1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Најрегуларни беа првите избори“

22 март 2011

Рано е за историски вреднувања на настаните, личностите и поединечните улоги, оценува за ДВ Петар Гошев, последен лидер на трансформираните комунисти, основач на Демократска партија, екс-министер за финансии...

https://p.dw.com/p/RBKh
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

Повеќето од актерите се живи, промените не се завршени, државата се‘ уште не е демократски стабилизирана. По двете децении самостојност се‘ уште имаат значење нереализирани цели - членство во ЕУ и НАТО. Поради овие причини рано е за историски вреднувања на настаните, личностите и поединечните улоги. Затоа, пишувањето „тетратки-споменари“, повеќе имаат карактер на жив албум, одошто на сериозна мемоаристика или историско четиво, вели за ДВ Петар Гошев. Тој беше последниот лидер на трансформираните комунисти, основач на Демократската партија, екс-министер за финасии, Гувернер на НБМ во заминување.

„Најрегуларни избори беа првите, во 90-та година, зашто немаше фалсификати, притисоци. И некои спорадични случаи на полнење кутии не беа оркестрирани како систем на манипулација со избирачкото тело, диригирано од партиските врвови или власта“, оценува 63-годишниот Петар Гошев, последниот претседател на Сојузот на комунисти на Македонија.

Тој не се гледа себеси како класичен комунистички водач, туку како реформатор на партијата која, кон крајот на 80-тите, со слоганот „Македонија може“ ја подготви Републиката за одделување од авторитарниот српски водач Слободан Милошевиќ .

„Клучната ориентација за Македонија, по се‘ поизвесниот крај на федерацијата, ја определи последниот состав на Централниот комитет на СКМ. Мојот став беше - нема опстојување во редуцирана федерација и без една република, не остануваме во друштвото на Милошевиќ. Ние донесовме заклучок - Македонија може и сама да опстане и затоа почнавме со подготовки за таква солуција.“

Петар Гошев беше синдикален водач, потоа ја формираше и водеше новата млада партиска елита на трансформираните комунисти СКМ-ПДП. Важеше за економски реформатор, а пред првите плурални избори ја создаде т.н. Гошева комисија, составена од искусни политичари и млади експерти, меѓу нив - Глигоров, Кљусев, писателот Чашуле, но и надежните професори Миљовски, Малески, Фрчкоски. Од неа потоа се регрутираа и министри во првата експертска влада.

„Таа комисија имаше 30-тина членови, од академици до млади универзитетски професори, писатели и други интелектуалци. Имавме два приоритети - да се подготват платформи за пазарна економија и политички плурализам. Тогашниот Извршен совет, предводен од Глигорие Гоговски, генерален директор на ’Тетекс’, успешно ги изработи и донесе сите потребни закони за изведување на првите повеќепартиски избори. Бев замолен од првите формирани партии, ВМРО-ДПМНЕ и пред се‘ Лигата за демократија на професорот Марјановиќ, поради подобри подготовки, изборите од мај да се презакажат за наесен, 1990 година.“

„Глигоров не признава дека јас го вратив од Белград“

Гошев и тогаш 24-годишниот Љубчо Георгиевски, како лидер на ВМРО и победник на првите повеќепартиски избори, преговараа кој да биде Претседател на Македонија. Изборот беше меѓу тогашниот поглавар на МПЦ, владиката Михаил, протежиран од ДПМНЕ и долгогодишниот југо-функционер Киро Глигоров, кого во Македонија на голема врата го врати челникот на СКМ, како „искусен политички волк со способност да балансира“.

„За тие што пак мислат дека е голема грешка што Глигоров беше Претседател, особено поради отсуството на похрабри и побрзи чекори на раздружување од југо-федерацијата, главниот виновник и ѓавол сум јас, иако Глигоров во своите мемоари не признава дека токму јас го вратив од Белград. Не бев изненаден од појавата на македонскиот патриотизам, па и налет на национализам, чие олицетворение беше ВМРО-ДПМНЕ, зашто јас отсекогаш верував, за разлика од некои тогашни политичари, дека Македонија може и мора да биде самостојна држава, ако дојде до редуцирање на федерацијата, што беше видливо по последниот партиски Конгрес на СКЈ во Белград.“

На наредната страница:

„Не бев скроен за политички поштар“

По поразот на првите парламентарни избори се повлече од партиското лидерство и го исфорсира младиот електроинженер Бранко Црвенковски. Во 1992 ја доби шансата да ја формира првата политичка влада, откако ВМРО -ДПМНЕ, како победник, по втор пат не успева да го материјализира парламентарното мнозинство со свој кабинет.

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Некогашното седиште на СКМ денес е објект на ВладатаФотографија: DW

„Откако не ги прифатив наметнатите личности за министри, за некои од нив имав и негативно мислење, а јас не бев скроен како политички поштар, беше нормално да го вратам мандатот за состав на првата политичка влада по падот на експертската на Клусев, која и предолго се задржа на власт.“

Гошев учествуваше во федеративната комисија за економска реформа која го отвори патот за акционерство и приватната сопственост, како рамноправна со државната. Седум години потоа, во 1994-та, како лидер на новоформираната Демократска партија во Македонија, со слоганот „Со чисти раце“ се залагаше за поделба на ваучери за сите граѓани кои придонеле во создавањето на општествената сопственост.

„Концептот на трансформација на општествената сопственост и самата приватизација предолго траеше, беа уништени добри фирми, многу луѓе останаа на улица, а тоа немаше да се случи ако не се одолговлекуваше со примената на акционерството и доколку неправдата се пеглаше со доделување ваучери за сите граѓани, што како модел го примени Словенија“, кажа за ДВ Петар Гошев.

Разговорот го снимивме во неговиот гувернерски кабинет, каде седум години ја водеше и кеираше монетарната политика, а беше премногу внимателен во одговорот дали наоѓа предизвик за нов политички ангажман:

„Да почекаме.“

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска