1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема притвори, „страдаат“ пасошите

1 јули 2017

Одбиено е барањето на СЈО за мерки притвор за поренешните министри Елизабета Канческа-Милевска и Владимир Пешевски, но и за Тони Трајковски, градоначалник на Гази Баба. За Мендух Тачи е одбиена мерката на претпазливост.

https://p.dw.com/p/2fksu
Frankreich Justiz Statue Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Meyer

И втората „тура“ решенија на Кривичниот суд завршија без прифаќање на предлозите на СЈО за мерки притвор, и само со изрекување мерки на претпазливост. Зад решенијата што стојат зад иницијалите на осомничените во соопштението на Кривичниот суд, епилогот е следен: како неосновано е одбиено барањето на СЈО за определување мерки притвор за осомничените - поренешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски и за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.  

Како што соопшти Судот, предлогот за определување мерка притвор против Т.Т. осомничен во истиот предмет, се одбива како неоснован и му се определуваат мерки за претпазливост. Како неоснован е одбиен и предлогот за мерка притвор за В.П. осомничен  во предметот „Траекторија“ и му се определени мерки за претпазливост. Истото решение е применето и за Е.К.М. и Л.Л.Ц. во врска со предметот „Тендери“. Судот ги одби како неосновани и предложените мерки за претпазливост за осомничените во предметот „Титаник 2“ - М.Т., Б.И., С.С., Б.Н.П, Б.А., А.Џ. и Г.Ф., меѓу кои е и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Mazedonien Reisepass
Неколку одлуки за привремено одземање пасошиФотографија: DW

Одземање на патни исправи

Привремено одземање на патни исправи, забрана за добивање нови и јавување во судот, е мерката изречена за осомничените во предметот „Тарифа“ -  Д.Б., М.С. и Н.Ѓ., како и за Н.С., осомничен во предметот „Трезор“ за набавка на опрема за следење на електронски комуникации од 860 илјади евра преку фирмата „Финзи“, за потребите на МВР.

Истите мерки на претпазливост се прифатени и за Т.Ѓ., Д.Д., М.Т., Д.Г. и В.Т. осомничени во предметот „Топлик“, но и за А.Д.А, Е.Н., Н.Р. и М.З. осомничени во „ТНТ“.

Против овие решенија дозволено е право на жалба до Апелацискиот суд, во рок од три дена од приемот на решението.

Вечер во 21 часот и 40 минути истекува законскиот рок за изјаснување на Судот за предложените мерки во врска со предметите „Титаник“, „Таргет„ и „Трезор“, во кои СЈО бара притвор за Никола Груевски и Сашо Мијалков.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за монтиран процес

Денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно реагираше на обвиненијата од СЈО

„После вчерашната работа на канцеларијата на СДС, СЈО едно е совршено јасно: се прави единствен атак врз ВМРО-ДПМНЕ, со цел нејзина политичка елиминација за конечно слабеење на Македонија и исполнување на плановите на оној кој го смислил цело ова сценарио. Целта е стигматизирање и оцрнување на стотина луѓе од ВМРО-ДПМНЕ против кои се води политички процес чија крајна цел е политичка, и никако правна. Она што се случува со СЈО нема апсолутно никаква врска со правото и исклучиво е поврзана со политичките интереси на одредени структури“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека станува збор за „монтиран политички процес, без докази“.

„Апелираме судот да не подлегнува на притисоците и заканите кои се вршат. Да се држи до словото на Уставот и законите. Воедно за сите оние кои што ќе се огрешат кон законите, кои што вршат притисоци и без докази спроведуваат политички атак, укажуваме дека ќе има правда, и таа ќе дојде брзо. Ќе дојде времето кога ќе одговараат за своите злодела и криминали“, порача партијата.