Немири во Хонгконг - Запад воздржан
16 август 2019Од почетокот на јуни во Хонгконг има постојано протести. Според организаторите, околу два милиона лица учествувале во нив. За неделава се најавени три милиони активисти на демонстрациите со кои се бараат демократски и повеќе права на самоопределување, како на пример директен избор на првиот човек во Хонгконг и членовите на парламентот.
Протестите со секоја недела стануваат сѐ понасилни. Полицијата употребува солзавец и гумени куршуми. Во вторникот еден полицаец дури го извади и службениот пиштол откако тој и тројца колеги беа нападнати од демонстрантите. Претходно му биле одземени пендракот и бибер спреј од рака. Сепак не пукал.
Се бара појасна критика на сметка на Кина
Од Европа досега имаше само тивка критика за централните кинески власти. По тешките судири меѓу демонстрантите и полицијата во вторникот на терминалот од аеродромот, портпарол на Европската комисија повика на намалување на тензиите. „Со оглед на немирите и зголемувањето на насилните судири, умесно би било двете страни да се воздржат од било каква форма на насилство и итно да преземат мерки за деескалација на ситуацијата", се вели од Брисел.
И Германија повика на воздржаност и дијалог. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас вели: „Нештата ескалираат. Затоа може само да апелираме сите страни да се воздржат."
ЕУ од почеток ги поддржува протестите во Хонгконг, смета Вили Лам, вонреден професор на универзитетот во Хонгконг. Но, би можела, со оглед на сѐ посилните обиди на Пекинг за заплашување, да биде и покритична. „Досега имаше само типични дипломатски соопштенија од Европа", вели Лам во интервју за ДВ. Смета дека некои земји од ЕУ, особено од источна и југоисточна Европа, негуваат економски релации со Кина и заради тоа спречуваат заземање јасна позиција на ЕУ во однос на Кина.
Воздржаност и во Белата куќа
И американскиот претседател Доналд Трамп е воздржан со изјави за протестите. Тој на Твитер напиша дека кинескиот претседател Ши Џинпинг може лесно и човечки да го реши конфликтот во Хонгконг. Инаку, Трамп го презема речникот на кинеската пропаганда и зборува за „немири" во поранешната британска колонија. На изборна кампања во Охајо изјави дека „Хонконг е дел од Кина и Кина самата мора да си ги реши тие работи."
Експертот за Кина Лам изјавите на Трамп ги гледа во контекст на трговската војна. „Трамп не сака да го докомплицира спорот." Истото мислење го дели и Кристин Ши Купфер, експерт за Кина на институтот Меркатор во Берлин. „САД испраќаат сигнал дека Хонгконг не е најгоре на агендата, што се однесува до релациите со Кина. Фокусот од гледна точка на Вашингтон е на трговскиот спор."
Сепак Трамп подоцна беше и погруб во тонот, откако демонстрантите во понеделникот и вторникот го прекинаа сообраќајот преку аеродромот во Хонгконг. Трамп твитна дека американски тајни служби потврдиле оти кинески сили се распоредени на границата кон Хингконг. Ситуацијата во Хонгконг ја опиша како „заплеткана", но се надева дека ќе се најде решение за сите страни, вклучително и за Кина, без да биде некој повреден или убиен. Тој додаде дека решението треба да биде во духот на слободата.
За многу демократски и републикански сенатори новата позиција на Трамп не е доволна. Некои како демократот Џим Мекговерн од Масачусетс, кој се залага за заштита на човековите права, дури сметаат дека е погрешна и опасна. „Неговите ставови оставаат простор за погрешни проценки."
Американскио конгрес ја држи истата позиција уште од почетокот на протестите. 10 сенатори во заедничко соопштение ја пофалија храброста на демонстрантите чиј што пример може да го следи светот. „Ги поддржуваме демонстрантите кои се борат за слобода и ја повикуваме владата во Хонгконг и во Кина да го почитуваат правото на мирен протест."
По почнувањето на постојаните демонстрации, во јуни во Конгресот беше претставен нацрт закон за човековите слободи и демократијата во Хонкгконг. Тој предвидува годишна евалуација и потврда на автономниот статус на Хонгконг од страна на американскиот претседател. Ако статусот не се потврди, Хонгконг би ги изгубил трговските привилегии. Тоа би било тежок удар за градот, но и за Пекинг, бидејќи многу државни фирми и натаму го користат Хонгконг како пристап до меѓународните финансиски и пазари на капитал.
Повеќе на темата:
Цената на воена интервенција во Хонгконг
Во Хонгконг владеат хаос и паника
Хонгконг и прекршеното ветување на Кина
Ставот на кинеската влада беше јасен, како што покажува примерот со критиката врз Кина од страна на претседателката на претставничкиот дом Ненси Пелоси. „Ненси Пелоси и неколку други американски политичари повторно и повторно ги извртуваат работите. Тие со тоа поддржуваат насилни радикални криминалци чие однесување го декларираат за исправно", критикуваше портпарол на кинеската влада.
Загриженост во ОН
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации е исто така загрижен од ескалацијата на насилството. Постојат веродостојни докази дека безбедносните сили, на пример, испукале повеќе бомби со солзавец директно кон демонстрантите. Зголемен е „ризикот од смртни случаи и сериозни повреди".
Но, влијанието на ОН е екстремно ограничено, како што вели Ши-Купер: „Кина е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, што во принцип го прави залуден секој обид да се предложат санкции или резолуции за Кина во ОН."
Според Вили Лам, конечните одлуки секако ги носи претседателот и генерален секретар на КП на Кина, Ши Џинпинг во Пекинг, кој е и највисок командант на вооружените кинески сили. Ши веројатно ќе ги земе во предвид реакциите на САД и ЕУ, но тоа не е одлучувачко. „Одлучувачки фактор е стабилност во Хонгонг и контрола врз градот од страна на Комунистичката партија." За шест недели Кина слави 70 години од основањето на Народната република. Земјата сака да биде на насловните страници во меѓународните медиуми со своите успеси а не со протести во Хонгконг.