1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нејкова: Македонија изразува намери, но нема реализација

Александар Детев
22 декември 2021

Во сознанието на повеќето луѓе во Бугарија, вклучително и политичарите, долго време постои верување дека Македонците и Бугарите се еден ист народ, вели во интервју за ДВ бугарската професорка Марија Нејкова.

https://p.dw.com/p/44efz
Професор Марија Нејкова
Марија Нејкова, професор на Факултетот за новинарство и масовни комуникации при софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“Фотографија: Pressezentrum der Universität Sofia

ДВ: Професорке Нејкова, последниот Европски совет оваа година заврши без напредок на темата со Северна Македонија. Дали сè уште гледате индиции дека новата бугарска влада ќе успее да го реши спорот? 

Марија Нејкова: Ми се чини дека е рано за ваква прогноза, но има одредени промени во оваа насока. Внимателно го прочитав коалицискиот договор (на новата влада) и во делот посветен на билатералните односи беше формулирана „надградбата во конструктивен дух“ на нашите односи со Северна Македонија. Можностите за напредок најмногу ги гледам во зајакнувањето на соработката во транспортот, науката и културата, заедничките научни конференции. Но, од друга страна, сè уште ми е нејасно како ќе се спроведе оваа промена кога во исто време се декларира зачувување на обединетата позиција на Бугарија. Има некои нејаснотии - пишува дека се задржува Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, но истовремено се цитира и изјавата на премиерот Петков дека треба да се формира нова комисија за историски прашања. Сепак, тоа се луѓе кои владеат од пред неколку дена, треба да им дадеме време. Во моментов, од една страна се декларира непроменливост на позицијата, а од друга страна се навестуваат промени. 

Комисијата за историски прашања во моментов де-факто не функционира. Што треба да направи Скопје за да се тргне ова вето? 

Прашањата се формулирани во она што го нарекуваме 5 + 1: како да се користи краткото име на Северна Македонија - нешто што е напишано во договорот на Северна Македонија со Република Грција и кое што не знам како може да се смени. Второ е надминување на говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите. Се забележува дека откако Бугарија одби да ја прифати преговарачката рамка на Република Северна Македонија, таквиот говор се засили. Третата точка е работата на историската комисија, која ми се чини многу тешка за поместување. Од страна на Северна Македонија работата беше замрзната поради изборите. Сега имаше онлајн состанок. Со оглед на тоа што тие не напредуваа на состаноците лице в лице, не гледам како можат да напредуваат во нивната онлајн работа. Рехабилитацијата на жртвите од комунизмот со бугарска самосвест е многу важна. Секако, тука е и немешањето во внатрешните работи. 

Северна Македонија Бугарија Комисија Историја
Седница на македонско-бугарската Комисија за историски прашања. фото: архиваФотографија: Government of North Macedonia

Тоа „+1“ е впишувањето на Бугарите во македонскиот устав. Премиерот во заминување Зоран Заев изјави дека за ова прашање со Бугарија ќе се разговара по укинувањето на ветото. Од наша страна се вели токму спротивното. Тешка делува и работата со учебниците. Уште во 2006 година, министерот за образование во тогашна Република Македонија по средбата со неговиот бугарски колега Даниел Валчев, изјави дека македонските власти организирале конкурс за нови учебници од 5 до 8 одделение. Изразени се многу намери од страна на Република Северна Македонија, но од нив не е произлезена конкретна акција. Знам дека не е лесно да се работи на учебници, но очигледно тоа треба да се направи. 

Што ѝ пречи на Бугарија во учебниците? 

Темата е поврзана со окупациските функции на бугарската војска на нивната територија за време на Втората светска војна и начинот на кој се нарекуваат Бугарите. 

Предавате на Факултетот за новинарство и масовни комуникации на Софискиот универзитет. Дали во последните години се зајакнуваат или слабеат антибугарските пораки во македонските медиуми и соодветно антимакедонските во бугарските? 

Направена е студија во Бугарија и официјално ќе биде објавена во јануари. Во неа пикот се одбележува по блокадата на преговарачката рамка. Покрај тоа, од двете страни на границата, ликот на Гоце Делчев стана симбол на спорот. 

Дали се работи за спор за конкретни епизоди и личности од историјата, или е тоа фундаментален спор? 

Станува збор за проблем кој влече корени далеку во минатото. Тоа е поврзано со нашето ослободување од турското ропство, со фактот дека независната бугарска држава е пресечена со граници и што Бугарија води војни за територијата на Македонија. Во сознанието на повеќето луѓе во Бугарија, вклучително и политичарите, долго време постои верување дека станува збор за еден ист народ. 

И покрај сè, што доведе до 1946 година, дури и луѓето кои сметаат дека сме едно исто, мора да сфатат дека развојот, откако бевме поделени со државна граница, е многу различен. Во Бугарија имаме добро воспоставен бугарски идентитет и тој не може лесно да се разниша. На другата страна, работите се посложени. Тоа е многу помлада и помала земја која ги бара корените на својот идентитет. Ми се чини дека ние го стеснуваме контекстот, го затвораме само во рамките на односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. 

Македонија Зоран Заев Бојко Борисов Гоце Делчев
Гоце Делчев стана симбол на спорот од двете страни на границата, вели професор НејковаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Што друго треба да се земе предвид? 

Контекстот е многу поширок: оваа година имаше една многу интересна анкета на Галуп интернешнл, во која 71,1% од испитаниците рекоа дека прво треба да се решат односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а дури потоа и напредок кон членството во ЕУ. Што и да прави бугарското раководство, не може, а да не го земе предвид јавното мислење. Сепак, мора да го имаме предвид развојот на двете земји по 1946 година, но особено по 1989 година. Честопати велиме дека Европската Унија врши притисок врз Бугарија. Но, да се потсетиме што рече Путин за потеклото на азбуката. Овде ќе цитирам уште една студија, според која населението во Северна Македонија ја доживува Русија како многу ниско ниво на закана. Две третини од населението споделува приврзаност кон Русија поради „словенското братство“. Една третина сметаат дека НАТО е одговорен за провоцирање на Русија. И тоа, и покрај тоа што Северна Македонија стана членка на Алијансата минатата година. Повеќето луѓе веруваат дека Западот неправедно ја обвинува Русија за агресија. 

Сакам да кажам нешто и за Кина. Во говорот за состојбата на Унијата во септември оваа година, Урсула фон дер Лајен рече: Ние сме добри во финансирањето патишта, но нема смисла Европа да гради пат меѓу рудник за бакар и пристаниште во сопственост на Кина. Истражување на Балканската мрежа за истражувачко новинарство покажува дека Кина развива 135 проекти во шест земји од балканскиот регион. 15 од овие проекти се во Северна Македонија и се проценети на повеќе од 654 милиони евра. 

Мора да земеме предвид дека покрај Договорот за добрососедство имаме и Декларација на Народното собрание од 2019 година. Имаме рамковна позиција за прашањето за проширувањето. Тоа се незаобиколни документи. Без усвојување на нова декларација, бугарската држава не може да излегува од рамката на овие документи. 

Во име на геополитичката стабилност и рамнотежа, дали Бугарија треба да ја омекне својата позиција?

Не сакам да давам предвидувања кои не можам да ги бранам. Но, мислам дека ќе се направат напори Бугарија да не западне во регионална и континентална изолација.

 

Проф. Марија Нејкова е долгогодишен предавач на Факултетот за новинарство и масовни комуникации при софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ со предавања за меѓународни односи, меѓународно новинарство, Балкан. Авторка е на повеќе книги и многу статии. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема