1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесност за негувателите од БиХ по аферата со дипломите

Бегзада Килијан
12 април 2019

По аферата со дипломите на медицински лица од Босна и Херцеговина, Министерството за труд и социјала на Германија тврди дека нема измени на одредбите за вработување негуватели од оваа земја.

https://p.dw.com/p/3GcMK
Symbolbild Krankenpflege
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Известувањето од Агенцијата за работа и вработување на Босна и Херцеговина од 27 март годинава внесе голем немир меѓу оние кои сакаат да аплицираат за негуватели во Германија. Во соопштението на директорот на агенцијата, Муамер Бандиќ, кое го пренесоа многу медиуми во БиХ, а кое може да се најде и на официјалната интернет страница на агенцијата, стои:

„Врз основа на одлуката на Сојузното министерство за труд и социјала на СР Германија, веќе не се прифаќаат дипломите за завршено медицинско училиште за општа и педијатриска насока, добиени со преквалификација во државно или во приватно училиште. Поради тоа, им обрнуваме внимание на кандидатите кои аплицираат преку Агенцијата за работа и вработување на Босна и Херцеговина за негуватели во СР Германија дека Централниот уред за посредување при вработувањето стручна работна сила (ЗАВ) од февруари 2019 година почна да дава негативни одговори за вакви дипломи и дека веќе не е можно да се заснова работен однос како негувател со дипломи стекнати со преквалификација.“

Повеќе:

Германците најавуваат проверка на дипломите од БиХ

Надлежните во Германија демантираат дека постојат измени

Во одговорот на директното прашање на ДВ поставено до Сојузното министерство за труд и социјала во Берлин, експлицитно се вели дека во одредбите во врска со оваа проблематика не е променето ништо уште од 2013 година, кога ова министерство донесе одлука за регулирањето на начинот на носење медицинари од БиХ. Сличен одговор доаѓа и од Централниот уред за посредување при вработувањето стручна работна сила (ЗАВ), кој е со седиште во Бон. И во одговорот на портпаролот на овој уред стои дека ништо не е променето во програмата за вработување Triple Win, која оваа служба по налог на Сојузното министерство за труд и социјала го спроведува во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка.

Doktorhut mit Diplom
Фотографија: Gina Sanders - Fotolia.com

Сѐ повеќе негативни одговори

Како и да е, оние кои аплицираат во последно време добиваат сѐ повеќе негативни одговори. Некои од оние кои се огласуваат и на социјалните мрежи сметаат дека тоа има директна врска со аферата за купување дипломи во БиХ, за која известуваа и германските медиуми. Меѓу нив е и Нермина С. (целото име познато на редакцијата), која со голем ентузијазам дошла во Берлин за да го подобри знаењето на германски јазик пред и официјално да аплицира за негувателка во Германија.

По завршените студии во сосема друга бранша, во која не можела да најде работа во БиХ, таа одлучила на тригодишно школување за медицинска сестра во една од  босанските државни болници. Завршила со најдобри оценки, добила препораки, сѐ превела на германски јазик. По извесно време поминато во Берлин се пријавила и на конкурсите во неколку берлински болници. Од неколку веднаш добила понуди за разговор, а во една и шанса за пробна работа. Но, по соопштението од Агенцијата за работа и вработување на Босна и Херцеговина, Нермина добива постојано негативни одговори. Болницата во којашто го одработила пробниот ден сѐ уште не ѝ одговорила. На младата девојка, која не го открива целосно идентитетот, ѝ се урнал светот.

„Не можам да го поднесам чувството дека сиот труд, време и пари кои ги вложив во преквалификација, беа залудни. Сега сите ние од БиХ сме под генерално сомневање дека сме ги купиле дипломите. Зошто воопшто би ни се давала шанса и би се проверувале нашите дипломи, кога за овие работни места конкурира и медицински персонал од други земји, не само од регионот, туку од цел свет“, вели таа.

Германското Министерство за труд и социјала на прашањето на ДВ одговара дека оценката на свидетелствата се врши како и досега и дека нема никаква врска со информациите за лажирање на дипломите. Во Агенцијата за работа и вработување на Босна и Херцеговина пак не сакаат да ги коментираат ваквите наводи.