Норвешка: На враќање од одмор,во принуден хотелски карантин
24 април 2021Околу аеродромот Осло има повеќе хотели спремни да ги прифатат норвешките одморалци по враќање од патување. И на останатите погранични премини и аеродроми има вакви карантин-хотели. Автобуси ги носат патниците директно таму, каде ги чека сместување по цена од 50 евра девно по лице. Недоброволниот хотелски престој трае десет дена. Норвешката министерка за правда Моника Маеланд објаснува зошто е ова подобро од домашен карантин.
„Главна цел на карантин-хотелите е да не увезуваме дополнителни инфекции, посебно се мисли на мутациите. Сместувањето во карантин-хотели нуди подобри можности за контролирање на придржувањето кон пропишаните правила“.
Норвежаните не се одушевени од принудното одење во хотел, на пример Петер Бостром Хансен. Тој и сопругата зимата ја поминале на Канарските Острови. Повеќе би сакале да платат казна од 2.000 евра или дури кратко да одат во затвор отколку десет дена во хотел.
„Подобро ќе ги сносам последиците, нема веројатно да не пикнат во затвор. Дури и да го направат тоа, келијата би ми била помила, таму можеби дури и јадењето е подобро. Но во хотел не одам и точка. Таму се собираат луѓе од цел свет, а некои веројатно се и инфицирани“, вели револтирано Хансен.
Норвешките медиуми известуваа и за случај кога еден Норвежанец се обидел тајно да ја премине со скии шведско-норвешката граница, за да го избегне хотелскиот карантин. На крајот морал да биде спасуван, премрзнат и прокиснат и сега сепак е во карантин-хотел.
Други пак имаат разбирање и го прифаќаат карантинот, како Даниел Стеен, кој бил во посета кај пријателката во Финска:
„Ова е ограничување на слободата, но моја беше одлуката да патувам во странство.“
Даниел теоретски може да го напушти хотелот по седум дена, ако биде негативен на тест за коронавирус. Но, остатокот до десет дена мора да го помине во домашна изолација.
Повеќе на темата:
Строгиот карантин донесе успех во Португалија
Принуден карантин: 12 квадратни метри за прекршители на Ковид-мерките
Одмор во Занзибар со коронавирус во куферот
Гостите во карантин-хотелот имаат ограничено право на движење, барот не работи, исто како и фитнес центрите. Луѓето кои имаат позитивен тест не смеат воопшто да ги напуштат собите, вели директорот на карантин-хотелот, Томас Одегард:
„Три пати дневно им се носи храна до собата, се остава пред врата.“
Норвешка релативно добро помина низ пандемијата, со ниска стапка на смртност и помал број случаи на заболени. Но, од пред неколку недели бројките растат, посебно во регионот на Осло. Затоа од општината не гледаат алтернатива за карантин-хотелите, вели Силвија Астад:
„Ова е во служба на општеството, сите мора да преземат одговорност.“
Премиерката на Норвешка Ерна Солберг пред неколку дена претстави концепт за постепено отворање на земјата. Во фокусот се децата, младината и стопанството и работните места. Засега не станува збор за разлабавување на правилата за хотелски карантин.