Нов рекорд на инфицирани, во Баварија состојба на катастрофа
11 ноември 2021Бројот на новоинфицирани со коронавирус во Германија го надмина прагот од 50.000! Институтот „Роберт Кох“ денеска соопшти дека за 24 часа се регистрирани 50.196 новозаразени лица. Инциденцијата достигна нов рекорд - 249,1.
Бундестагот денеска треба да дебатира околу предлог законот на СПД, Зелените и ФДП, со кој би требало да биде ставен крај на вонредната корона состојба во државата на 25 ноември. Освен тоа, се предлага и 3Г-правило (вакцинирани, оздравени и лица со негативен тест) на работното место, како и повторно воведување на бесплатни корона-тестови.
Повеќе: Германија: Рекорден број инфицирани, промена во препораката за вакцини
Меркел бара средба со покраините
Во дебатата за ефикасна борба против пандемијата на коронавирусот се вклучи и канцеларката на заминување, Ангела Меркел. Таа бара во периодот помеѓу работата на старата и новата влада да се постигне повторно поголема единственост на мерките за сузбивање на пандемијата и инсистира на средба со покраините која би се одржала наскоро.
Повеќе: Критика за идните ковид-мерки во Германија
За одржување ваква конференција се заложи и вршителот на должност министер за здравство, Јенс Шпан. Тој за РТЛ/НТВ изјави дека е тоа сигнал за тоа колку е состојбата сериозна. Шпан смета дека на ниво на цела држава треба да има единствени правила за тоа кога важи правило 3Г, а кога 2Г(вакцинирани и оздравени).
Баварија кочи
Во меѓувреме, покраината Баварија веќе повлече кочница. Поради значително зголемениот број на новозаразени, прогласена е состојба на катастрофа.
Повеќе: „Короната ќе стане вирусно заболување со кое ќе можеме да се справуваме“
Баварскиот премиер Маркус Зедер вели дека за огромниот пораст на корона-инфекции е виновна ниската стапка на вакцинација. Тој ги отфрла обвинувањата дека политиката реагирала предоцна. „Не се виновни државите. Дел од луѓето се однесуваат (...) неразумно“, изјави Зедер за утринската програма на АРД.
Инциденцијата во Баварија изнесува 427,4. Повисока инциденција имаат само уште Саксонија - 521,9 и Тирингија - 469,2.