Никос Коѕијас- грчкиот „Суслов“
23 јуни 2018Никос Коѕијас претставува еден значаен, но досега малку познат дел од германско-грчкото пријателство: за време на грчката воена диктатура (1967-1974) овој левичарски активисти, како и многу други Грци, наоѓа прибежиште во Германија за да го избегне судењето пред атинскиот воен трибунал. Коѕијас студирал во Гисен, а за време на егзилот активно се борел против воената хунта во неговата татковина. Докторирал на универзитетот во Марбург, а од 2007 година е професор на факултетот во Пиреја. Во студентските денови во Гисен живеел на иста улица со актуелниот германски претседател и екс шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер со кого во меѓувреме изградија и лични пријателски односи.
Шефот на грчката дипломатија важи за добар познавач, но и критичар на Германија. Насловот на неговата последна книга пред преземањето на функцијата зборува за себе: „Грција- должничка колонија. Европската империја и германското претседавање“. Внимание предизвика и неговата претходна книга „Надворешната политика на Грција во 21. век“, во која левичарскиот политичар пледира за поголемо приближување кон Кина, Индија, и Русија и Бразил.
„Коѕијас е професор по меѓународни односи со тежишна точка на БРИКС-државите, и неговиот интерес е насочен кон овие земји. Но, тоа не значи дека тој го доведува под прашање европскиот идентитет на Грција“, ќе рече Јоргос Ѕогопулос, од атинскиот тинк-тенк Елиамеп за ДВ.
Поранешен комунист
Неговиот политички пат Коѕијас го започнува во Комунистичката партија на Грција (ККЕ), еден од последните тврдокорни комунистички бастиони во Европа. Тој е основач на младинската комунистичка организација КНЕ и на левичарскиот тинк-тенк „Никос Пуланцас“. Комунистите во меѓувреме одбиваат коалиција со Сириза, новиот политички дом на Коѕијас, отфрлајќи ја истата како „последна резерва на капитализмот“. Во 70-те години Коѕијас важи за еден од главните идеолози на комунистите и го добива прекарот „Суслов“- според сивата еминенција на советските комунисти, Михаил Андреевич Суслов. Во 1981. година, Коѕијас предизвикува вџашеност откако го поздравува воениот пуч на генералот Војчих Јарузелски во Полска. Но, само неколку години подоцна доаѓа до раскин со неговите другари: во 1989. комунистите прифаќаат историски преседан и коалиција со Конзервативците, со цел да се изнесе пред суд тогашниот социјалистички премиер Андреас Папандреу. Коѕијас со група незадоволници од партијата формира нова левичарска група.
Извонреден теоретичар и стратег
Од 1993 година, Коѕијас е вработен во Министерството за надворешни работи, меѓудругото и како советник на шефот на дипломатијата Јоргос Папандреу. Според магазинот „То Вима“, Коѕијас е еден од творците на договорот од Хелсинки од 2002. година со кој се отвора кандидатскиот статус за Турција, но и патот на Кипар кон ЕУ. Во професорските денови, Коѕијас се залага и за постепено приближување кон Турција.
Шефот на грчката дипломатија има напишано 24 книги и научни текстови. Важи за извонреден мислител и стратег, кој сепак инсистира на сопствените погледи во однос на надворешната политика. Нејасен останува неговиот однос кон Русија. Откако уште на почетокот на мандатот се спротивстави на засилени санкции против Русија поради конфликтот во Украина, се јави впечаток дека Грција излегува од заедничката коалиција на ЕУ- државите. Владата во Атина го демантираше тоа и тврди дека се работело само за процедурална забелешка. Но, контактите со Москва, во секој случај, се негуваат.