1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никола Тодоров повикува ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши Василевска

28 октомври 2019

Секое калкулирање или колебање ќе нанесе дополнителни и несогледливи последици по партијата“, и` порачува Тодоров на партијата

https://p.dw.com/p/3S2q2
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Поранешниот функционер во ВМРО-ДПМНЕ и министер за образование и здравство, Никола Тодоров, во разговор за Дојче веле, испрати, како што вели, „отворен и искрен повик до Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ" да поведат постапка за разрешување на Иванка Василевска од Извршниот Комитет, како и дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата. Реакцијата следи по интервјуто на Василевска во српски медиум, со тези спротивни на стратегиските цели на партијата и државата. Таа подоцна испрати демант до српскиот медиум каде ја демантираше формата („не се работи за интервју, туку за слободен разговор, академско толкување на  состојбите на Балканот"),   но не ја демантираше содржината на изјавите кои предизвикаа незадоволство во јавноста.

„Како долгогодишен член и функционер на ВМРО ДПМНЕ, неправедно исклучен поради јавно искажан збор и борба за остварување на стратегиските цели на партијата и државата, испровоциран од интервјуто на г-ѓа Иванка Василевска од 24.10.2019 за српскиот медиум ‘stanjestvari.com', ги повикувам и апелирам веднаш да ги свикаат надлежните тела на партијата и без одлагање да ја разрешат г-ѓа Иванка Василевска од функцијата член на ИК на ВМРО- ДПМНЕ, како и да поведат дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата, бидејќи делува и работи спротивно на стратегиските цели и интереси и на партијата и на државата. Ова, од причина што Василевска со посоченото интервју сериозно го наруши угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ, како дома така и во странство“, изјави Тодоров за Дојче веле.

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Никола Тодоров: ВМРО ДПМНЕ не смее да отстапи од своите стратегиски цели и интересиФотографија: DW/B. Gerogvievski

Освен на неколкуте нејзини скандалозни тврдења, тој се осврнува и на фактот што во интервјуто Василевска јавно и без колебање изрази воодушевеност од политиката на неутралност на  српскиот претседател Александар Вучиќ

„Имајќи предвид дека Србија веќе има отпочнато преговори за полноправно членство во ЕУ, јасно е дека воодушевеноста од неутралноста се однесува на ставот на Србија за неутралност кон НАТО, односно изразеното противење на Србија да стане членка на НАТО, како и воодушевеност од српската политика на кокетирање помеѓу Русија и западните демократии. Ова не смее да биде став ниту определба на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа е во целосна спротивност со доктрината, програмата и стратегиската определба на партијата“, реагира Тодоров.

Според него, доколку раководство на партијата не поведе постапка за Василевска, сега и веднаш, ќе остави простор ВМРО-ДПМНЕ да се смета за партија која подржува неутралност (старата политика на неврзаните) и дека е против НАТО.

„Ова никако не смее да го дозволите. По ниедна цена. Па и по цена да изгубиме некој глас поради ова. Не е важно дали сме пред избори или по избори, дали сме на власт или во опозиција, ВМРО ДПМНЕ не смее да отстапи од своите стратегиски цели и интереси. Делувајте брзо и одлучно. Секое калкулирање или колебање ќе нанесе дополнителни и несогледливи последици по партијата“, и` порачува Тодоров на партијата.

Василевска веројатно еднаш реагиралa до српскиот медиум, но не поради содржината на објавеното интервју, туку поради тоа што била испуштена буквата M oд името ДПМНЕ. На тоа укажува фактот дека под, дотогаш недемантираното интервју, стоеше „извинување од Редакцијата до Василевска и до читателите, поради грубата техничка грешка“.

Нема пилот во авионот

Демантот на интервјуто од страна на Василевска е испратен дури по жестоките реакции во македонската јавност, но според нашите соговорници, и тој е на стаклени нозе.  

„Смешни се тие обиди за деманти, кога оној кој се обидува сам да се демантира, не ги демантира тезите или не ги изменува, туку само се обидува да каже дека интервјуто било усно, а не писмено. Што е тука разликата? Што е тука демантирано?“, прашува Петар Богојески, кој беше дел од инцијативата за внатрешни реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Спорното интервју на Василевска доаѓа во период кога ВМРО-ДПМНЕ јавно потврдува дека се залага за членство на земјата во ЕУ и НАТО, а од друга страна, нејзини пратеници и партиски функционери во интервјуа за странски медиуми зборуваат за „начини на кој може да се поништи" или „одново да се разгледа“ Преспанскиот договор, иако е јасно дека без него членството во Алијансата ќе беше невозможно. Изјавата на Василевска дека ако Македонија биде принудена на федерализација една од опциите е активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 г. („Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?), доаѓа во време кога Христијан Мицкоски (случајна симболика) го освојува Титов врв, и кога изјавува дека „во времото кога југоносталгичарите од СДСМ уште се колнеле во Белград и Москва, ВМРО-ДПМНЕ била таа што говорела дека иднината на земјата е ЕУ".

