1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нѐ убиваат со загаден воздух“

Свето Тоевски28 декември 2015

„Маглата“ во Полошко, особено кога има најголема фреквенција на моторни возила и кога локалните индустриски погони испуштаат разновидни честички во воздухот, стана секојдневие. Загаденоста е и 20 пати над лимитот!

https://p.dw.com/p/1HUT6
Фотографија: DW/S. Toevski

Во последните десетина дена загаденоста на воздухот само во градот Тетово и неговата поширока околина, каде што живеат стотина илјади жители, достигна невидени, алармантни димензии: беа измерени 878 микрограми ПМ 10-честички на еден кубен метар воздух, односно речиси 18 пати повеќе од дозволените концентрации, а пред неколку дена тие честички ги имаше дури и 20 пати над дозволените! На една прес - конференција во Штуловиот универзитет во Тетово беа соопштени дел од податоците и анализите на неговиот Институт за животна средина, според кои од изминатите 360 дена во годината, 336 дена тетовци дишеле загаден воздух. Заради одржување на човековото здравје во една година дозволени се само 35 такви денови. Затоа, не е веќе чудно ако во Тетово забележите една „нова мода“: млади луѓе, деца, но и повозрасни луѓе додека се движат по улиците со гази и маски на лицата. Други на своите смартфони имаат посебни програми, преку кои се приклучуваат на интернетските страници на Министерството за животна средина и на мерните станици, за да видат дали „денеска аерозагаденоста на воздухот е само 6 пати над дозволените граници, или пак скокнала над десет, па и 15 пати повеќе од лимитот“. Д-р Муртезан Исмаили, експерт за биохемија и пензиониран доскорешен директор на споменатиот Институт за животна средина отворено предупредува: „Покрај веќе регистрираните ПM 10-честички од прав во воздухот, има сериозни индикации за постоење и на многу поопасни материи во воздухот, кои се и канцерогени и токсични за човековото здравје, но, потребна е современа апаратура, за да се направат такви мерења на аерозагаденоста на воздухот над Тетово и поширокиот регион, за да се потврди во колкава мера е ова точно.“

Заради ова, Институтот за животна средина и здравје при Штуловиот универзитет започнува со градба и поставување подвижни мерни станици, кои ќе ги мерат сите компоненти на загадувањето на воздухот, што претставува проект под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање. Првите резулатати се очекуваат за 3 месеци што ќе биде поттик за научно дефинирање на оваа проблематика. Базата на податоци ќе биде достапна на интернет.

Една неодамнешна студија за аерозагаденоста на воздухот не само над Тетово, туку и за цела Македонија, која ја направи тим на истражувачи по налог на Светгската банка, покажа дека освен цврстите честички ПМ 10 ги има и уште помали такви: ПМ 2,5, кои се уште помали и поопасни за дишните патишта на луѓето. Според таа студија, во воздухот над Тетово и другите градови во Македонија има: јаглероден моноксид од издувните гасови од моторните возила, од внатрешни извори, кои вклучуваат печки што согоруваат керозин, или дрва; сулфур диоксид кој оди во атмосферата од термоелектраните на јаглен, рафинериите на нафта, од капацитетите за производство на сулфурна киселина и од топењето руди што содржат сулфур; состојка на аерозагаденоста е и азотниот двооксид од моторните возила, електричните објекти и разновидни индустриски капацитети во кои се согоруваат течни и други горива. Сите овие материи кои се наоѓаат во воздухот предизвикуваат срцево-венски заболувања, главоболки, намалена мозочна активност, надразнување и солзење на очите, кашлица, астма и бронхитис, во одделни случаи доведуваат и до мозочни и срцеви удари, но и рак.

Mazedonien Proteste gegen die Luftverschmutzung in Tetovo
Од изминатите 360 дена во годината, 336 дена тетовци дишеле загаден воздухФотографија: DW/S. Toevski

„Сакаме воздух“

Драган Ѓорѓев, професор по здравствена екологија од државниот Медицински факултет во Скопје, еден од авторите на споменатата студија, за ДВ оценува: „Аерозагаденоста над Тетово, но и Скопје и другите градови во Македонија, предизвикува услови за заболување на белите дробови и другите органи од респираторниот тракт кај луѓето, кардиоваскуларни болести, а се создаваат и услови за појава за одделни видови канцер. Аерозагаденоста на Тетово и другите македонски градови е проблем, кој ќе мора да се решава долгорочно и со цел комплекс мерки, не со еднократни потези. Вие можете и сиот сообраќај да го сопрете, ама со тоа ќе ја намалите аерозагаденоста само за 15 - 20 проценти. Има повеќе други извори на тоа.“

Граѓаните на Тетово на зачестените еколошки протестни собирања во градот носат транспаренти на кои пишува „Сакаме воздух“, „Немаме резервна планета“, „Стоп на аерозагадувањето“. Повеќемина од нив со голем револт бараат најитно преземање мерки за намалување на загаденоста на воздухот, што го уништува нивното здравје и здравјето на нивните деца.

