Нов рекорд: Инфлација од речиси осум проценти во Германија
30 мај 2022Инфлацијата во Германија со ова надминува граница од седум проценти веќе трет месец по ред. Во март цените направија нагол годишен скок од 5,1 процент на 7,3 проценти, во април стапката на поскапувања изнесуваше 7,4 проценти, за сега да стигне до речиси 8 %, рекорд каков што немало по повторното обединување на земјата. За да се најдат слични примери на висока инфлација, потребно е навраќање во историјата – во 1973/1974 година причина беше скокот на цените на нафтата, последица на првата нафтена криза.
И сега инфлацијата во Германија, но и во цела Европа, е условена од пораснатите цени на енергијата. Трендот присутен со месеци, дополнително се заостри со руската војна во Украина. Освен тоа, индустријата имаше проблеми и претходно, поради пандемијата на коронавирус не функционираа како што треба синџирите за снабдување.
Високата стапка на инфлација ја намалува куповната моќ на потрошувачите, за истите пари можат да купат помалку производи, иако германската сојузна влада се обидува да ги растовари граѓаните со милијарди тешки пакет за помош.
Во меѓувреме се подготвува и првото покачување на основната каматна стапка во еврозоната по повеќе години: Европската централна банка најави крај на сегашната политика на негативни каматни стапки и покачување во два чекори – во јули и во септември, со цел преку повисоки камати да се справи со растечката инфлација.