Petar Bogojevski VMRO DPMNE Reformpolitiker aus Mazedonien
Петар Богојески: Авионот има проблем, зашто пилотот е во странство, во БудимпештаФотографија: Privat

„Овој раштиман оркестар, кој раководи со ВМРО ДПМНЕ и испраќа дијаметрално спротивни ставови, збунувачки за сами членови на партијата, но и за сите граѓани, ја докажува мојата теза дека дел од раководството е под директна контрола на одредени центри на моќ, но и под контрола на самата власт“, вели Петар Богојески.

„Со овие изјави и политиките кои се најавуваат, во целост се рушат сите можности за некаков подобар резултат на таа ‘контролирана опозиција' и се остава простор за продолжување на власта на СДСМ! Она што го изјавуваат Василевска, Муцунски, Милошоски, па и самиот Мицкоски, нема ништо заедничко со каузата на ВМРО. Нема ништо заедничко со македонската кауза. Ниту пак оди во прилог на македонската државност. Сите изјави се со обратен ефект, директно спротивни на македонските национални интереси. Манифестираат гол популизам, кој е одамна прочитан од македонските граѓани, но и од меѓународната заедница. Мицкоски зборува за македонизам, кој не го поима и се обидува да го копира поимањето на македонската современа нација промовирано од наша страна преку ‘Македонски Концепт'“, оценува Богојески.

Смета дека Мицкоски преку неговите гласноговорници шири небулозни тези.

„Милошоски ја прогласи ЕУ за мртов проект, ширејќи евроскептицизам во име на ВМРО-ДПМНЕ, што значи и во мое име и во име на секој еден член. Тоа не им е дозволено. Тоа е спротивно на самиот Статут и програма на партијата. Муцунски се обидува да биде патриот по нарачка, а не му стои. Делува смешно. Во него нема ништо изворно вмровско. Василевска промовира четничко будење во Македонија, антипод на каузата на ВМРО. Се повикува на можноста да се уништи суверенитетот на македонската Република, можноста да се укине автокефалноста на МПЦ, што е повеќе од национално предавство. Со тоа треба и институциите да се позанимаваат.

Се` на се`, владее едно лудило, авионот има проблем, зашто пилотот е во странство, во Будимпешта, тешко се управува од дистанца, особено со вака некадарни асистенти, внатре во тој авион. Сето ова оди во интерес на СДСМ и на Зоран Заев“, уверен е Богојески.

Затвореноста на ЕУ раѓа шизофренични идеи

За професорот и поранешен амбасадор Ѓорги Спасов, ваквите состојби не се изненадувачки по  ветото на Франција  за почеток на преговори со ЕУ, особено по изјавите на Макрон дека сите земји на Балканот не мора да станат членки  на ЕУ, туку дека може да им се понуди „привилегирано парнерство".

Nordmazedonien und EU
Француското вето за почеток на преговори на С. Македонија со ЕУ отвори дилемиФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

„По сето ова во нашата земја со право  се создаде чувство на измаменост и потреба од размислување на тема: Што ако блокадата за членство во ЕУ потрае прилично долго? Одговорите на тоа прашање се прилично ‘шизофренични', особено од страна на десницата. Мицкоски, на пример, вели дека ако победи на изборите ‘ќе ја стави Македонија на  брза трака за влез во ЕУ',  а истовремено дека постојат најмалку два начини да се врати уставното име на Македонија. Првиот бил Уставниот суд да го укинел Договорот од Преспа, а вториот - да добиел двотретинско мнозинство во Собранието плус гласови по Бадинтер, со кои тој ќе го сменел Уставот. Со истите идеи Александар Николовски ветува членство на Македонија во ЕУ до 2025 година, но и укинување на Преспанскиот договор. А Иванка Василевска смета дека по овој ‘дебакл' треба да се приближиме кон Србија или да бидеме паметни како Србија, па додека чекаме членство во Унијата да се отвориме за соработка со Кина и Русија, да извезуваме во Евроазија а Македонија да ја направиме ‘Швајцарија на Балканот'. Ако ЕУ остане долго затворена за нас, не е чудно ваквите идеи, колку и неверојатно да звучат, да добиваат на својата привлечнот“, вели Спасов.

Ваквите „идеи“ ги смета за резултат на фактот што голем број граѓaни ги нервира повторувањето на фразата ‘ние немаме алтернатива', а очигледно ни перспектива, и што јавното мислење во Македонија е противречно. „Мнозинството е се` уште против промената на името, но и за членство во ЕУ. И ВМРО- ДПМНЕ ветува дека тоа е можно, иако знае добро дека е невозможно. Другите идеи се во насока на очекувањата на ЕУ дека ако земјите од регионот ја изгубат европската перспектива реално ќе се отворат можности за поголемо влијание врз нив од Русија, Кина и Турција. Според мене, тие се повеќе еден вид закана, отколку реална алтернатива“, смета Спасов.