1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови рестриктивни ковид мерки за јавниот сектор

ДТЗ
17 ноември 2021

Мерките треба да стапат на сила 10 дена по нивното освојување. Министерството за здравство препорачува да ги применуваат и приватните компании.

https://p.dw.com/p/435zJ
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Се стегa обрачот околу невакцинираните лица против Ковид-19. Комисијата за заштита од заразни болести препорачува нови мерки за сите вработени во јавниот сектор, кои во иднина за да дојдат на работа ќе мора да имаат или потврда за најмалку една примена вакцина, негативен ПСР тест, кој не е постар од 72 часа или потврда за прележан ковид, која што не е постара од 45 дена. Друга мерка која се предлага е задолжителна вакцинација за сите вработени во здравството. 

Овие мерки Комисијата ќе ги достави до Владата, а треба да стапат на сила 10 дена по нивното усвојување. Министерството за здравство препорачува да ги применуваат и  приватните компании. 

Исклучоци 

Од овие мерки ќе бидат изземени лицата кои што ќе имаат потврда од лекар дека не смеат да се вакцинираат. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека од мерките се изземени случаите на ретки имунолошки состојби. „Тоа се ретки имунолошки состојби за што ние ќе излеземе со соодветна листа на болести“, рече Филипче.

Контролата за новата мерка, која што се предлага, ќе ја врши одговорно лице, кое ќе ги проверува документите при влез на работното место. 

Пред неколку дена стартуваа новите ковид-правила коишто ги усвои Владата, за влез во затворени објекти само за вакцинирани и за прележани од ковид. Новите мерки се носат како последица на зимскиот ковид-бран, кој повторно ги полни болниците. На удар на новите мутации на вирусот најчесто се невакцинираните лица.