1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново средство за борба против отпорните тумори

5 март 2009

Француските научници од Институтот Кири, кој годинава одбележува 100 години од основањето, пронајдоа начин кој ги наведува канцерогените клетки да се самоуништуваат и да не се размножуваат.

https://p.dw.com/p/H6F7
Во борба против туморитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Станува збор за една молекула наречена „Dbait, bait“- во превод мамка (мали фрагменти од ДНК), кои едноставно ги „разоружуваат“ заболените клетки, давајќи им лажни информации дека се нападнати со што ги спречува да се обновуваат и истовремено тие стануваат понеотпорни на радиозрачењето. Болната клетка наместо да се множи и да го потхранува туморот, се самоуништува.

Овој засега експериментален метод влева голема надеж за заболените од тумор во пределот на главата и вратот, бидејќи како што најавуваат од Париз, првите клинички тестови ќе започната да се спроведуваат кон крајот на 2010, односно на почетокот на 2011 година. Во половината од терапиите за лекување на ракот се користат силни радиоактивни зраци или хемиски препарати кои делуваат врз заболените клетки. Овие терапии имаат за цел да ја елиминираат заболената клетка со создавање на штета директно во нејзината внатрешност. Клетките пружаат отпор на надворешните напади, испраќајќи го нивниот одбранбен механизам за поправка на штетата, со што ја отстрануваат предизвиканата штета. Така радиотерапијата, или хемиотерапијата, немаат никаков ефект и туморот продолжува да се развива.

Научниците веќе подолго време се обидуваат да најдат начин со кој ќе ги „разоружаат“ заболените клетки и ќе ги направат понеотпорни на класичните терапии. Група на француски научници од Институот Кири, изгледа дека се на пат да најдат решение, кое се темели на збунувањето на одбранбениот механизам на клетката.