Најтешката криза на Владимир Путин
7 мај 2020Бројот на заразени од коронавирусот во Русија неделава го достигна петтото најголемо ниво во светот, а рејтингот на рускиот претседател Владимир Путин падна на најниско ниво откако е на функцијата.
Денеска се навршуваат 20 години откако Путин, која изгради репутација на гарант на стабилноста на земјата, беше инаугуриран за претседател.
Во актуелната криза, проследена со голем раст на бројот на заразени и пад на економијата, рускиот лидер делува нетипично малку инволвиран во пристапот кон ситуацијата. Последниот месец тој работи од далечина, од својата резиденција во Ново-Огарјово, делегирајќи им задачи на високите функционери преку видео-конференции кои се пренесуваат на телевизија.
„Путин одлучи да биде внимателен, прикажувајќи се ангажиран, но истовремено делегирајќи им задолженија на други функционери за да не биде виден како единствена јавна личност одговорна за кризата, која може да води до здравствена катастрофа“, вели политичкиот експерт Дијар Аутал за ДПА.
„Како и други лидери ширум светот, Путин е соочен и со епидемиолошка и со економска криза. Ширењето на вирусот се уште не го достигнало пикот, но економските проблеми ги чувствуваат милиони, што се одразува на неговиот намален рејтинг“, вели Аутал од Центарот за руски и евроазиски студии на Универзитетот Харвард.
Процентот на Руси кои го поддржуваат рускиот претседател е паднат на историски најниски 59 отсто. Анкетата е спроведена на крајот на минатиот месец кога бројот на заразени од коронавирусот во Русија ја надмина Кина. Оттогаш бројките ги надминаа и Франција и Германија.
Путин останува популарен меѓу групите кои имаа „ограничена можност да си ги подобрат животите“, како постарите луѓе и одредени делови на руралното население. Притоа, само 12 проценти од младите на возраст меѓу 18 и 24 години се задоволни од неговата работа.
На почетокот на кризата Путин му беше верен на својот имиџ на лидер кој е во првите редови на менаџирањето со проблемите, посетувајќи ја болницата Комунарка во Москва со заштитно одело. Но една недела подоцна беше објавено дека Путин ќе работи од дома затоа што еден од лекарите во болницата со кој што се поздравил бил заразен од коронавирусот. За разлика од Путин кој не се зарази од вирусот, премиерот и министерот за култура се позитивни. Во меѓувреме бројот на заразени во земјата се искачи над 177 илјади откако само денеска (07.05.2020) беа евидентирани нови 11 илјади случаи.
Економската активност во земјата е падната за 33 проценти откако беа воведени ограничувањата во втората половина на март. Министерот за економија Максим Решетников во средата соопшти дека руската економија, зависна од извозот на нафта, е дополнително оптоварена поради падот на цената на енергенсот.
Руските власти се обидуваат да изработат план за олеснување на дел од мерките со што би се рестартирала економијата. Путин им даде задача на регионалните власти да оценат кога да се подигнат ограничувањата на локално ниво.
„Путин повеќепати ги повика владата и регионалните гувернери да преземат поголема одговорност“, оцени политичкиот експерт Татјана Становаја во анализа објавена московскиот центар на Карнеги.
„За жал, пандемијата фрли остра светлина врз долготрајната реалност: Путин станува се повеќе исклучен од рутинските задачи на владата и повеќе сака да им делегира задачи на другите“, оценува Становаја.