1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдобриот сладолед на светот се продава во Дортмунд

Хуан Јанез-Мехијас / Александар Методијев6 август 2014

Во италијанската слаткарница „Ајс Гамба“ во Дортмунд се произведува сладолед со ванила, кој на меѓународниот саем за сладолед во Италија ja доби една од најважните награди во браншата - „Копа д’Оро“.

https://p.dw.com/p/1CmiB
Symbolbild Eis
Фотографија: dapd

Ивано Фелтрин во својата слаткарница во Дортмунд, во која продава сладолед што доби светска награда. Тајна за вкусот всушност воопшто и нема - клучот е во свежите состојки, како ванила стапчиња екстра донесени од Мадагаскар. Тие се заштитени во студена метална кутија. По отворањето просторијата веднаш се исполнува со свеж мирис на ванила.

„Ова е ванилата. Ова е, така да кажам, моето богатство. Ванилата е цвеќе, таа е вид на орхидеја“, вели Фелтрин.

За ништо да не биде загубено, 47-годишниот Фелтрин внимателно ја вади срцевината. Малку кора од портокал, свежо млеко и јајца се загреваат на 85 Целзиусови степени. Сладоледот од ванила, кој му е омилен и на Ивано Фелтрин, веќе 50 години е продажен хит во Дортмунд.

Spaghettieis
Сладолед во форма на шпагетиФотографија: Fotolia/unpict

„Ванилата е нешто посебно. И млекото, свежото сварено млеко, е потсетување на детството, на баба ми и дедо ми“, вели Фелтрин.

Една тура од 60 литри сладолед е доволна за два дена. Сладоледот со ванила го освои пехарот за светски шампион на меѓународниот саем за сладолед во Италија. Жири-комисијата го пофали „совршениот и свеж вкус“. Ивано Фелтрин уште како дете сакал да стане сладоледџија.

„Ова сето е направено со љубов. Тоа ни е во крвта, да бидеш сладоледџија ти е во крвта. Кај нас секој прави сладолед“, објаснува Фелтрин.

Eis Deutschland Farbe
Фотографија: Fotolia/Liddy Hansdottir

Италијанецот за сладоледот користи само одбрани состојки. Ореви и лимони од Италија, боровинки од Полска и манго од Индија. Десет месеци, по седум дена во неделата, тој е во слаткарницата - сладоледот, вели, му е животот. Ивано Фелтрин дури и сонува сладолед. Неговата најнова идеја е сладолед „колбаси и пржени компирчиња“ - креација од сладолед со ореви и ванила, со слатка павлака и овошје - омаж на Рурската област.

„Има убав вкус на ванила“, вели една жена.

„Вкусно. Нема забелешка“, додава еден маж.

Веќе петта генерација во семејната фирма прави италијански сладолед. Тоа им е како дел од татковината - во Дортмунд.