1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најскап гласот на иселениците - законот плаче за промени

11 април 2019

И по неколку изборни циклуси, не е најдено поинакво решение за гласање на иселениците. Државата ќе плати 30 милиони денари само за 1.782 лица кои се пријавиле да гласаат во дијаспората.

https://p.dw.com/p/3GaVl
Mazedonische Diaspora wählt in Berlin
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Од 2011 година кога за првпат беше спроведено гласање на македонските иселеници во Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), до денес голем пад бележи интересот и одзивот на иселениците за учество во изборните процеси. И покрај таквото искуство, во изминатите осум години, не беше предложена никаква измена во Изборниот законик со која ќе се најде друг начин на кој тие ќе го остварат гласачкото право, а ќе се елининираат и големите трошоци на државата за организирање избори за симболичната бројка гласачи во дијаспората.

Деновиве тоа прашање повторно се актуелизира, бидејќи пресметките покажуваат дека околу 30 милиони денари ќе чинат изборите спроведени во 32 дипломатско-конзуларни претставништва, каде се пријавени да гласаат само 1.782 лица.  

А за тие да го остварат правото на глас, ќе биде ангажирана цела армија од вработени од државната администрација, односно вкупно 256 лица, со оглед дека во секое ДКП треба да има 8 лица задолжени за спроведување на изборниот процес. За нив треба да бидат обезбедени авионски карти, хотелско сместување и надомест за други трошоци.

Нов начин на гласање

Поради ваквата математика, претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, во повеќе наврати посочува дека по претседателските избори треба да се направат измени во Изборниот законик.

Mazedonische Diaspora wählt in Deutschland
Фотографија: DW

„Ова ќе биде најскапиот глас од дијаспората и наметнува една дилема што мора да ја разрешиме. Јас не сум да се одземе еднаш даденото право на нашите граѓани. За наредниот изборен циклус како држава треба да направиме напори да го измениме начинот на гласање, комбинирајќи повеќе начини“, изјави Деркоски.

Повеќе:

-Во Германија 983 Македонци гласале за европскиот пратеник во Собранието

-Дијаспората главно расположена за избор на свој пратеник!

-Кенгурски скокови по гласовите во дијаспората

Експертите предлагаат електронско или гласање по пошта, но и за тоа да се рализира потребно е иселениците да бидат евидентирани, односно да се обезбедат податоци за нивната бројка. Тоа во моментов е тешко, со оглед дека речиси никој од нив не го пријавува своето отсуство повеќе од една година кога ја напушта државата.

Според поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, неопходен е закон за привремен попис на избирачи, кој ќе овозможи еден вид активна регистрација на гласачите во дијаспората. Во спротивно, смета дека нема да има одзив, ниту може да се надеваме на тоа, ако не знаеме колкава е таа бројка во дијаспората.

Голем дел од проблемот експертите го лоцираат и во фактот дека за да се организира гласање во некое ДКП, услов е да има 10 пријавени. Тоа го сметаат за исклучително низок праг, од што произлегува и финансиската неисплатливост во такви услови да се организираат избори во македонските ДКП.

Мал одзив

Но, дури ни десет граѓани не изразиле желба да гласаат на овие претседателски избори во 15 ДКП. Во амбасадите во Пекинг, Њу Делхи и Солун се пријавил по еден гласач, двајца во Каиро, Доха и во Астана, тројца во Москва и во Тирана, шест во Анкара, Атина и Мадрид и по седум во Софија, Подгорица и Варшава, што значи дека таму нема да се спроведе гласање. 

Mazedonische Diaspora wählt in Berlin
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Најголем број иселеници се пријавиле за гласање во Венеција - 294, во Љубљана - 215, во Париз и во Отава повеќе од 120. Во Берн, Берлин, Торонто, Мелбурн, Белград се пријавени помалку од 100 луѓе да гласаат. Помала бројка на иселеници ќе гласаат во Абу Даби, Бон, Брисел, Будимпешта, Букурешт, Вашингтон, Виена, Детроит, Загреб, Истанбул, Камбера, Копенхаген, Лондон, Минхен, Њујорк, Осло, Прага, Приштина, Рим, Сараево, Стокхолм, Хаг и во Чикаго.

Хронолгијата и податоците покажуваат видлив пад на одзивот на иселениците во последните гласачки циклуси. Дури ни жешкото рефрендумско изјаснување одржано лани во септември, не го зголеми одзивот на гласачите во странство: гласаа околу 2.700 избирачи во 33 дипломатско-конзуларни претставништва. Дури и да се земе предвид дека тоа било резултат на нивна желба за апстиненција, односно за бојкот на реферндумот, сепак, податоците говорат дека и во други прилики таа бројка не била многу поголема. На предвремените парламентарни избори одржани во декември 2016 година, гласаа само 5.700 македонски иселеници. Имајќи предвид дека официјални податоци говорат оти во последните десет години од земјата се иселиле од 400.000 до 600.000 граѓани, овие бројки на излезени гласачи се и помалку од симболични.