1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова ера во грчката политика!

З. Јордановски/дпа11 јули 2015

„Од оваа ноќ Грција стана поинаква земја од онаа што досега ја познававме“ - вака медиумите ја оценуваат новата атмосфера во грчката политика. Веќе нема непремостливи јазови помеѓу парламентарните фракции.

https://p.dw.com/p/1FxJj
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Saitas

Ретка констелација во грчката политика: премиерот Алексис Ципрас не треба да стравува од ниеден водач на опозицијата, во парламентот доби поддршка за своите предлози за штедење и реформи како ретко кој премиер во поновата историја на Грција - па и покрај тоа неговата влада стои на стаклени нозе!

Ципрас не обезбеди сопствено мнозинство во парламентот

Делови од неговата левичарска партија Сириза не сакаа да бидат соучесници во пресвртот што го направи Ципрас, кој досега настапуваше како противник на штедењето: 17 пратеници од левото крило на Сириза беа против, се воздржаа или воопшто не беа присутни на гласањето во парламентот. Петнаесетмина други изјавија дека „со тешко срце“ гласале „за“, само оти не сакале да му ја заслабнат позицијата на премиерот спроти претстојните преговори во Брисел. Јанис Варуфакис, до пред некој ден министер за финансии, не се ни појави во парламентот, туку со сопругата и ќерката отишол на викенд на островот Енгина. Од 162-ца пратеници од владиниот табор, рано изутрината само 145 го поддржаа барањето на Ципрас да му дадат мандат за преговори за нова програма за помош. Неопходни беа 151 глас. Ципрас, значи, не обезбеди сопствено мнозинство!

Griechenland / Parlament / Sparprogramm
Невидени сцени во грчкиот парламентФотографија: Reuters

Врие во Сириза, но и кај коалициониот партнер

Од ова засега нема да произлезат никакви конкретни последици за Ципрас, не е ни планирано гласање за доверба. Но, тој веќе не ќе може да постапува како ништо да не се случило и да прејде на вообичаеното секојдневие. Тој самиот најави дека ќе се занимава со оваа тема - но дури откако ќе била постигната согласност со доверителите. Факт е дека тој не може да се потпре врз сопствено мнозинство по прашање кое е од животна важност за неговата земја. Весникот „То етнос“ зборува за „илегални борци кај Сириза“, а „Та неа“ дури и за „ноќен пуч во владината партија“.

Но, не врие само во Сириза, туку и кај малиот коалиционен партнер Анел. Панос Каменос, шеф на оваа партија на десни популисти, употреби тешки зборови за да ги убеди неговите пратеници да гласаат за програмата за штедење и реформи: „Од нас зависи дали в понеделник уште ќе је има Грција“.

Премиерот има повеќе алтернативи

Нова напнатост во владиниот табор може наново да се очекува да избие најдоцна кога ќе мора да бидат донесени конкретни закони на пример за покачување на границата за одење во пензија на 67 години или за покачување на данокот. Сириза до пред кратко време беше стриктно против такви мерки. Ципрас, според гледања на аналитичари, има различни можности за обезбедување стабилно мнозинство во парламентот: тој би можел да ги потсети парламентарците на дадениот чесен збор дека во случај на конфликт со линијата на партијата ќе ги вратат пратеничките мандати, или пак тој би можел да побара друг коалиционен партнер, како либералната партија Потамос (Река), да формира влада на национално единство или да оди на нови избори. Не може да се предвиди кој пат ќе го избере премиерот.

Пријателски подадена рака од лидерот на опозицијата

Ноќешната парламентарна дебата во секој случај покажа дека во грчката политика настапи ново време. Секоја партија може да прави коалиција со секоја друга, со исклучок на деснорадикалната Златна зора и на комунистите. Веќе нема непремостливи јазови помеѓу парламентарните фракции. „Вратете се од Брисел во секој случај со постигната согласност“, му порача на Ципрас водачот на конзервативната опозиција Евангелос Меимаракис и пријателски му подаде рака. Таква сцена одамна немало во грчкиот парламент. Поддршката од опозицијата за шефот на владата весникот „То етнос“ ја смета за историски настан: „Од оваа ноќ Грција стана поинаква земја од онаа што досега ја познававме“.