Пеце Т., 28-годишник и татко на тригодишна ќеркичка, вели: „Страв ни е да ги пуштаме децата на улица да одат, им го одземаат детството, каде да проговорам со моите колеги и пријатели, сите исто се прашуваме: има ли некој што ќе преземе нешто? Ја прекинаа наставата во сите училишта и ги затворија градинките, божем да се заштитат децата од загадениот воздух, но,со тоа воопшто не се решава проблемот.“

Гојко Ефтовски, новинар и повеќедецениски хроничар на животот на Тетово, е категоричен: „Мора да се сопре оваа неконтролирана урбанизација на Тетово, која веќе ја оневозможува природната циркулација на воздухот во градот и околината, ја нема онаа таканаречена ’роза на ветрови’ - струење на воздухот на сите четири страни. Причина за загаденоста на воздухот е и тоа што има приближно 35 илјади автомобили и други моторни возила во Тетово, а во Гостивар и неговата околина уште 18 илјади возила, што значи дека во поширокиот Полошки регион, во оваа котлина под Шара има напати и 55 - 60 илјади возила. Многу голем број од нив се со еуро-1, еуро-2 и поретко еуро-3 и еуро-4 норми за испуштање на штетни материи од ауспусите. Не мал број домаќинства се топлат со горење и на брикети, кои се прават со лепак. ’Југохром’, оддалечен 16 километри од Тетово, не е најголемиот загадувач на овој град“.

Насер Р., истакнува: „Ни ја одземаат иднината, не убиваат со овој и олку загаден воздух. Има ли државни институции во земјава, може ли локалните власти да преземат нешто ефикасно?“

Mazedonien Verkehrschaos in Tetovo
Загадувачите се бројниФотографија: DWS. Toevski

Претстои долга борба

Министерството заживотна средина во врска со сите протести на жителите на Тетово, но и од другите градови во државата истакнува за ДВ: „Ние сме свесни дека овој проблем не се решава преку ноќ и не се решава само со затварање на Југохром или само со воведување на посебен режим во сообраќајот, туку бара интензивна, систематска и планска соработка на сите сектори и на сите нивоа во еден подолг временски период, за да конечно кога ќе ја отвориме веб страницата и ги видиме показателите на загадување на воздухот од нашите мерни станици кажеме дека сѐ е во ред. Во дефинирањето на мерките, во рамките на Интерсекторската работна група вложивме многу труд и време, ги анализиравме искуствата од другите европски и светски метрополи и градови и ги прилагодивме на наши услови. Начин за справување со загадувањето секадe во светот е сличен и бара добри урбанистички планови, гасификација, контрола на возниот парк, рестрикции на движења на возила, бара воведување на алтернативни видови на превоз и посебна инфраструктура, значи бара плански и систематски пристап во решавање на проблемите и се разбира бара време и дополнителни финансии. Министерството во континуитет презема активвности за реализација на дела од предвидените мерки. Една од среднорочните мерки чија реализација е во тек е изработка на Оперативни програми за намалување на загадувањето на воздухот на подрачјето на Град Скопје, на Тетово и на Битола за ПМ 10 честичките, зголемен инспекциски надзор на индустриските капацитети од страна на Државниот инспекторат за животна средина, планско обновување на постоечките и создавање на нови зелени површини, со соодветна вегетација за апсорбирање на загадувачките супстанци и др. Инаку во наредниот период преземаме активности за изработка на Оперативни планови за намалување на загадувањето на воздухот во сите останати градови во државата.“

Одделно, општинските власти на Тетово најавија дека ќе воведат „пар - непар“ режим на сообраќајот, оти ќе се прскаат улиците со калциум магнезиум ацетат, „Југохром“ привремено запре со работа и од неговите печки не излегува веќе чад во воздухот, но, ова е само почетокот на една долга и упорна борба со аерозгаденоста во Тетово, која веќе сериозно се одразува врз здравјето и животите на неговите жители.