1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов Зеланд сака да стане земја на непушачи

ЖА / агенции
9 декември 2021

Нов Зеланд планира да ја забрани продажбата на цигари и да креира генерации на непушачи

https://p.dw.com/p/441k2
Zigaretten
Фотографија: picture-alliance/PA Wire/M. Rickett

Нов Зеланд планира постепено да им стави крај на цигарите во земјата и до 2027 година да „креира непушачка генерација“. 

Тинејџерите, кои при стапувањето во сила на законот, се помлади од 14 години, во Нов Зеланд никогаш не ќе можат легално да купуваат производи од тутун, изјави денеска заменичката министерка за здравство Eјша Верал. Новиот закон, чиј предлог беше објавен денеска, веројатно  ќе биде донесен до крајот на идната година, известува весникот „Њу Зеланд Хералд“.

„„Наша цел е младите луѓе никогаш да не почнат со пушење, затоа продажбата на тутунски производи на младината ќе биде казнива“, истакна Верал.

Според планот,  пушачите ќе можат да купуваат само цигари со многу низок процент на никотин, а дозвола за продажба на тутунски производи ќе добиваат постојано намалувачки број продавници.

„Ова е историски ден за здравјето на нашиот народ“, потенцира Верал, според која пушењето е најчестата причина за избеглива смрт во Нов Зеланд. Штетите предизвикани од  пушење се најприсутни кај староседелците на островската земја, Маорите и во населбите каде живеат луѓе со помали примања.

Во моментов околу 11,6 проценти на лицата над 15 години  во Нов Зеланд пушат цигари, а процентот е повисок кај припадниците на домородното население Маори -29%.
Верал најави и мерки за помош при одвикнување од пушење. „Ако спречиме луѓето да почнат да пушат, а на пушачите им помогнеме да прекинат со пушење, тогаш ги опфаќаме двата краја на спектарот“, изјави политичарката.

Критичарите меѓутоа предупредуваат дека забраната би го засилила  црниот пазар на цигари.