Нема мораториум за „бомбите“, се множат барања за оставки!
12 мај 2015Што по „Куманово“? Дали безбедносната состојба во иднина ќе ги моделира и стави под мораториум најавените активности на опозицијата за демаскирање на власта и како ќе се решава политичката криза? Ова се прашањата со кои е „бомбардирана“ опозицијата, особено по полициската акција во Куманово во која животот го изгубија осум полицајци.
„Нема мораториум врз процесот на објавување на 'бомбите' на опозицијата. Нивното објавувањето ќе продолжи, но заради сензитивноста на состојбата ќе решиме кој вид докази ќе и ги презентираме на јавноста. Од најавениот протест на 17 мај не се откажуваме, но конечниот став ќе го соопштиме денеска, по консултации со граѓанските организции, бидејќи ова не е партиски туку натпртиски и сеграѓански протест“, велат високи партиски извори од опозицискиот СДСМ.
Во меѓувреме растат барањата за оставки од актуелната власт заради високата цена во човечки животи со која заврши полициската акција во Куманово, но и заради сомневањата во нејзината професионалност. Лидерот на СДСМ, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, изјави дека на седницата на Советот за безбедност не биле дадени искрени одговори во однос за сознанијата за терористичката група.
„Дел од одговорите беа 'истрагата ќе покаже', а за дел ме излажаа. Ме излажаа затоа што кога прашав 'Колку време ја следеле оваа криминална терористичка група', рекоа 'Осум месеци'. Јас имам докази дека е една година и осум месеци“, рече Заев. Веднаш потоа, медиуми под контрола на власта излегоа со наслови дека Заев издал државна тајна, со тоа што во јавноста соопштил податоци што ги дознал и за кои се разговарало на Седницата на Советот за безбедност.
Лошо организирана акција
Д-р Благоја Марковски, воено-политички аналитичар, има повеќе забелешки за акцијата на МВР во која е елиминирана терористичката група, но резултира со катастрофални последици за македонските полициски сили: осум загинати, 37 повредени, како и со огромна материјална штета за граѓаните.
„Без оглед на тоа што во водачите на паравоената структура се разбиени и тешко може да се очекува сличен атак во наредниот период, лошо осмислената и лошо организираната и изведена акција од страна на МВР посочува на неколку битни безбедносни аспекти, во превентивна и во репресивна смисла. Упадот на паравоените формации на македонска територија укажува на потреба од преиспитување на организацијата и реализацијата на граничното обезбедување и во однос на постапките, и во однос на бројот на персонал и средства со кои се врши обезбедувањето“, вели Марковски.
Според него, и покрај оперативните сознанија дека се работи за екстремно-криминални поединци со исклучително воено искуство, не биле активирани елементите на системот за кризен менаџмент, а нивната улога била запоставена.
„Иако постоеле констатации дека упаднатите формации немаат поддршка ниту во Македонија ни во регионот, а надлежните добиле конкретни насоки за постапување, во акцијата се занемарени ризиците по животите на припадниците на МВР. Тие го дадоа својот максимум гинејќи на теренот и здобивајќи се со тешки повреди. Планерите на акцијата морале претходно да определат за опкружување на локацијата на паравоените структури, да се изврши извлекување на цивилното население, а потоа да се изолира оваа вооружена групација и со помош на други средства и тактички постапки, таа да се принуди или да се предаде или да биде елиминирана“, вели Марковски.
Долготрајната политичка криза и кризата на институциите во Македонија, според Марковски, неминовно води кон внатрешна безбедносна криза.
„Тоа создава реални услови, разни криминални и терористички групи да можат да предизвикаат процес кој води кон дестабилизација на државата. Имајќи ја предвид длабочината на кризата, прв приоритет и единствено излезно решение се чини дека е оставката на Владата и формирање на преодна влада“, дециден е Марковски.
