Нова надеж за болните од Паркинсон
29 јуни 2005Сите ние во животот поретко или почесто сме биле болни. Во таквите моменти кај сите нас се буди природниот инстинкт да си помогнеме, да се излечиме. Но, во многу незавидна положба се наоѓаат оние меѓу нас кои се заболени од неизлечива болест. За нив помош може да дојде само од најновите достигнувања на научниците кои истражуваат во областа на медицината.
Со помош на таканаречената длабока мозочна стимулација се ублажуваат симптомите на болеста кај заболените и на многу од нив им се овозможува повторно нормално учество во секојдневниот живот. Некои од пациентите кои учествувале во студијата повторно добиле целосна контрола врз сите телесни функции.
Со длабоката мозочна стимулација, која се применува само кај тешко болни пациенти, низ еден мал отвор во черепот се имплантираат електроди во делот од мозокот кој е одговорен за тресењето, типично за паркинсоновата болест. Преку еден пеисмејкер се пуштаат слаби електрични импулси кои ги смируваат хиперактивните нервни ќелии.
Оваа метода се употребува од средината на деведесетите години и е единствена од тој тип. „ Сметаме дека оваа терапија има голема иднина за они пациенти, кај кои лековите не можат да помогнат за подобрување на состојбата„-вели неврологот Гинтер Дојшл од универзитетската клиника Кил, кој ја водеше оваа студија. Стимулација може да се примени кај 10 до 15 проценти од вкупно 250.000 заболени од Паркинсон во Германија.
Меѓу најпроминентните пациенти на оваа болест се вбројуваат неодамна починатиот Папа Јован Павле Втори, боксерската легенда Мухамед Али и глумецот Мајкл Џ. Фокс.
Научниците за првпат докажаа дека пеисмејкерот го подобрува животниот квалитет на болните од паркинсон. Така наречената длабока мозочна стимулација се применува кај пациенти, кај кои медикаментите не делуваат. По операцијата кај болните особено се подобруваат рефлексите за движење.
За прв пат ваква операција беше направена на 6 мај 2004 година. Тим од лекари на универзитетската клиника во Кил, Германија, на пациентката Карин Хут и вградија пеисмејкер. За неа операцијата беше последна надеж.
„Да, јас веќе дваесет години примам само лекови. На секои две години одев во болница и таму ми препишуваа нови таблети. Сепак секојпат кога ќе се вратев дома ми беше се полошо. Ден и ноќ седев на столица затоа што не можев да лежам во кревет.„
Здравствената ситуација на Карин Хут толку се влоши што лекарите и советуваа да се оперира. Во нејзиниот мозок беа вградени електроди. Причина за паркинсоновата болест е имено изумирање на нервните клетки во централниот мозок кои ја призведуваат материјата Допамин. Последици од тоа се тресење, парализираност и други симптоми. Електродите во главата на Карин Хут треба токму тука да помогнат. Електродите го стимулираат заболениот дел во мозокот и со тоа ги потиснуиваат симптомите на болеста.
Една година подоцна, во јуни 2005 година, Карин по комплицираната операција се чуствува како нов човек.
„По операцијата мојот живот потполно се промени. Повторно можам да одам во купување, да се сретнувам со пријателите, да одам во театар и на забави. Всушност се она што го чини животот. „
Исто како Карин Хут и многу други заболени од Паркинсон можеа да профитираат од таканаречената длабока мозочна стимулација, објаснува неврологот Гинтер Дојшл од универзитетската клиника во Кил. Резултатите од оваа операција се позитивни, смета тој. Мозочната стимулација делува веднаш по операцијата и допринесува до значително подобрување на состојбата на пациентите:
„Одлучувачкиот аргумент за оваа операција е тоа што мозочната стимулација ја враќа болеста на стадиум од пред 15 до 20 години.„
Тоа значи дека пациентите повторно можат да одат и многу помалку се тресат. Кај пациентите пак кои примаат само лекови ситуацијата не само што незначително се подобрува туку многу често и се влошува.
Меѓутоа мора да се забележи дека мозочната стимулација не ја лечи паркинсоновата болест. Таа само ги ублажува маките на заболените. Досега исто така беа оперирани само пациенти од една старосна група. Неврохирургот од Кил Максимилиан Медорн вели:
„Досега опериравме само постари пациенти затоа што тоа се пациентите кај кои состојбата не може веќе да се подобри со употреба на лекови. Со искуствата кои досега ги добивме сега се ориентираме кон помладите пациенти за да им овозможиме и ним нормално функционирање во секојдневниот живот.„
Какви резултати ќе има длабоката мозочна стимулација кај помладите пациенти ќе покаже студијата која треба да започне уште оваа година.