1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите први жртви на ескалирачката криза

3 март 2017

Новинарите стануваат цел на речиси секојдневни напади паралелно со ескалацијата на политичката криза во Македонија. Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ напаѓаат новинари во нивните домови, во ресторани и на митинзи.

https://p.dw.com/p/2YZzM
Journalisten-Proteste in Skopje Mazedonien 20.01.2014
Фотографија: DW/K. Blazevska

Три директни вербални и физички напади врз новинари во последнава недела во Македонија, и безброј навреди и закани испратени преку социјалните мрежи. Паралелно со ескалацијата на политичката криза, групи млади луѓе напаѓаат новинари во нивните домови, во ресторани, како и за време на митинзи на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во вторникот физички беа нападнати и повредени репортерот и камерманот на порталот „А1он“. Двајцата завршија во болница, а нивните напаѓачи досега не се пронајдени слично како и во бројни други случаи во изминативе години кога цел беа новинари, претставници на невладини организации или активисти на ЛГБТ-заедницата.

Дури и оние новинари кои подоцна информираа за инцидентот на социјалните мрежи беа цел на закани и навреди и беа нарекувани „предавници“ и „странски платеници“ од националистичките ботови. Хајката беше особено насочена против новинари на Балканската истражувачка мрежа (БИРН), а анонимен твитерџија дури ја објави и домашната адреса на еден од новинарите.

Следниот ден, во средата на 1 март, двајца млади луѓе се појавија пред вратата на домот на Бранко Тричковски, пензиониран новинар и остар критичар на ВМРО-ДПМНЕ и нивното 10-годишно владеење.
„Тричковски, како не ти е срам, предавнику“, му рекол младиот човек со качулка на главата.

„Такви беа децата во тонот, во интонацијата, ми се стори дека и тие самите знаат дека тоа што го изговорија им е снимено како обврска пред некоја инстанца“, напиша подоцна Тричковски на својот Фејсбук-профил. Настанот бил сниман од напаѓачите и подоцна објавен на социјалните мрежи.

Во четвртокот, новинарот Борјан Јовановски беше навредуван и плукнат додека ручал во еден скопски ресторан. Во слично сценарио, и нему еден млад човек му порача дека е „предавник“, додека неговиот ортак од безбедна оддалеченост го снимал нападот.

„Детето е злоупотребено“, реагираше подоцна Јовановски на Фејсбук. „Пораката е примена. Инспираторот е исто така познат... Миленко Неделковски“, тврди Јовановски.

Naser Selmani
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, го обвини експремиерот Груевски дека стои зад нападите врз новинаритеФотографија: Petr Stojanovski

Виновен е Груевски?!

Јовановски, како и многу негови колеги, со години се соочуваат со вербални и физички напади, закани и навреди, но последната кампања „е кулминација на случувањата од последните години“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани по нападот врз новинарите на „А1он“. Според него, нема дилема кој стои зад последниот бран напади.

„Сакам да пратам порака дека било што да им се случи на новинарите од овој момент лично одговорен ќе го сметаме Никола Груевски и неговите пајташи. Зошто тој спречува нормален, мирен трансфер на власта во Македонија и за сите последици што ќе настанат ќе одат на негова адреса“, изјави Селмани.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата на Селмани и го обвинија дека „лаже и манипулира“.

Повеќе од 100 новинари од регионот, обединети во неформалната Новинарска мрежа, во меѓувреме изразија солидарност со своите колеги во Македонија и предупредија дека состојбата во земјата се влошува.

Од доаѓањето на власт на Груевски и неговата партија во 2006 година, Македонија константно назадува на сите листи на релевантни меѓународни организации кои ги оценуваат демократскиот развој, човековите права и слободата на медиумите. Во 2016 година, земјата за првпат беше оценета како „неслободна“ од страна на Фридом Хаус во однос на слободата на медиумите- единствена во Европа во друштво со Русија и Турција.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje
Протести на новинарите во 2013 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Политиката на безумие, ментална и морална пореметеност

Последните политички превирања и одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ ги користи за нови напади против новинарите и граѓанското општество. Сигналот за тоа уште во декември минатата година го даде екс премиерот Никола Груевски, кога најави пресметка со неистомислениците преку т.н. „десоросоизација“. Опскурни групи како „Стоп операција Сорос“ се ангажирани во ширење на пораките на Груевски и неговата клика и прогласување на одделни медиуми и невладини организации за „странски платеници“ и „предавници“.

Во меѓувреме, говорот на омраза, навредите и повиците за напади станаа речиси секојдневие на социјалните мрежи и во некои провладини медиуми.

На политичката криза не ѝ се гледа крајот, а новинарите, со години соочени со систематски хајки и цензура од владата, сега треба да стравуваат и за своите животи.

„Вербалното насилство во континуитет промовирано од власта почнува да метастазира во состојба во која новинарите и медиумските работници веќе не се сигурни ниту на работното место ниту во својата приватност“, вели Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Осудувајќи го последниот напад врз новинарот Борјан Јовановски, Синдикатот во соопштение оценува дека тој бил нападнат од „извршител на политиката на безумие, ментална и морална пореметеност која за жал се засилува во Македонија“.