Нема правда за жртвите од Гези
31 мај 2016
„Ноќта на 3 јуни 2013. околу 10 часот се враќав дома. Имаше протести во соседството, а полицијата интервенираше. Одеднаш во десната страна ме погоди канистер од солзавец и паднав на земја. Група полицајци ме прегазија. Во тој момент делумно ја загубив свеста. Чувствував само удари по главата со тврд објект. Потоа ме влечкаа по земја и ме фрлија во оган“, раскажува 40-годишниот Хакан Јаман, потсетувајќи се на голготата низ која минувал.
Јаман тврди дека не бил меѓу демонстрантите кои таа ноќ протестираа во Гези-паркот. Денес, неговиот живот е далеку од нормален по безброј операции.
„Целосно го загубив левото око, носот ми беше скршен, од черепот ми се гледаше мозокот. Веќе немам јаболчица. Немаше ниту една коска од левата страна на лицето која не ми беше скршена. Во три години, бев 9 пати опериран“, раскажува Јаман.
Протестите, започнаа како отпор против сечењето на дрвјата во паркот заради изградба на трговски центар на 27 мај. Околу 50 луѓе поставија шатори во паркот. Полицијата го нападна нивниот камп на 31 мај, по што десетици илјади луѓе маршираа кон Таксим. Оттогаш протестите се проширија на цела Турција. Истиот ден, 37-годишниот Волкан Кесанбилици бил меѓу десетиците илјади кои марширале кон плоштадот Таксим. Бил погоден од пластичен куршум и го загубил едното око. Единственото на што мислел во тој момент бил неговиот двегодишен син.
„Прво помислив дека ме погодија со канистер солзавец. Си помислив, како син ми ќе ми погледне в лице?“, се присетува Кесанбилици.
Според официјалните податоци на министерството за внатрешни работи, протестите се прошириле во речиси сите 81турски провинции со исклучок на две. Околу 2,5 милиони луѓе низ Турција излегле на улиците. Според податоците на организациите за заштита на човековите права, 11 луѓе низ земјата биле убиени за време на протестите. Повеќе од 8.000 биле повредени, од нив 43 сериозно. Според полицијата, повредени биле 4.000 демонстранти и повеќе од 600 полицајци.
Но, досега за 11 убиени луѓе, само петмина се осомничени пред судот за убиство. Другите истраги за тешки повреди не донесоа ниту едно обвинение. Според адвокатот на Јаман, Елиф Ејлем Дедеоглу, најголема пречка за подготовката на обвиненијата е владиниот притисок врз судовите, и целосната блокада на истрагите.
„Другите пречки во подготовката на обвиненијата се во неможноста да се добие пристап до снимките од полициските оклопни возила кои биле на задача. Експертите тврдат дека снимките од интернет и од други медиуми не се доволни за да се одреди вина“, вели адвокатот Дедеоглу.