Да се свртиме кон надежта и вербата
31 декември 2021Претседателот Стево Пендаровски, на почетокот од својата традиционална честитка до граѓаните по повод Нова година, потсети на предизвиците и трагедиите што ѝ се случија на земјата во изминатата година, односно тековната пандемија на коронавирусот и пожарот во тетовскиот ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе, како и несреќата на македонскиот автобус во Бугарија во кој загинаа 45 луѓе: „ Испраќаме уште една година што ја поминавме со пандемијата која одзеде многу животи. Година во која во две големи несреќи загубивме многу наши сограѓани, загуби какви што одамна не паметиме“, вели Пендаровски.
Но, претседателот, истакна дека во 2021 земјата имала и бројни херои: „Пожртвуваноста, солидарноста и одговорноста на здравствените работници, спасувачките служби, волонтерите и другите луѓе со добра волја кои ги премостуваа етничките, верските, политичките, социјалните разлики за да им помогнат на оние на кои им беше потребно, се нашите херои за оваа година“, порача македонскиот претседател.
Според него во фокусот на општествените заложбите во 2022 година треба да биде градењето на просперитетна земја од која младите нема да сакаат да си заминат:
„Дочекувајќи ја новата 2022 година, да се свртиме кон надежта и вербата кои ќе ни помогнат да изградиме просперитетно општество во кое сите ќе бидеме еднакви пред законот. Општество кое ќе се грижи за послабите, ќе ги вреднува и наградува доблесните, во кое младите ќе сакаат да останат и да се остварат во својата држава“ , истакна претседателот, посакувајќи им на граѓаните спокојни празнични денови со нивните семејства и пријатели и многу здравје во новата 2022 година..