Оставки и одговорност бараат и низа граѓански организации кои најавија дека секој ден во 18 часот ќе протестират пред Владата. Провладините медиуми, пак, објавија дека од вечерва во 19 часот на плоштадите во 23 градови ќе се одржат собири на кои ќе се изрази поддршка кон македонската полиција.
„Да се заблагодариме за нивниот патриотизам, за нивната професионалност и непоколебливост во одбрана на нашата држава, на нашите животи и нашиот мир и соживот, воспоставување на ред и владеење на законите“, се вели во повикот објавен на Фејсбук страната „Поддршка за македонските безбедносни сили“.
„Чиста монтажа“
Аналитичарот Мерсел Биљали, смета дека актуелната состојба е „чиста монтажа од власта“.
„Не е проблем да најдете луѓе кои ќе ги мотивирате за да се сликат како дел од трагичниот театар. Дури и жртвите за ваквиот режим воопшто не се важни. Важна е власта и парите. 'Бомбите', на Заев практично го закопаа општото фалш-мнение кое во голема мера владееше кај граѓаните, дека се работи за чесна и одговорна власт која 24/7 се грижи за луѓето. Сега гледат дека царот е гол. Дека наместо чесност има тежок криминал. Наместо одговорност - тешки злоупотреби. Наместо грижа за луѓето- газење по нивните животи. Наместо професионалност - тешки манипулации. Луѓето сега гледаат дека биле водени од структура која повеќе наликува на мафијашка организација отколку на политичка партија, дека лажниот патриотизам служел само како амбалажа“, вели Биљали.
Според него, за да ги сочува позициите под притисокот на граѓанското незадоволство, власта почнала со монтажи за опасност од УЧК.
„Денес воопшто не е тешко за пари да најдете некого кој ќе ви направи солиден театар, не поштедувајќи дури ни жртви. Ова во Куманово имаше за цел да ја спаси власта на ВМРО и ДУИ, фокусирајки го мнението на наводно 'поважни работи' и настојувајќи да го вратат имиџот на 'патриоти'. Тоа нема да трае долго. Наскоро ќе се демаскира монтажата, а контрареакциите ќе бидат многу посилни од претходно. Ова опасна монтажа, меѓудругото, имаше за цел и да ги деактивира бомбите за 'името', и за 'Монструм', кои ќе ги закопаа коалициските лидери. Итно треба да се размонтира целиот тој систем, бидејќи со Груевски големи се шансите Македонија да ја снема, но со многу жртви“, предупредува Биљали.
Амбасадорите загрижени
Тонови на критика и загриженост произлегоа и по вчерашната средба на амбасадорите на САД, Франција, Италија, Велика Британија, Германија и ЕУ со премиерот Никола Груевски. По средбата дадоа тие заедничка изјава во која, меѓудругото, се вели: „Ги изразивме нашите грижи до премиерот дека неговата Влада не направи прогрес во контекст на многу од обвинувањата кон Владата кои произлегоа од прислушувањето. Ова континуирано непреземање на дејствија фрла сериозен сомнеж врз посветеноста на Владата на Македонија за демократските принципи и вредности на евроатланската заедница. Постојаниот неуспех да се демонстрира оваа посветеност со конкретни дејствија ќе го наруши прогресот на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО.
Исто така ги изразивме нашите очекувања што се однесува на прислушувањата кои откриваат неприфатливо однесување, потребни се соодветни политички и правни мерки за одговорните со цел да се постапи по слабостите на институциите кои се видливи од прислушувањето. Бараме Владата да размисли за специфични реформи, вклучувајќи го интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, слободата на говорот и заштита за тн. „доставувачи на информации“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли, соопштувајќи го заедничкиот став на амбасадорската шесторка.
Тие на средбата со премиерот Груевски изразиле сочувство за загинатите во Куманово и најавиле дека нивните земји стојат на располагање доколку е потребна нивната помош. Бејли рече дека тие целосно го поддржуваат демократското право на здружување на граѓаните и на мирен протест, и апелираа до сите инволвирани, да се воздржат од насилство.