштето на Алијансата деновиве се одржуваат кризни состаноци на барање на Украина поради засиленото стационирање на руски војници на границите на земјата.

Belgium US Ukraine Dmytro Kuleba und Antony Blinken
Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен (д.) се сретна со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба во Брисел (13.04.2021)Фотографија: Johanna Geron/AP Photo/picture alliance

Ситуацијата на теренот е сѐ потензична, потврдуваат и набљудувачите на ОБСЕ. Помеѓу 9 и 11 април, набудувачката мисија на ОБСЕ во Доњецката област во Украина забележала 367 прекршувања на примирјето помеѓу Украина и бунтовниците поддржани од Русија. Во соседниот регион Луганск имало 224 прекршувања на примирјето. Во претходната недела, Организацијата за безбедност и соработка во Европа регистрираше само вкупно 26 инциденти.

Столтенберг: Русија да ги запре провокациите

Значи, насилството се зголемува во источна Украина. Украинската влада ја обвинува Москва за ова. Веќе со недели Русија стационира сѐ повеќе војници во бунтовничките области, на границите со остатокот од Украина, на анектираниот полуостров Крим и во Црното Море. Според проценките на НАТО, станува збор за десетици илјади војници. Кремљ не ги негира движењата на војската, но инсистира на тоа дека тие не се подготовки за инвазија или војна.

Повеќе:

-Украина бара помош од НАТО во конфликтот со Русија

-Руски трупи на границата со Украина: Демонстрација на моќ или претстојна инвазија?

-Растат тензиите меѓу Украина и Русија

Belgien Treffen Dmytro Kuleba und Jens Stoltenberg in Brüssel
Дмитро Кулеба и Јенс Столтенберг во Брисел (13.04.2021)Фотографија: Francisco Seco/AP Photo/picture alliance

„Ова е најголемото распоредување војска од окупацијата на Крим во март 2014 година“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел. „Ние сме сериозно загрижени. Распоредувањето на Русија е неоправдано и не може да се објасни. Русија мора веднаш да ги запре провокациите и веднаш да ја деескалира ситуацијата", гласеше барањето на Столтенберг. Сличен повик од Брисел упати и американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен по средбата со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Кулеба пак го повика НАТО да мобилизира натамошни средства за „одвраќање“ на Русија. Тој побара нова рунда економски санкции и „директна помош за развој на нашите можности“ без да навлегува во детали.

Самит во трета земја

На оваа тема вчера телефонски разговарале и претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин. Бајден притоа ја истакнал непоколебливата поддршка на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ја повикал Русија да ги намали тензиите, соопшти Белата куќа. Во соопштението се додава дека Бајден изразил загриженост за засиленото распоредување на руски војници на Крим и на украинската граница.

USA Russland Kombo Joe Biden und Putin
Претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, разговарале телефонски за распоредувањето руски војници на Крим и на украинската границаФотографија: Eric Baradat/Pavel Golovkin/AFP

Ова е само втор разговор на Бајден со Путин по неговото стапување на функцијата во јануари годинава. Американскиот претседател притоа предложил во наредните месеци да одржи самит со Путин во трета земја. Кремљ потврди дека Бајден предложил таква средба, но не откри како одговорил рускиот претседател.

Руски претставници продолжуваат да возвраќаат со остри критики на пораките од Западот. „САД и другите земји на НАТО намерно ја претвораат Украина во буре барут“, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу пак вчера изјави дека концентрацијата на војниците долж границата со Украина е подготовка за, како што рече, закана од НАТО. Тој ги опиша тековните маневри како одговор на, како што рече, континуираните напори на САД и на НАТО за зголемување на нивното воено присуство во близина на границите на Русија.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија