1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА го „поседува“ интернетот

К.А. Шолц/афп/дпа/Б. Георгиевски4 јули 2014

Поранешниот шеф на техничкиот оддел на НСА во германскиот парламент изјави дека американската агенција станала „тоталитарен“ собирач на податоци. На удар особено се граѓани кои користат заштитени сервиси.

https://p.dw.com/p/1CVX1
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

Поранешниот шеф на техничкиот оддел на НСА, Вилијам Бини во Берлин ја опиша американската безбедносна агенција како ентитет кој ги напуштил сите принципи на владеењето на правото и ги прекршил демократските слободи на граѓаните. Бини е првиот американец кој сведочи во германскиот Бундестаг пред новоформираната комисија која го истражува прислушкувањето од страна на НСА. Бини ја обвини НСА дека има „тоталитарен менталитет“ и дека сака „целосна информативна контрола“ над граѓаните во директно прекршување на американскиот Устав. Таков пристап јавноста досега видела само во диктатурите, вели тој.

Масовното собирање податоци е „бесчувствително“ и во суштина не помага во борбата против тероризмот, туку само ги намалува способностите на агенцијата, смета Бини. Бини ја напушти функцијата во НСА во 2001 година, кусо откако агенцијата започна со масовно следење на комуникациите по нападите од 11 септември.

NSA Untersuchungsausschuss 3.7.2014 Binney
Комисијата на Бундестагот за НСАФотографија: picture-alliance/dpa

Вториот поранешен вработен во НСА; Томас Дрејк, пред комисијата изјави дека сите податоци кои минуваат низ Германија се следат од НСА и од германската служба БНД. Американската влада има целосна контрола, а молкот на БНД по ова прашање е „ужасно“, оценува Дрејк. Тој смета дека САД стануваат држава во која приватниот живот на граѓаните станува посед на државата. Во средата, комисијата за заштита на приватноста и човековите права именувана од американскиот претседател Барак Обама, ги бранеше активностите на НСА и оцени дека тие не ги нарушуваат човековите права на американските граѓани.

НСА цели кон заштитените корисници

Два германски јавни сервиси, НДР и ВДР, во четвртокот објавија дека НСА е особено заинтересирана за индивидуи кои користат посебни видови заштита и енкрипција за да ги сокријат трагите на интернет. Деталите за овие поединци, вклучително и нивните ИП адреси, се филтрираат и се ставаат во специјална база на НСА. Изворите на двете телевизии велат дека студентот Себастијан Хан од германската сојузна држава Баварија, бил цел на НСА затоа што ја користел сервер на заштитената мрежа Тор, во обид да ги сокрие своите активности. Самиот Хан во својот блог вели дека шокиран поради тоа што НСА ги следела неговите активности само поради тоа што сакал анонимно да користи интернет.

Првиот човек на мрежата Репортери без граници во Германија, Кристијан Мир, вели дека бројни новинари и активисти за човекови права ја користат оваа мрежа, а нивното следење од страна на НСА го докажува „целосниот цинизам“ на американските шпионски активности.

NSA Untersuchungsausschuss 3.7.2014 Binney
Вилијам БиниФотографија: picture-alliance/dpa

Во сведочењето пред комисијата, Бини оценува дека извештајот на НДР и ВДР е веродостоен. Членот на комисијата во Бундестагот, социјалдемократот Кристијан Флисек побара од јавното обвинителство итно отворање истрага поради „масовното шпионирање на германските граѓани“. Претседавачот на комисијата Патрик Сенсбург, од редовите на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, ја отвори седницата со тврдење дека членовите на комисијата знаат многу малку за внатрешната структура и делувањето на НСА. За време на сведочењето, четворица нејзини членови од редовите на демохристијаните бараа да се блокира преносот од дел од сведочењето на двајцата американци.