„Натоизација на Европа“
30 јуни 2022Отворен е патот за прием на две нови членки на НАТО до крајот на годината. Турција го повлече ветото, па шефовите на држави или влади во Мадрид формално упатија покана за членство до Финска и Шведска. Премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, оцени дека тоа е безбедносна придобивка како за нејзината земја, така и за НАТО.
Американскиот претседател Џо Бајден во однос на долгогодишниот неутрален статус на Финска рече дека Путин сакал цела Европа да стане таква, но наместо тоа добил„натоизација на Европа”. Бајден најави и значително зајакнување на силите од страна на САД, како и зголемена подготвеност за ангажман од страна на европските партнери во НАТО.
Од стратешки партнер до закана
Наративот во новиот стретешки концепт на НАТО е јасен: ако во 2010-тата сѐ уште се зборуваше за стратешко партнерство со Русија, сега се вели дека „Русија е најзначајната и најдиректна закана за безбедноста на Алијансата и за мирот во евроатлантскиот сојуз”.
Од тоа произлегува нова политичка или воена ориентација пред сѐ за земјите членки кои во изминатите децении се залагаа за партнерски однос со Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави: „Војната на Путин ја создаде најголемата безбедносна криза од Втората светска војна наваму”. Тоа предизвика фундаментална промена во начинот како НАТО се поставува во однос на одбраната и заплашувањето. „Ќе ги зајакнеме нашите сили на источната граница, ќе го зголемиме бројот на интервентните сили на 300 илјади, ќе позиционираме повеќе опрема и командни центри”.
Спроведувањето на таквите најави мора да биде допрва разработено во детали. Седумкратно зголемување на НАТО-силите подготвени за интервенција, особено за одбрана на источната граница, значи драматично зголемување на националните придонеси. Претседателот Бајден во тој контекст најави значително зголемување на бројот на американските трупи во Европа: покрај два разурнувачи во Шпанија, треба да биде поставен и постојан главен штаб во Полска, како и бригада од 5 илјади војници во Романија. Ќе се зголеми присуството на американските сили во Балтичкиот регион, ќе се распоредат дополнителни Ф-35 воени авиони во Велика Британија и ќе се зголемат капацитетите за воздушна одбрана и други способности во Германија и Италија.
„Ние докажуваме дека НАТО е потребен повеќе од кога било", сумираше Џо Бајден. Со тоа се постави дијаметрално спротивно од својот претходник Доналд Трамп, кој на НАТО-самитот во 2018 година, во Брисел, се закануваше дека ќе излезе од Алијансата. Тогаш критиката ја врзуваше на фактот дека многу НАТО-партнери не сакале да ги одвојуваат ветените два процента од домашното БДП за одбрана. Денес, пак, тие два процента се сметаат за минимумот што мора да се издвојува за одбранбени цели. Канцеларот Олаф Шолц вети дека таа цел ќе биде постигната и дека ќе го направи недоволно финансираниот Бундесвер способен за воен ангажман.
Поддршка „сѐ додека трае војната“
НАТО се согласни дека ќе ја поддржуваат Украина „сѐ додека трае војната”, вети Јенс Столтенберг. Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати видео порака до учесниците на Самитот. Во неа замоли за поголема помош и испорака на оружје. Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека ќе бидат испратени опрема и оружје директно од Германија, Холандија и Норвешка.
НАТО-дипломати во однос на расположението во Мадрид велат дека членките на самитот покажале вистинско единство долгорочно да го продолжат партнерството со Украина и дека сакаат да ја поддржат во нејзината борба. Како што се вели, никој не треба да има дилеми за таквиот ангажман, ниту владата, ниту граѓаните на Украина, ниту пак другите партнери.
Израз за таквата поддршка е нов пакет помош за земјата кој членките на НАТО ќе го усвојат на самитот и тоа независно од билатералните испораки на оружје. Во пакетот е содржана испораката на гориво, на заштитна опрема, медицински добра, пакети за прва помош и слично. Покрај тоа, Украина треба чекор по чекор да биде модернизирана за од старото руско ниво да дојде до нивото на НАТО. Конечно, Алијансата се надева дека ќе учи од украинското искуство во борбата со Русија за соодветно да се реформира западната воена индустрија.
Тестот за единството на НАТО допрва доаѓа
Кристоф Хојзген, претседавач на Минхенската безбедносна конеференција, новиот концепт на НАТО го гледа како неопходно прилагодување на реалноста.
„Русија сега е нашиот непријател, земја која го прекршува меѓународното право, врши воени злосторства - НАТО мора да одговори на тоа“, рече Хојзген во интервју за ДВ. Во однос на испораките на оружје, тој не сака да ги анализира грешките од минатото, туку ја коментира сегашноста: Украина е сега во дефанзива. „Мораме да сториме повеќе. Треба да им дадеме модерни тенкови, кои се веќе произведени и подготвени и мораме да им ги испорачаме“, вели Хојзген.
Сепак, вистинскиот тест за единството на НАТО наспроти руската закана, за што често се говореше во Мадрид, допрва претстои. „Путин е диктатор и ние мора да му се спротивставиме. Тој мисли дека не можеме, дека нашите општества се декадентни и не се подготвени да ја платат цената за слободата на Украина.“ Но, Западот мора да сфати дека тука се работи и за сопствената слобода. Хојзген смета дека е прашање на политичко лидерство на граѓаните да им се објасни ситуацијата, дури и ако значи дека ќе снема гас. Тој е оптимист дека граѓаните ќе бидат подготвени да ги поднесат соодветните жртви.
На маргините на самитот во Мадрид, браќата Кличко од Киев ја застапуваа позицијата на својата земја. Одговарајќи на новинарски прашања, Владимир Кличко рече: „Не се залажувајте, вие ќе бидете следната жртва на Путин.“
Дали Кристоф Хојзген гледа причина за страв кај НАТО-членките? Според зборовите на овој дипломат, Путин ги прекрши сите меѓународни договори. „Мора да признаеме дека Путин нема скрупули поради што треба да сме загрижени. Но, гледаме промени во одбраната, во енергетиката, и треба да продолжиме по патот на промените. Да покажеме дека ја имаме неопходната отпорност“, категоричен е Хојзген.