„Нон-пејпери“ предизвикуваат немир на Западен Балкан
17 април 2021Пандемијата во Босна и Херцеговина во последниве месеци однесе толку многу животи во однос на бројот на жители како во ниту една друга земја во Европа. „Погреби како на лента“, напиша Ерих Ратфелдер во текст во „Тагесцајтунг“. Само овој факт треба да е доволен да го сврти нашето внимание кон Западниот Балкан. Но, ЕУ во моментов се чини е повеќе зафатена сама со себе.
Додека Босна и Херцеговина се бори со пандемијата, со неуспехот во вакцинацијата, односно немањето вакцини кои требаше да се обезбедат преку Ковакс системот, како и со сопствените политичари, во Брисел во оптек се пуштени повеќе нацрт „нон-пејпери" за Босна и Херцеговина – неофицијални документи кои како „пробни балони" треба да покажат колку се прифатливи одредени политички предлози содржани во нив.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман на 22 март во Брисел претставил еден таков „нон-пејпер“, кој е потпишан и од Словенија, Унгарија, Бугарија, Грција и Кипар. Овој документ во основа е насочен кон тоа „како да ѝ се помогне“ на Босна и Херцеговина на патот кон ЕУ.
Повеќе: Кој го става барутот во балканското буре?
„Нон-пејперот“ предизвикува незадоволство
Со овој „нон-пејпер“ хрватската владеачка партија ХДЗ ги поддржува напорите на нејзината сестринска партија, босанската ХДЗ, за измени на изборниот закон во Босна и Херцеговина така што и понатаму ќе остане блокадата во земјата, а со тоа ќе се осигура и континуитет на контролата и влијанието на Хрватска во донесувањето на одлуки во соседната земја. Фактот дека ова го отвора патот за креирање трет ентитет и во крајна линија до припојување со Хрватска, не е толку очигледен на прв поглед од „нон-пејперот“.
Хрватскиот „нон-пејпер“ предизвика незадоволство кај многумина. Мануел Сарацин, член на германскиот Бундестаг и портпарол за политиката за источна Европа на пратеничката група на Сојузот 90/Зелени, доби задоволителен одговор од владата на прашањето во врска со германската позиција за изборните реформи во БиХ: „Владата го поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина со сите постоечки ентитети. Креирање на трет ентитет, дополнително на постоечката федерација на Босна и Херцеговина, како и Република Српска, според германската влада, не може да биде целта на реформските напори."
Повеќе: Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците
Мирно разединување на Босна и Херцеговина?
Членот на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ – босански Хрват, кого ХДЗ во Босна и Херцеговина и Хрватска не го прифаќа, напиша свој сеопфатен „нон-пејпер“ како одговор на хрватскиот и на 2 април го испрати во Брисел. Во документот тој го изразува својот став за, како што вели, нејасната ЕУ политика која е под силно влијание на Хрватска и тамошната ХДЗ, како и за недостатокот на неутралност на Делегацијата на ЕУ во БиХ и севкупниот погрешен пат во спроведувањето на изборните реформи во земјата. Меѓу другото, тој го посочува и мешањето на Србија и Хрватска во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, како и на притисокот од Русија поради босанските аспирации за членство во НАТО. Во неговото писмо тој бара активен ангажман од ЕУ и помош за деблокада на државните институции, бидејќи во спротивно, смета Комшиќ, ситуацијата во Босна и Херцеговина дополнително ќе се влоши. Меѓународната заедница реагираше на тоа и од сите политички чинители побара да не шпекулираат и да не предизвикуваат непотребни тензии.
Пред само неколку дена Жељко Комшиќ потврди дека словенечкиот претседател Борут Пахор при последната посета на Сараево на 5 март на тројцата членови на Претседателството им кажал дека во Европа има сѐ повеќе гласови кои се залагаат за тоа распадот на Југославија да се заокружи.
Истовремено Пахор прашал дали е можно „мирно разединување“ на Босна и Херцеговина. Според Комшиќ, тој и Шефик Џаферовиќ, босанскиот член на Претседателството, изјавиле дека такво нешто е невозможно, додека Милорад Додик, српскиот член, изразил спротивен став. Не е никаква новост дека ваков став Додик застапува со години.
„Словенечкиот документ“
Човек може да се запраша зошто ваква важна информација дури сега се објавува во јавноста. Една причина, која се чини разбирлива, е тоа дека во оптек е нов „нон-пејпер“ за „нерешените национални проблеми на Србите, Албанците и Хрватите“ по распадот на Југославија.
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша кој е добар пријател на Виктор Орбан, на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во февруари исто така му доставил „нон-пејпер“, но не по официјални канали. Тој пак самиот негира дека е автор на документот.
