Новајлијата Церар го презема кормилото во Словенија
26 август 2014Владата под раководство на Миро Церар ќе се концентрира на економскиот пораст, отворање нови работни места и задржување на постоечките, како и зголемување на конкурентноста на земјата во меѓународни рамки, вети новиот словенечки премиер во својот говор. Професорот по право победи на предвремените избори на 13 јули, иако неговата зелено-либерална партија СМЦ беше основана само еден месец претходно.
Партијата на Церар има намера да влезе во коалиција со Демократската партија на пензионери и Социјалните демократи. Тие заедно би имале 52 од вкупно 90 места во парламентот во Љубљана. Засега е познато дека во новата влада ќе има 16 министерства, од кои најмалку осум ќе и‘ припаднат на партијата на Церар. Двата партнера во коалицијата отфрлаат приватизации, а непосредно пред гласањето во парламентт Церар стави јасно до знаење дека ќе преземе „стратешки“ чекори во процесот на приватизирање на државниот имот. Детали не наведе. Аналитичарите сметаат дека е можно новата влада, која треба да биде готова за две недели, да ги одолговлекува приватизациите и реформите на државниот сектор. Досега државата контролира околу половина од стопанството и има големо влијание и во банкарството, трговијата на мало, телекомуникациите и медиумите.
„Програма без бројки“
Критики на сметка на новоизбраниот премиер дојдоа од поранешниот претседател на владата и опозиционен лидер Јанез Јанша од Словенечката демократска партија. Ниту еден премиер во Словенија досега не поднесол програма во која „нема никакви бројки и рокови“, критикуваше тој. Јанша од јуни е во затвор поради поткуп, но смееше да учествува на вчерашната седница на парламентот. Една комисија во моментов преиспитува дали Јанша кој е осуден на две години завор, смее да го задржи пратеничкиот мандат.
Двете претходни влади на Словенија беа соборени за кратко време поради корупциски афери и политички борби за моќ. Церар сега мора да се погрижи за финансиите на земјата, која беше многу тешко погодена од финансиската криза во 2008 година и должничката криза во еврозоната која потоа следуваше.