1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Груевски на Водно сакал да гради куќа во барок

ДТЗ
16 јули 2021

Обвинителката Лиле Стефанова бара сите обвинети да бидат прогласени за виновни и да биде конфискуван имотот кој го купувал Груевски.

https://p.dw.com/p/3wZTZ
Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Груевски нема имот и е невработен, нема возило, има заштеда само од плата. Ваква слика експремиерот во бегство, Никола Груевски, градел повеќе од десет години, додека беше премиер во Северна Македонија. Но, во меѓувреме купувал имоти во Скопје и во Крушево со партиски пари, кои ги заведувал на туѓи имиња. Планот му бил на Водно да гради барокна куќа. Но, со јавното објавување на „бомбите“ многу скриени работи испливале на површина. Обвинителката Лиле Стефанова, на денешното прво рочиште од судскиот процес за „Плацевите на Водно“ во Основниот кривичен суд Скопје, рече дека ќе се обиде да го докаже токму тоа – дека Груевски поседува имот кој за својот мандат го стекнал, но го запишувал на други имиња. Тоа планира да го докаже со сослушување сведоци кои купувале имот на име на фирми. 

-повеќе на темата: Донациите за ВМРО-ДПМНЕ, станувале плацеви на Груевски, тврди обвинителството

На предлог на Стефанова на Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, ќе му се суди во отсуство, зашто веќе бил сослушан во предистражна постапка и дал одбрана. Груевски го застапува адвокатот по службена должност Мехмет Сефери. 

Nord-Mazedonien Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Лиле СтефановаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба во обвинението. Барам сите обвинети да бидат прогласени за виновни, и да биде конфискуван имотот“, рече Стефанова. 

Судскиот процес се води за плацевите што ги купил Никола Груевски на Водно за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги злоупотребил од партиската членарина. Според обвинението, тие средства потоа ги испрал со помош на обвинетите Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик. 

Од идеја до реализација

Според обвинителката, се започнало кога Груевски дознал за земјиштето, кое сакал да не се запише на негово име, а на него планирал да гради куќа во барок. Побарал помош од поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков. Со помош на Ненад Јосифовиќ, сопственик на офшор компанија во Белизе, ја регистрираат фирмата Сирах инженеринг во Македонија. За управител бил поставен Ристо Новачевски. Тој се потпишал на купопродажбата на земјиштето. 

-повеќе на темата: Судот ја одби гаранцијата, Мијалков останува во притвор

Во 2015 кога почнуваат да се објавуваат „бомбите”, земјиштето со измени во плановите од шума е пренаменето во градежно земјиште. За да се прикријат трагите, се префрла фиктивно на „Орка Холдинг”. Според Стефанова, Камчев не го купува земјиштето, туку уделот во „Сирах” за 1.350.000 евра. Следи и договор на 1,5 милиони евра, но средствата не се исплатени. 

Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Орце КамчевФотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителката со докази добиени преку меѓународна помош, најави дека ќе се обиде да докаже дека компанијата „Орка“ испраќа пари на „Сирах“, кои се слеваат на офшор компанија во Панама, каде сопственици се Камчев и Јосифовиќ, но истиот ден се враќаат пак во „Орка“. 

Мијалков со тројца, Камчев со шест адвокати

Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков во случајот „Плацевите на Водно” ќе го бранат тројца адвокати - Петар Василев, Миле Петковски и Звонко Давидовиќ. Бизнисменот Орце Камчев ќе го бранат шест бранители - Гоце Ристевски, Тони Менкиновски, Еленко Миланов, Антонио Апостолски, Саше Бошков и Александар Михајловски. 

Адвокатот на Сашо Мијалков, Ѕвонко Давитковиќ по завршувањето на судењето во изјава за медиумите рече дека обвинението против Мијалков, нема никаква логика. „Онака како што е напишано обвинението воопшто не соодветствува на законското битие на законското дело перење на пари. Покрај тоа што нема правна логика, нема ни човечка логика, затоа што на еден министер за финансии, на премиер кој беше 10 години, навистина не му е потребен никој кој ќе му обезбеди офшор компанија. Обвинителката сама во воведниот говор си скока во уста и вика дека веќе знаел дека имало офшор компании, па капиталот го вложувал. Така да, обвинението е буквално исконструирано по мојот клиент“, вели Давитковиќ. 

-повеќе на темата: Станови, куќи и 250 илјади евра не се доволни како гаранција за Орце Камчев

Еленко Миланов, адвокатот на Орце Камчев, вели дека до судот се доставени потврди дека бизнисменот не може здравствено да ги издржи условите во притворот во Шуто Оризари. „Здравствената состојба е потврдена од четири институции со медицински докази и потврди од сите кардиолози кои укажуваат на многу висок ризик од условите во кои се наоѓа и дека може да има страшни последици по неговото здравје“, рече Миланов. 

Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Сашо МијалковФотографија: P.Stojanovski/DW

Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. 

Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението беше подигнато во мај годинава. Груевски од Будимпешта повеќепати се јави со објави на „Фејсбук“ во кои тврдеше дека не е сопственик на имотот и дека не правел никакви зделки. 

Следното рочиште е закажано за 19 јули.