„Нон-пејперот“ насловен како „Западниот Балкан – патот напред“ објавен неделава на словенечкиот веб-сајт „necenzurirano.si" е сѐ, само не тоа. Многу повеќе е продолжение на политиката на Србија и на хрватската владејачка партија ХДЗ во однос на Босна и Херцеговина. Според некои информации, дел од документот бил изготвен во Будимпешта, но во Брисел го нарекуваат „словенечкиот документ“.
Можни воени судири
Тој предизвика големи бранувања, бидејќи во него се предлага измена на границите во регионот на начин што ќе има Голема Србија, Голема Хрватска и Голема Албанија. Според предлогот, Босна и Херцеговина би се поделила меѓу Хрватска и Србија и само еден мал дел од земјата би им останал на Бошњаците. Оттука воопшто не изненадуваат гласните противења од Босна и Херцеговина, но и од Црна Гора. Се зборува дури и за можни воени судири.
Во документот се зборува дека веќе се одвива „тивка проверка“ со клучните носители на одлуки во регионот и кај меѓународната заедница околу можноста да се реализира предложениот план. Застрашувачки е што дел од меѓународната заедница очигледно е веќе вклучен во една ваква „премолчена процедура“. Дали веќе се заборави дека во Босна и Херцеговина токму поради плановите за поделба на земјата еднаш дојде до ужасна војна?
Јанша не ги отфрла директно ваквите обвинувања. Тој нагласи дека Словенија „сериозно се залага за изнаоѓање решенија за развој на регионот и ЕУ-перспективите на земјите од Западен Балкан“ и дека тврдењата оти документот се надоврзува на поранешните планови за поделба „се обид да се спречат таквите цели."
Заложба за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина
Словенечкиот претседател Пахор не се изјасни за нон-пејперот, но од неговата канцеларија, меѓу другото, споделија: „Претседателот Пахор постојано предупредува од идејата за распад на Босна и Херцеговина и прекројување на границите на Западен Балкан. Во овој контекст, заради неговата загриженост околу таквите идеи, тој сите тројца членови на босанското претседателство ги прашувал во врска со тоа при посетата на Сараево во март годинава."
Пахор при гостување во словенечката телевизија ПОП ТВ рече дека по враќањето од Босна и Херцеговина уште повеќе е убеден оти ЕУ е исправена „пред непријатна ситуација во која не преку ноќ, но сепак многу брзо ќе мора да донесе одлука за иднината на Западен Балкан". Тој стравува дека сегашното темпо е пребавно. „Во тој случај на Западен Балкан сешто ќе се случи, можеби дури и под примена на насилство, и ние повторно ќе бидеме сведоци на крвопролевање."
Американската амбасада во Сараево реагираше на плановите содржани во „нон-пејперот" со јасен став во кој застанува зад мировниот договор од Дејтон и одбива какво било ново повлекување граници: „Босна и Херцеговина е демократска, мултиетничка, суверена и независна држава со неоспорен територијален интегритет." И позицијата на Европската унија се чини е јасна. „Нема нешто што би требало да се промени", изјави портпарол на Европската комисија.
Повеќе: Јанез повторно би цртал граници
ЕУ мора да застане против национализмот
Сепак, таквите „премолчени процедури”, како што се споменуваат во „нон-пејперот“, се загрижувачки вести, особено во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи и за Европа на земјите членки на Унијата на 19 април, на чиј дневен ред е Западен Балкан, а и пред самитот Брдо Бриони во Крањ, кој треба да се одржи за околу два месеца. Брдо Бриони процесот е словенечко-хрватска иницијатива која ја основаше Пахор во 2010 како тогашен премиер и чија цел е да ја зајакне меѓусебната доверба и поддршка на европскиот пат на западнобалканските земји. Годинава францускиот претседател Емануел Макрон е гостин на самитот. Но, со вакви „нон-пејпери" кои Словенија и Хрватска ги пуштаат во оптек, не може да станува збор ниту за доверба ниту за поддршка.
Нејасно е зошто Словенија, која наскоро го презема претседателството со ЕУ, го потпишала „нон-пејперот" на Хрватска. Но, јасно е дека идеите од 80-тите години, кои во тоа време ги застапуваа Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, и денес се сѐ уште прилично живи.
ЕУ мора конечно да се постави против националистички и фашистички стремежи, и во сопствените редови и на Западен Балкан, а особено на Босна и Херцеговина, да им пристапи со јасна, транспарентна и фокусирана политика. Тоа е од исклучителна важност и заради националистичките појави во рамки на ЕУ.
Проф. д-р Кристијан Шварц-Шилинг од 1982 до 1992 година беше сојузен министер за Пошта и телекомуникации. Поднесе оставка во знак на протест против однесувањето на германската влада во босанската војна. Во 2006/2007 беше Висок претставник и Специјален ополномоштеник на ЕУ во Босна и Херцеговина.