1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Наше дете” не чека виза

5 декември 2019

Просечниот млад човек во оваа земја живее во оправдана убеденост дека што и да превземе, колку и да учи и работи, светлата иднина е однапред резервирана за неговите натпросечно политички и по моќ поврзани врсници.

https://p.dw.com/p/3UHIm
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Среде сите политички ветувања за светлата иднина на државата, веста за неславното рангирање на образованието е отрезнувачко предупредување за невеселата судбина на земјата во децениите пред нас. Како што беше пренесено од медиумите, „најновата студија на ОЕЦД, ПИСА тестот покажува дека на 15-годишниците им недостасува развоен менталитет”. Најпоразителниот детал од опширната анализа укажува дека „повеќе од 60 проценти од анкетираните средношколци во Северна Македонија сметаат дека не можат да напредуваат и да се развиваат”. Заклучокот е дека „големо мнозинство од учениците не веруваат дека со напорна работа и учење можат да напредуваат.

Очекувано, реакциите на јавноста беа речиси диктирано вперени во критика кон домашното образование, образовните институции и образовниот кадар. Очекувано, потресеноста на јавноста од жалните податоци траеше ден- два. За потоа да бидат потиснати од охрабрувачките вести на власта за спасот во НАТО и куражењата на опозицијата дека лекот е во нивно враќање на тронот. Во меѓувреме, и очекувано, остана неодговорено прашањето зошто младите не веруваат во себе, во својот труд и потребата за учење. И зошто спасот за себе го гледаат или според мерката на власта (за бегање на запад) или според логиката на опозицијата (тонење во партиски води).

Во јавноста не недостасуваат сведоштва и укажувања на авторитети повикани и надлежни да се занимааваат со образованието и воспитувањето на младите генерации. Огромен број од нив имаат изнесено издржани, научно поткрепени предупредувања за фаталистичкиот тренд кој доминира кај младите. А сепак, она што недостасува во тие сосема солидни осврти е согледувањето на состојбите од духовната призма на општеството и препознавањето на оние мотиви кои не можат да се опфатат низ статистички индикатори. Но се затоа директна рефлексија на отсуството на „развоен менталитет”.

Да не должам, причината за потиштеноста и недостатокот на поттик за сопствен развој е директно поврзана со втемелената убеденост на младите дека иднината е однапред резервирана и определена, без можност да се менува. За повозрасните тоа секако звучи како претеран песимизам и недостаток на самодоверба. Но токму во нашето, созреано и квази-оптимистичко одмавнување со рака кон таквиот песимизам на младите, лежи и мотивот за нивната „ОК, стари” (OK, boomer!) резигнирана реакција на индигнација.

Други колумни од авторот:

-Еден друг Ричард

-Реанимација на неутралноста?

-Annus horribilis MMXVI

Просечниот млад човек во оваа земја живее во оправдана убеденост дека што и да превземе, колку и да учи, се труди и работи, светлата иднина на успехот е однапред таксирана и резервирана за неговите натпросечно политички и по моќ поврзани врсници. Мотивот за фаталистичката перцепција не е поврзана со денешницата, колку со сознанието (реално или не) дека скраја нивниот напор, сепак на крај тие не можат да го достигнат врвот. Кој е однапред резервиран за синовите/ќерките и внуците/внуките на кастите кои се однапред пообразовани, поупатени, изверзирани, истренирани без оглед колку се всушност образовани или способни. За нас постарите, концептот на иднина е определен од надежта дека младите ќе донесат промена од која и ние ќе имаме ќар. Но, во очите на младите, секој поглед нагоре согледува само еден аспект- стаклениот ѕид кој виси над нивни глави и низ кои ги гледаат петите на децата на моќните. 

Ние, повозрасните, им замеруваме на помладите за депримирачката состојба на духот. Притоа изумувајќи дека една од причините за младешката депресија извира од нашата лицемерност и страв да на врсниците по возраст им укажеме дека нема да дозволиме да сопствените „просечни млади” ги жртвуваме за да нивните „наши деца” бидат успешни според истите критериуми кои не имаат понижувано. Фатализмот на младите е исход на кукавичлукот на генерации и генерации родители кои со својот молк и соучесништво ја градеа пирамидата на хиерархија на арамилакот. Секогаш во име на наводна жртва „за на децата да им биде подобро”. Но дали тој молк беше навистина жртва за добро на децата или компромисно приклонување кон нормата на „не таласај” за сопствен мир и спокој?

