Нимиц: Дојдено е време за решение на спорот за името
30 јануари 2018„Сите знаат кои се проблемите. Постои време за носење одлуки, и мислам дека сме стигнати дотаму“, рече Метју Нимиц во Атина, каде денеска се сретна со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.
„Знам дека грчката влада е многу искрена и полна енергија за да се изнајде решение за проблемот... Мислам дека има волја тука, и исто така во Скопје, да се најде решение“, изјави Нимиц. Тој дополни дека чекањето, и забавувањето на нештата во моментов нема никаква логика, како во Грција, така и во Македонија. Нимиц се сретна и со Јоргос Кумуцакос, кој е одговорен за надворешна политика во опозициската Нова демократија.
Шефот на грчката дипломатија Коѕијас синоќа во интервју за државната телевизија изјави дека целта на неговата влада е да се разговара „за име на јазикот или јазиците на соседната држава кое нема да може да биде преведено на ниту еден друг јазик“. Коѕиас смета дека ќе бидат неопходни и промени на Уставот на РМ. Агенцијата Франс Прес пишува дека едно од предложените имиња од страна на Нимиц кое оди на линија со ставовите на Коѕијас е „Република Нова Македонија“ на латиница (Republika Nova Makedonija).
Атина веќе ја официјализираше најавата дека во февруари ќе ѝ достави на Македонија 4 точки на нацрт договор кој, доколку биде прифатен, ќе стане основа за решавање на спорот и ќе треба да биде одобрен од парламентите во двете земји.