Ноќта кога Дрезден беше срамнет со земја
13 февруари 2015„На Театарскиот плоштад таа слика ја гледам како да беше вчера, стоеше трамвај кој беше целосно во пламен“. Илзе Наке била дете кога во ноќта на 13 кон 14 февруари 1945 година почнало бомбардирањето на Дрезден. Таа трагедија длабоко и се врежала во сеќавање. „Се сеќавам на едно мало девојче со крвави раце, таа слика никогаш нема да ја заборавам. Илзе тогаш имала само четири години. Ноќта ја минала со родителите во подрумот на куќата во која живееле. Во подрумот доаѓале сѐ повеќе луѓе кои бегале од бомбите. Сето време одекнувале сирените.
Надвор, на улиците е пеколно. Бомбите на британското воено воздухопловство паѓаат врз куќи и згради, а барокниот центар на градот го претвораат во пустина која гори. И подрумот во кој се наоѓаат Илзе и нејзиното семејство е затрупан. Луѓето успеваат да излезат дури со помош однадвор. „Од куќата не остана многу. Можеше да се види само уште трпезаријата“, раскажува Илзе. Семејството бега кон реката Лаба. Децата ги заштитуваат со шамичиња кои мајката претходно им ги подготвила. Дрезден долго беше поштеден од нападите на сојузниците. Но, неполни три месеци пред крајот на војната, во нападот врз градот кој трае непрекинато 37 часа, фрлени се илјадници бомби. Семејството на Илзе ноќта ја минува на отворено. Следниот ден се упатуваат кон дрезденскиот мост „Сино чудо“. Воените авиони повторно се враќаат, овојпат бомбардираат Американците. Илзе Наке раскажува, слично како и многу други граѓани на Дрезден, дека авионите летале многу ниско и дека пукале и врз луѓето. За таквите тврдења до денес нема докази.
„Немало директни напади врз цивили“
„Имало воздушни борби меѓу ловците кои ги следеле бомбардерите и германските воздушни сили“, вели воениот историчар Матијас Рог. „Очевидците до денес сведочат за тоа, тогаш најголемиот дел од нив биле деца и не можеле добро да проценат“. Сепак, Рог истакнува дека сведочењата на децата се многу важни и дека задачата на науката е таквите извештаи да ги стави во вистински контекст. Рог исто така потсетува дека посебна комисија составена од историчари, со длабински сонди ги испитала сите ткн. сомнителни површини на кои, според тврдењата на сведоците, биле извршени непосредни напади врз цивили. „На ниту една површина не се пронајдени остатоци од муниција која би можела да се поврзе со напади во низок лет“, се наведува во извештајот на комисијата. Наместо тоа, пронајдени се бројни остатоци од бомби.
И покрај тоа, за смисолот и значењето на бомбардирањето на Дрезден и денес се дискутира. Во нападите, градот бил срамнет со земја, а убиени се и многу цивили, што укажува на тоа дека целта не била уништување на воени објекти кои и ги немало. Многу историчари тврдат дека бомбардирањето не довело ни до побрз крај на војната. Други пак потсетуваат на важноста на индустријата во Дрезден и на фактот дека Хитлер прв започнал со воздушни напади врз европските градови. Дури во 1977 година, во Женевската конвенција е внесена забрана за масовно бомбардирање на градови, заради заштита на цивилите.
Детството почнало по војната
Илзе Наке успеала заедно со своите родители, браќа и сестри, да се спаси од градот во пламен. На многу други жители на Дрезден тоа не им успеало. Според последните проценки, во воздушните напади биле убиени 25 илјади луѓе. Кога во мај 1945 година во градот влегле Советите, семејството Наке избегало во околните шуми. Во Дрезден се вратиле подоцна. Во градот преполн со урнатини немало доволно храна за големото семејство, па децата биле испратени кај роднини. Илзе во Дрезден се вратила дури кога имала 7 години. И како што вели, тогаш почнал најубавиот период од нејзиното детство.