Очекуваме од младите да потегнат и низ протести ни укажат дека не е нормално што низ политичката сцена, низ институциите и администрацијата имаме цунами на "презимењаци” со хронолошки континуитет кој датира уште од времето на комунизмот. Културата на „наше дете” е веќе толку одомаќена и етаблирана што наликува на безпоговорна, општо-прифатена генеолошка супремација на лидерска каста, на хередитарно право да таткото министер биде наследен од син министер. Во нашите водства веќе на прсти од една рака може да се пребројат ликови кои зад себе немаат татко, мајка, дедо, баба моќни ликови прекриени со моќни обетки на неформална власт. За апсурдот да биде поголем, добар дел од тие ликови се првите кои ќе залелекаат, заплачат, заурлаат „за добро на младите”-притоа мислејќи на „сопствените млади” како природно надарени да бидат лидери и за „другите млади” како природно надарени да достигнат успех во ниво на шеф на отсек –и толку. 

Македонија не е исклучок, туку правило среде сеопштата посткомунистичка историја на хередитарно лидерство и непотизам. Како и во другите пост-комунистички земји, однапред зацртаниот (не)успех на младите е определен од трите категории на „фамилијарност” како гаранција за успешна кариера. Првата категорија, семејно наследство стекнато од комунизмот и првичната акумулација на капиталот во пост-комунизмот. Втората категорија е онаа на партиска фамилијарност, определена од успехот на еден партиско/тајкунски поединец како столб за понатамошна факторизација на сопствените синови/ќерки и внуци/внуки. Третата категорија е "животинската фарма” на меѓународното наполенство, диктирано од домашните испостави на меѓународни организации кои преку грантови и кредити придонесуваат кон процутот на послушноста и сервилноста како модел на успешност.

Во тој магичен триаголник на трите семејства се преплетуваат истите семејства, истите нарации и споделените негативни инспирации на „просечните деца” за бегство од сопствената земја или внатрешен азил на исклучување од јавноста. На нив ќе се сетат единствено во периоди или побуди за повторно стекнување на одземената власт и привилегија. За час подоцна, по враќањето на моќта, бидат отфрлени или ставени „на чекање”. Секогаш под изговор дека „сметаат на нив”, дека секако „имаат сериозни планови за нивно вклучување”, но дека засега треба „да се стрпат бидејќи сега се бие битка за нив” во кои „генералните принципи на владеење” се кројат за сопствените потомци. Пешадијата, сепак, не се кани на прослави.

Прочешлајте ги имињата на младинските први постави на трите големи партии и обидете се да најдете еден автентичен авторитет зад кој не стои некаква семејна или прото-партиска спрега на подржувачи? Нема да најдете. Обидете се низ програмите на западните амбасади или институции да најдете ликови на деца ставени во визитинг програми според вистински стекната заслуга и без интервенција од партијата или пријателите? Ги има, колку за изговор. И на крај, обидете се да најдете едно дете на трите семејства кое чека за иселеничка виза. За бадијала се обидувате. Но затоа не очекувајте дека компетентноста ќе заживее во блиска иднина кај нас.

Нашата младина веќе не е бунтовна. Бидејќи е необразована? Глупава и трома? Попрво би рекол дека е таква бидејќи нема сојузници, во нас постарите. Оставена сама на себе, понижена во сопствената сиромаштија, принудена сопственото тинејџерство да го минува во следење на чаламот на привилегираните бесни врсници. Притисната до ѕид од однапред смислените хајки на партиите и манипулации на меѓународните фондации, младите немаат ориентир за препознавање на мотивот за сопствено бунтовништво. Сите ние заедно и сплотено успеавме да ги направиме неуспешни, неборбени, да се предадат пред да почне нивната борба за живот. А на нам повозрасните ни се исполни желбата да станат како нас. Замолкнати. Во дупка скриени. Предадени на судбината.

На почетокот на деведесетите, кога уште немаше амбасади, имав понуда од еден западен претставник да бидам испратен на шестмесечна обука по новинарство во САД. Понудата беше повлечена во последен час, по укажувањето на еден албанофонски партијски коруптократ кон предлагачот дека „детето кое вие го предлагате не е компетентно и нема искуство за таков тренинг. За разлика од ќерка ми која е многу способна, многу интелигентна. И англиски дури зборува”. Си останав дома. Исто и паметната ќерка.

Сеќавањето на таа епизода е доволно свежо за да од прва рака ја разберам депресијата на младите денес. Но барем во мојот случај, тоа искуство од деведесетите беше надминато од мојата младешка наивност и верба дека пред нас се нови времиња, нови можности. За жал, денешните млади не се наивни.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач