Ние, нашиот страв и коронавирусот
14 март 2020Таксистката што ме носи од редакција до Институтот Роберт Кох во Берлин, има свој став за темата број 1 во Германија. Прашува: „Што се случува кога весник ќе напише ‘не се плашете од розови слонови!’ Луѓето тогаш ќе викаат: леле, зарем кај нас има розови слонови?”
Тоа е соодветен опис на она што моментално го доживува Германија со новиот вирус. Се откажуваат службени патувања, дури и во самата земја. Одеднаш во канцелариите по ѕидови висат шишиња со средства за дезинфекција. Ординациите се преполни, сакаат да се тестираат и луѓе кои немаат никакви или само мали симптоми. Се откажуваат саеми, партиски конгреси. Но, секое утро трамваите се полни како и секогаш. Дали навистина треба да одиме во карантин?
Мора ли веднаш да се полни шпајзот?
Не го правиме тоа. Иако научниците имаат право - ако сите си поседиме на едно место две недели вирусот нема да има шанси да се прошири. Но, за разлика од Италија, епидемијата во Германија е уште во фазата на „задушување”.
Дали мора заради тоа веднаш да го преполнуваме шпајзот со резерви, како што се случува на некои места? Кога едно општество ќе се соочи со стравот, се случува да ги заборави сите правила на добро однесување, а тоа за жал мора да кажеме посебно важи за германското. Па луѓето депонираат заштитни маски, иако според експертите тие не помагаат во случајов, а посебно се потребни во клиниките и ординациите. Евидентно криминално е и што се крадат заштитни маски и се нудат на интернет по многу повисока цена од реалната. Но, тоа функционира само заради тоа што луѓето лесно запаѓаат во хистерија и самите ги создаваат пазарите на црно.
На прес-конференциите со министерот Јенс Шпан или експертите на Роберт Кох институтот се поставуваат прашања кои само покажуваат колку глупави знаат да бидат и новинарите. Зошто уште нема вакцина, прашање со обвинување во тонот. Вирологот со реноме, Кристијан Дростен, постојан гостин по телевизиите, кој заедно со колегите од светот макотрпно работи на изнаоѓањето вакцина против коронавирус, вложува напори да се контролира и постојано мирно да ги повторува истите реченици: вирусот е нов, многу нешта ни се непознати, работиме на тоа, но побрзо од ова не може. Во погледот му се чита дека тоа што мора да се објаснува го смета за губење време.
Повеќе:
Меркел: Коронавирусот ќе зарази голем процент од населението
Коронавирусот и берзите: Ќе биде ли уште полошо?
Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус
Првиот човек на Роберт Кох институтот, Лотар Вилер, не успева да допре многу длабоко со изјавата дека повеќето нови инфицирања се случиле во земјата и дека ретко кој веќе го донесува вирусот од странство. Тоа е добра вест бидејќи така лицата со кои контактирале се помалку и експертите може да се концентрираат на борба со вирусот на домашен терен.
Колективен страв
Во суштина се соочуваме со колективен страв. Во нашиот богат, технички управуван и автоматизиран свет веќе не сме научени на непредвидливи работи. Во таков случај доброволно и спремни го претпоставуваме најлошото. Од друга страна познато ни е дека има сезона на грип во студените месеци од годината. Само за споредба, : од почетокот на годината над 100.000 луѓе во Германија се разболени од грип, а околу 200 починале. Меѓу нив има многу стари и изнемоштени лица. Но, оваа статистика не носи насловни страни во медиумите. Исто како и кај летањето: експертите и статистичарите неуморно повторуваат дека летањето е најбезбедно превозно средство. Опасноста да загинеш во сообраќај е неспоредливо повисока. Но, сликите од ужасни авионски несреќи остануваат врежани во мозокот. Илјадници секојдневни успешни полетувања или слетувања не се за на насловна страна.
„Германијо, олади малку"
Во основа, мојот впечаток е дека лекарите, медицинскиот персонал и научниците во Германија добро се справуваат со коронавирусот. Точно, здравствениот систем има слаби страни, здравствените установи се преоптоварени, а има недостаток на персонал. И глобализијата има своја „луда“ страна, како што може да се види сега - колку лекови се произведуваат во Кина и сега недостасуваат.
Кога дома жолчно ќе се вознемирам за мали нешта, моите деца ми се обраќаат на „новогермански“ јазик: „Тато, олади малку!“ И тоа ме вади од такт. Ама сега можам да го употребам во актуелниот контекст и да кажам:„Германијо, олади малку!“ Ајде да го сфатиме вирусот сериозно, да ги слушаме експертите и да задржиме студена глава. И не заборавајте да миете раце, да не се ракувате на поздравување, подобро споделете една насмевка. И секако да не мислиме на најлошото можно сценарио.