Нервоза во НАТО пред славеничкиот самит во Лондон
2 декември 2019Тешко веројатно дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг очекуваше извинување од францускиот претседател Емануел Макрон кога двајцата се сретнаа во Париз за да ги расчистат тензиите кои висат во воздух по неговата неславна изјава дека Aлијансата е во состојба на „клиничка смрт“ поради погрешната клаузула за взаемна одбрана. Но, Столтенберг веројатно сѐ уште не е подготвен да ја минимализира критиката од Макрон и да објави дека дури му е „драго“ оти го создал немирот кој доминира на насловните страници пред за прославата со која треба да се одбележи 70-годишнината на НАТО во среда во Лондон. „Можеби ни требаше потребен повик за будење," изјави Макрон пркосно, застанат до шефот на НАТО. Тој предложи Алијансата да креира специјална експертска група која ќе предложи како да се зајакне стратешкото размислување и планирање – предлог кој доби подршка и од Германија. Се очекува лидерите да го подржат концептот, при што извештајот ќе биде подготвен за самитот на НАТО во 2021 година.
Боксерската вреќа на Макрон
Некои експерти велат дека доколку Макрон сакал да ги шокира сојузниците за да добие поголема воена моќ, тогаш имал погрешен пристап. „Претседателот Макрон не се обидува да започне разговор," вели директорот на Карнеги Европа, Томас Валасек. „Тој веќе ги знае одговорите што ги сака – ресетирање на односите со Русија и многу послаба улога на САД во европската одбрана. Ова се позициите за кои тој е во малцинство. Ако тој навистина сакаше да ја смени политиката на НАТО немаше да почне со фрлање дрва и камења, туку трпеливо ќе градеше коалиција за подршка на францускиот став," вели тој.
Повеќе:
-Колку е важен буџетот на НАТО?
-Макрон не жали што му детектираше „мозочна смрт“ на НАТО
-Криза во НАТО: Францијо, мора да разговараме!
Едно особено контроверзно гледиште кое го турка Макрон е дека тероризмот е најголема закана за НАТО-земјите, а не Русија и дека е време за зближување со Москва. „Претседател на земја сојузничка кој отворено сее раздор ја поткопува подготвеноста за реалните закани, " вели Валасек. Како поранешен амабасадор на Словачка во НАТО, тој не е подготвен да ја минимизира заканата од Кремљ толку бргу како Макрон. „Секој во НАТО посакува подобри односи со Русија," вели тој. „Но заклучокот на мнозинството гласи дека дека Москва има поголем интерес да го поткопа НАТО и европскиот безбедносен поредок, бидејќи дестабилизација би ѝ донела предност“.
Кина во предност
Се очекува лидерите да го потврдат првиот воопшто извештај за предизвиците од една брзо растечка и милитаризирана Кина. Александер Мателер, од белгискиот Егмонт институт, силно препорачува да се обрне внимание не само на она што се случува во Кина, туку и меѓу САД и Кина. Вели дека влијанието врз НАТО и Европа би можело да биде огромно. Мателер забележува дека токму еден од врвните авторитети и поранешен државен секретар на САД, Хенри Кисинџер предупредува дека светот се соочува со „зачетоците на Студена војна”, а нема ниту „надежни преговори за намалување на политичкиот конфликт”. Ако САД влезат во конфликт со Кина, тоа би било катастрофа за сите во НАТО, смета Мателер. Од каде би се нашле одбранбени сили ако САД се врзани на друго место? „Ќе мора во прекумерна бројка да бидат ангажирани европски војници”, вели Мателер и додава дека „Пентагон веќе многу години работи на тоа така и да биде.”
Факторот Трамп
Секако дека никој не го заборава факторот Трамп. Американскиот претседател ја користи секоја средба на НАТО само за да ги нападне сојузниците, особено Германија, заради нејзините релативно ниски издатоци за одбраната. Но, НАТО вложи напори за да трасира позитивен пат што се однесува до финансискиот аспект дефинирајќи клучни точки за идниот развој уште денови пред средбата. Столтенберг објави нова формула за финансирањето на заедничкиот буџет на НАТО со која придонесот на САД се намалува за 90 милиони евра, а германскиот придонес се зголемува на 16,35% од буџетот на НАТО, односно ист удел како и на Вашингтон. Сите други сојузници, со исклучок на Франција, се согласија да имаат поголем удел во финансирањето. Иако ваквото прераспределување нема врска со постојаната кавга за Европејците и двата проценти БДП за воените сили, сепак има добри вести на повидок и во тој дел. Столтенберг неодамна најави дека трендот на зголемување на издатоците за одбрана продолжува и дека европските сојузници по нужните кратења во буџетите во 2014 година сега презеле обврска повторно да алоцираат повеќе средства за таа намена. „Живееме во помалку предвидлив свет, мора да инвестираме повеќе во заедничката безбедност”, рече Столтенберг. Но, меѓу поголемите негови грижи се „непредвидливите” членки во рамките на самата Алијанса.